Колумна на Слободан ТОМИЌ – Македонија не е фонтана на желби за Радев и Јотова: Што навистина се крие зад завесата на барањата што не завршуваат?

Македонија Свет

„КОГА ЕДЕН НАРОД ПОЧНУВА ДА ПРЕГОВАРА ЗА СОПСТВЕНАТА ИСТОРИЈА, ТОЈ РИЗИКУВА ДА ЈА ЗАГУБИ СОПСТВЕНАТА ИДНИНА.“


ВАЦЛАВ ХАВЕЛ

Пишува: Слободан ТОМИЌ

Слободан ТОМИЌ

Понекогаш една средба кажува повеќе од десетици дипломатски соопштенија.
Токму тоа се случи во Софија, на маргините на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, кога претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и министерот Тимчо Муцунски имаа разговор со бугарската потпретседателка Илијана Јотова.
Во само неколку реченици паднаа многу илузии што со години се градеа во македонската јавност.
Со години се повторуваше дека проблемот има едноставно решение.
Со години се уверуваше јавноста дека сè се сведува на една уставна измена.
Со години се тврдеше дека внесувањето на Бугарите во Уставот ќе биде последниот чекор пред вистинскиот почеток на европските преговори.
Но пораките што дојдоа од Софија кажаа нешто сосема друго.
Самата претседателка Гордана Сиљановска-Давкова по средбата изјави дека не станува збор само за уставните измени, туку и за дополнителни барања поврзани со протоколите и со работата на историската комисија.

Тоа беше исклучително важна порака.
Не затоа што откри нешто ново.
Туку затоа што јавно го потврди она што долго време се претпоставуваше.
Дека приказната не завршува со Уставот.
Таму, всушност, започнува.
Истата порака ја испрати и премиерот Христијан Мицкоски.
Тој предупреди дека уставните измени се само почеток и дека по нив следуваат Акцискиот план, работата на историската комисија и обврските од Вториот протокол.
Мицкоски употреби силна формулација кога рече дека со уставните измени се отвора „Пандорината кутија“.
И токму таа формулација најдобро ја објаснува суштината на проблемот.
Зашто прашањето повеќе не е дали некој ќе биде впишан во Преамбулата.
Прашањето е дали по тој чекор ќе следат нови барања,а сè што слушнавме од Софија укажува дека ќе следат.

Еден протокол.
Па уште еден протокол.
Една препорака.
Па нова препорака.
Една комисија.
Па нова комисија.
Едно толкување.
Па ново толкување.
И така без јасна граница.
Токму затоа денес се поставува суштинското прашање:
Каде завршува списокот?
Кој е последниот услов?
Што е крајната точка?
Бидејќи секоја европска интеграција мора да има јасна цел,а процес што постојано произведува нови услови ризикува да стане бесконечен.
Особено загрижува фактот што голем дел од овие прашања не се однесуваат на економијата, реформите или владеењето на правото.

Туку на историјата.
На образованието.
На колективната меморија.
На националниот идентитет.
На начинот на кој еден народ се доживува самиот себеси.
Затоа и денес остануваат актуелни зборовите на премиерот Мицкоски дека за Македонија Гоце Делчев е дел од македонскиот идентитет, а Илинденското востание е темел на македонската национална свест.
Тоа не се административни прашања.
Тоа се прашања што допираат до самото јадро на националната самосвест.
И токму тука се поставува уште едно прашање што ретко кој сака јавно да го отвори.

Зошто токму Македонија?
Според пописот од 2021 година, како Бугари се изјаснија околу 3.500 до 3.700 граѓани.
И покрај тоа, токму Македонија е единствената држава што се соочува со толкав политички и дипломатски притисок околу ова прашање.
Токму Македонија се соочува со условување што директно е поврзано со уставни измени.
Токму Македонија добива порака дека без исполнување на тие услови европскиот пат останува блокиран.
Затоа сосема природно е граѓаните да прашаат:
Ако станува збор за принцип, тогаш зошто истиот принцип не се применува насекаде?
Ако станува збор за европска вредност, тогаш зошто таа вредност не важи еднакво за сите?
Ако станува збор за човекови права, тогаш зошто само Македонија се соочува со ваков вид политичко условување?

Тоа се прашања на кои сè уште нема јасен одговор.
Но токму поради тоа расте чувството дека спорот одамна ја надминал рамката на едно малцинско прашање.
Затоа што кога зад едно барање следуваат десет нови барања, тогаш јавноста има право да праша што навистина се крие зад завесата.
Македонија денес не бара привилегии.
Не бара посебен третман.
Не бара заобиколување на европските правила.
Македонија бара извесност.
Бара предвидливост.
Бара гаранција дека секој направен чекор нема да биде заменет со ново условување.
Зашто Европа е заедница на принципи ,а принципите мора да важат подеднакво за сите.
Историјата покажува дека народите не ги губат своите држави кога се сиромашни.
Не ги губат кога се мали.
Не ги губат кога се под притисок.
Ги губат кога ќе почнат да се сомневаат во сопствената вредност и во сопствената историска вистина.
Македонија преживеала поделби.
Преживеала негирања.
Преживеала забрани.
Преживеала обиди да биде избришана од картата и од колективната меморија.
И токму затоа денес не смее да стане фонтана на желби за ниту еден политичар.
Може да разговара со сите.
Може да гради мостови со сите.
Може да бара компромиси со сите.
Но не смее да преговара за своето право да постои како она што е.
Зашто народ што сам ја пишува својата историја има иднина.
Народ на кој другите му ја пишуваат историјата ризикува еден ден да остане без неа.
И токму затоа прашањето денес не е дали Македонија сака Европа.
Прашањето е дали Европа ќе остане верна на сопствените принципи.
Зашто Европа што ги почитува различностите е надеж.
Но Европа што дозволува идентитетот да стане предмет на политички условувања е предупредување,а Македонија низ својата историја секогаш знаела да ја препознае разликата меѓу надежта и предупредувањето.

Please follow and like us: