Колумна на Слободан ТОМИЌ – Кога еден извештај станува испит за цела Европа

Македонија Свет

Пишува: Слободан ТОМИЌ

Слободан ТОМИЌ

„Неправдата на кое било место е закана за правдата насекаде.“

(Мартин Лутер Кинг Помладиот)

Мартин Лутер Кинг

Постојат денови кога парламентите гласаат за закони, резолуции и извештаи.
Но постојат и денови кога зад едно гласање се крие многу повеќе од неколку страници текст.
Денес во Стразбур не се гласа само за извештајот на известувачот Томас Вајц за Македонија.
Денес се гласа за кредибилитетот на Европската Унија.
Се гласа дали Европа ќе остане заедница на принципи или ќе стане простор во кој билатералните спорови, историските интерпретации и политичките притисоци ќе можат да се претвораат во европски критериуми.
Се гласа дали ќе остане жива идејата врз која е создадена Европската Унија , владеење на правото, еднаквост на државите и почитување на достоинството на народите.

Томас Вајц кажа нешто што има далеку поголема тежина отколку што изгледа на прв поглед.
Тој призна дека Македонија направила реформи и покажала напредок.
Призна дека и самата Европска Унија дала ветувања кои не ги исполнила.
Но уште поважно, тој јасно порача дека идентитетските прашања не се дел од европското законодавство и дека Европа не смее да ја изгуби мотивацијата на Македонија на нејзиниот европски пат.
Тоа не е обична дипломатска формулација.
Тоа е суштинското прашање на целиот македонски европски пат.
Ако идентитетот, јазикот и историјата не се дел од европското право, тогаш по кој принцип тие стануваат условувања само за Македонија?
Тоа прашање повеќе не е само македонско.
Тоа е европско прашање.

Затоа денешното гласање е испит за самата Европа.
Испит дали ветувањата што ги дава имаат тежина.
Испит дали правилата важат еднакво за сите.
Испит дали проширувањето ќе остане процес заснован на принципи или ќе стане процес на постојано менување на правилата среде игра.
Македонија не бара привилегии.
Не бара скратен пат.
Не бара попуст.
Не бара никој да ги намали критериумите.
Бара само едно.
Правилата што важат за другите да важат и за неа.
Истите принципи.
Истите стандарди.
Истата правда.
Ништо повеќе и ништо помалку.
Во спротивно, секоја следна отстапка ќе раѓа нови барања, секој нов компромис ќе отвора нови условувања и секој направен чекор ќе создава нов праг што повторно ќе треба да се прескокнува.
Тогаш проблемот повеќе нема да биде само во Македонија.
Тогаш проблемот ќе биде во самиот кредибилитет на Европската Унија.

Затоа што довербата не се гради само со декларации.
Таа се гради со доследност.
Се гради кога правилата се еднакви за сите.
Се гради кога принципите се посилни од дневната политика.
Се гради кога правото е над притисоците.
Македонија повеќе од три децении чекори по европскиот пат.
Преживеа разочарувања.
Преживеа блокади.
Преживеа одложувања.
Прифати болни компромиси.
Направи тешки политички и општествени отстапки во име на европската иднина.
Но ниту еден народ не може бесконечно да живее со чувството дека за него важат различни правила од оние што важат за другите.
Токму затоа денешниот ден има историска тежина.
Денес во Стразбур не се гласа само за извештај за Македонија.
Денес Европа гласа за самата себе.
Гласа дали ќе остане верна на сопствените принципи.
Гласа дали достоинството на народите е вредност што навистина ја брани.
Гласа дали идентитетот и јазикот ќе останат право на секој народ, а не предмет на политички условувања.
И можеби токму во тоа се крие најголемото значење на денешниот ден.

Затоа што Македонија не бара Европа да биде помалку Европа.
Напротив.
Македонија бара Европа конечно да биде токму она што ветува дека е – заедница на право, принципи, еднаквост и почитување на достоинството на секој народ.
Бидејќи, како што предупредува Мартин Лутер Кинг Помладиот, „неправдата на кое било место е закана за правдата насекаде“,a кога еден народ предолго чувствува дека правилата се менуваат само за него, тогаш на испит не е тој народ.
На испит е самата Европа.

Please follow and like us: