Мицкоски за реконструкцијата на Владата: Не го негираме сработеното, сакаме да изградиме уште повеќе

Македонија

Токму затоа денес граѓаните нека судат според нашите дела, а не според зборовите – рече Мицкоски.

Тој порача дека резултатите коишто ги оставила опозицијата и резултатите коишто ги остварува Владата се најдобриот одговор на секоја критика и најсилниот доказ за разликата помеѓу две политики и две визии за Македонија.

– Ова не е избор само помеѓу две политички партии. Ова е избор помеѓу две визии за Македонија. Едната визија ја видовме, визија во која државата беше ослабена, институциите заробени од партиски интереси, а довербата на граѓаните потрошена. Визија во која премногу често личниот интерес беше над државниот, а националните прашања оставаа длабоки поделби што и денес ги чувствуваме. Другата визија е онаа што ја градиме денес. Држава во која институциите му служат на народот, во која чесниот труд се вреднува повеќе од привилегијата, во која законот важи подеднакво за сите и во која успехот се мери според резултатите, а не според политичките врски. Ние не бараме граѓаните да ни веруваат на збор. Бараме да ги споредат двете визии. Да го споредат она што беше со она што денес се создава. Да ги споредат годините на застој со годините на обнова. Верувам дека Македонија заслужува повеќе. Заслужува држава што ќе биде силна, достоинствена и успешна. Држава што нема да живее од минатото, туку ќе ја гради својата иднина со работа, чесност и одговорност. Тоа е онаа татковина во која што верувам. Тоа е Македонија за која работиме и тоа е Македонија што заедно со нашиот народ ќе ја направиме посилна отколку што ја затекнавме – рече Мицкоски.

Собранието треба да го разреши Игор Филков, министер за правда (ЗНАМ), а на негово место да го избере Јетон Шасивари („Вреди“). Иван Стоилковиќ (коалиција ВМРО-ДПМНЕ) ќе биде разрешен од Министерството за односи меѓу заедниците, но треба да ја преземе министерската функција во Локалната самоуправа. Златко Перински, актуелниот министер за локална самоупрва, ќе биде разрешен и ќе ја преземе директорската функција во Фондот за здравствено осигурување, каде што на чело е Сашо Клековски (ВМРО-ДПМНЕ), кој се очекува да биде избран од Собранието за нов министер за здравство на местото на Азир Алиу. За министер за односи меѓу заедниците е предложен Агон Ферати („Вреди“). Цветан Трипуновски ќе биде разреше од функцијата министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, а на негово место ќе дојде Борче Серафимовски (ЗНАМ). Фатмир Лимани треба да биде разрешен од министерската позиција во Социјална политика, демографија и млади, а таа позиција да ја преземе Ѓоко Велковски (ВМРО-ДПМНЕ). Зоран Љутков ќе биде разрешен од министерската позиција во Култура и туризам, а на негово место е предложен Седат Сулејмани („Вреди“). На местото на Шабан Салиу, министер без ресор, е предложен Ерџан Демир (ВМРО-ДПМНЕ).

Во согласност со Деловникот за работа на Собранието, по предлогот за разрешување член на Владата, се отвора претрес, кој трае најмногу два дена. Членот на Владата за кого е поднесен предлог за разрешување може да се изјасни по предлогот во траење од 15 минути. Новите министри се избираат со мнозинство од вкупниот број пратеници. (МИА)

Please follow and like us: