Колумна на Слободан Томиќ – Силата на моќта. Македонија меѓу Брисел и Софија. Кога Европскиот пат се става на „Маргините“, а дијалогот се претвора во „Коњопој“

Македонија Свет

Авторска политичка анализа по интервјуто со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова

Пишува: м-р Слободан Томиќ

Слободан Томиќ

„Политичарите доаѓаат и си одат. Документите остануваат.“


– Гордана Сиљаноска -Давкова

И токму затоа денес не треба да се занимаваме само со тоа дали ќе има средба во Софија.
Треба да го поставиме многу потешкото прашање:
Каква средба ќе биде тоа и што, всушност, треба да произведе?
Зашто Македонија веќе не е во фаза во која може да си дозволи фотографии, протоколарни ракувања, дипломатски насмевки и реченици за „конструктивен дијалог“.

Македонија е во фаза во која се решава прашањето дали нејзиниот европски пат ќе биде предвидлив процес со јасни правила, или повторно ќе се претвора во бескраен простор за нови услови, нови толкувања и нови блокади.
И токму затоа зборот „маргини“ денес не е обична дипломатска формула,а уште помалку е безначајна изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека од средбата не очекува ништо посебно и дека таа би можела да се сведе на разговор „pull aside“ — „на коњопој“.

Тоа е реченица што мора да се прочита внимателно.
Не заради ефектот.
Туку заради разочарувањето што стои зад неа.

„НА МАРГИНИТЕ“ — ЗБОР СО ДИПЛОМАТСКО И ПОЛИТИЧКО ТЕЖИШТЕ

Фактите се познати.
Во Софија на 8 октомври се одржува меѓународна министерска конференција посветена на Паневропскиот Коридор 8.

На неа ќе присуствува и македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски.
Токму во рамките на тој настан се најавува средба со неговата бугарска колешка Велислава Петрова.
Бугарското Министерство за надворешни работи ја опиша средбата како можност за разговор „на маргините“ на форумот.

Дипломатски гледано, тоа е вообичаена формула.
Но политички гледано, прашањето е многу посериозно.
Зашто главното прашање меѓу Македонија и Бугарија не е Коридорот 8.

Главното прашање е европската перспектива на Македонија.
Главното прашање е блокираниот процес.
Главното прашање е што треба да се случи за Македонија да може да продолжи кон следниот чекор во пристапните преговори.
И затоа не можам да го прифатам „на маргините“ како обична техничка реченица без политичко значење.
Не затоа што секоја средба на маргините е неважна.

Туку затоа што кога една средба треба да го допре најголемото политичко прашање што со години го блокира европскиот пат на една држава, тогаш јавноста има право да праша: зошто токму на маргините?
Зошто разговорот за централната пречка на македонската европска интеграција не е во центарот?
Зошто не е посебна билатерална средба?
Зошто не е формализиран процес со агенда?
Зошто повторно сме во позиција во која Македонија треба да бара разговор, а потоа да чека дали ќе има време за тој разговор?

Ова се легитимни прашања.
И не се антибугарски.
Не се антиевропски.
Тие се македонски прашања за европскиот процес на Македонија.

„КОЊОПОЈ“ — НАЈТЕШКАТА РЕЧЕНИЦА ВО ЦЕЛАТА ПРИКАЗНА

А потоа дојде изјавата на Христијан Мицкоски.
И таа ја смени тежината на целата приказна.
Премиерот рече дека, имајќи го предвид однесувањето на официјална Софија, не очекува потврда, не очекува ништо, туку очекува разговор „pull aside“, како што се вели дипломатски, „на коњопој“.

Ова е многу повеќе од духовита политичка формула.
Тоа е дијагноза на очекувањата.
Кога премиерот на држава чиј европски пат е блокиран ќе каже дека од разговорот со соседот не очекува ништо повеќе од краток разговор „на коњопој“, тогаш проблемот веќе не е само во формата на средбата.

Проблемот е во недовербата дека средбата може да произведе резултат.
И тука мора да бидеме сериозни.
Не е доволно Македонија и Бугарија да разговараат.
Тие разговараат со години.
Не е доволно да има „отворени канали“.

Тие постојат.
Не е доволно да има фотографии.
Фотографии имаме доволно.
Она што ѝ недостига на Македонија е резултат во процесот.
Јасен резултат.
Писмен резултат.
Предвидлив резултат.
Европски резултат.
Зашто македонскиот граѓанин не живее од дипломатски фотографии.

Тој живее во држава која од 2005 година има кандидатски статус и која со години слуша дека „следниот чекор“ е близу,а секогаш се појавува нешто ново.

КОЈ ЈА ПОБАРА СРЕДБАТА?

И тука доаѓаме до една клучна работа што не смее да се изгуби во политичката врева.
Средбата не падна од небо.
По посетата на Урсула фон дер Лајен во Скопје, Мицкоски јавно соопшти дека таа му сугерирала првиот чекор да биде разговор со бугарската страна и дека веднаш му наложил на Муцунски да испрати дипломатска нота и да побара средба со бугарската министерка.
Тоа е важен факт.
Значи:
Брисел кажува — разговарајте.
Скопје одговара — веднаш бараме разговор.
Софија одговара — можеби ќе разговараме на маргините на друг настан,а потоа македонскиот премиер вели:
„Не очекувам ништо.“
Тука е целата приказна.
И токму тука треба да се задржи македонската политика.
Не на емоцијата.
Не на навредата.
Не на националистичкото надвикување.
Туку на едно едноставно барање:
Ако разговорот треба да го придвижи европскиот процес, тогаш разговорот мора да има политичка тежина.

ФОН ДЕР ЛАЈЕН: „МАКЕДОНИЈА ПРИПАЃА ВО ЕУ“

На 2 октомври Урсула фон дер Лајен во Скопје испрати две пораки кои не смеат да се раздвојуваат.
Првата е дека Македонија припаѓа во Европската Унија и дека постои клучен чекор што треба да се направи за процесот да продолжи.
Втората е уште поважна за македонската јавност: во своите јавни пораки таа зборуваше за Македонија со нејзиниот идентитет и јазик и порача дека македонската култура и јазик можат да ја збогатат Унијата.
Тоа е политичка порака со тежина.
Но да не се залажуваме.
Политичката порака не е исто што и правна гаранција.
Убавата реченица не е исто што и документ.
Изјавата не е исто што и европска процедура.
Затоа македонската политика мора да оди еден чекор подалеку,а тој чекор гласи:
Добро. Ако Македонија има место во Европа со својот идентитет и јазик — тогаш да видиме како тоа се претвора во предвидлив процес, јасни обврски и мерливи рокови.
Не бараме аплауз.
Бараме правила.

ИНТЕРВЈУТО СО СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА: КОГА ДОКУМЕНТИТЕ СТАНУВААТ ПОТЕШКИ ОД ПОЛИТИЧКИТЕ ИЗЈАВИ

Во интервјуто со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се отвора токму она прашање што политиката премногу често сака да го прескокне:
Што пишува во документите?
Таа не зборуваше само политички.
Зборуваше и како професор по европско уставно право.
Говореше за правниот статус на протоколите, за нивното место во процесот, за обврските, за предвидливоста, за европските принципи, за владеењето на правото, за идентитетот и јазикот.
И тука нејзината реченица дека политичарите доаѓаат и си одат, а документите остануваат, има посебна тежина.
Зашто Македонија веќе еднаш плати висока цена за тоа што политичките договори почнаа да живеат свој живот надвор од политичкиот момент во кој биле создадени.
Затоа денес не смееме да дозволиме процесот повторно да стане нешто што се толкува различно во Скопје, Софија и Брисел.
Ако има обврска — нека биде јасна.
Ако има услов — нека биде јасен.
Ако има рок — нека биде јасен.
Ако има критериум — нека биде мерлив.
И ако постои документ — тогаш сите да го читаат исто.

ПРОТОКОЛИТЕ НЕ СЕ ПОЛИТИЧКА МАГЛА

Токму тука се судираат две концепции.
Едната вели:
Имаме договори, протоколи, преземени обврски — спроведете ги.
Другата прашува:
Кој е правниот статус на секој документ, што точно произлегува од него и дали преку него може постојано да се создаваат нови услови за напредување?
Тоа не е исто прашање.
И Македонија има право да бара одговор.
Не за да избега од обврските.
Туку за да знае каде завршуваат преземените обврски и каде почнува можноста за нови барања.
Европската интеграција не може да биде игра во која кандидатот секогаш трча кон подвижна цел.
Целта мора да биде поставена.
Критериумите мора да бидат познати.
И исполнувањето на критериумите мора да произведува напредок.
Инаку зборот „предвидливост“ останува само дипломатска декорација.

МАРТА КОС И ЕВРОПА ШТО ЗБОРУВА ЗА „ПАТОКАЗИ“

Сега доаѓа најнепријатниот европски парадокс.
На 6 октомври еврокомесарката за проширување Марта Кос повторно испрати порака дека проширувањето е можно, дека е во интерес на Европската Унија и дека треба да биде долгорочна инвестиција во мирот, безбедноста и просперитетот на Европа.
Европската комисија подготви нов пакет за идното проширување,а особено внимание привлече идејата за патокази за членство за четири земји: Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина.
Тие патокази треба да определат следни чекори, индикативни рокови и очекувани резултати — со цел процесот да стане попредвидлив.
Одлично.
Тогаш Македонија има едно сосема легитимно прашање:

А КАДЕ Е МАКЕДОНСКИОТ ПАТОКАЗ?

Македонија е кандидат од 2005 година.
Пристапните преговори се отворени, но процесот практично стои пред првиот кластер — „Основи“ — и политичкиот услов поврзан со уставните измени останува клучната пречка за придвижување.
Тоа се фактите.
А сега доаѓа мојата новинарска и политичка оценка:
Неприфатливо е една држава со повеќе од две децении кандидатски стаж постојано да слуша за предвидливост, а самата да нема доволно предвидлива траекторија.
Не бараме Македонија да добие подарок.
Не бараме скратен пат.
Не бараме да се прескокнат европските критериуми.
Бараме истата логика на предвидливост да важи и за Македонија.
Ако патоказот значи:
реформи → услов → рок → резултат → следен чекор,
тогаш Македонија мора да знае што точно е патот пред неа.
Не утре.
Не по следната средба.
Не по уште еден протокол.
Сега.

КОРИДОРОТ VIII — МАКЕДОНИЈА НЕ Е СТРАНИЧНА ЗЕМЈА НА ЕВРОПА

И тука се враќаме во Софија.
Коридорот VIII не е локална балканска железница.
Тој е европска транспортна, економска и стратешка оска.
Македонија е негов клучен географски сегмент.
Токму затоа конференцијата во Софија има свое значење.
Но тогаш прашањето станува уште посериозно:
Ако Македонија е стратешки важна за поврзувањето на регионот со Европа, зошто најважниот политички разговор со Бугарија треба да биде само разговор „на маргините“ на тој настан?
Нека биде на маргините ако тоа е само дипломатски распоред.
Но нека не остане на маргините на политичката содржина.
Тоа е суштината.
Не е проблем каде физички ќе седнат Муцунски и Петрова.
Проблем е со што ќе си заминат од масата.

СОФИЈА НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ЕДИНСТВЕНАТА АДРЕСА НА МАКЕДОНСКАТА ЕВРОПСКА СУДБИНА

И тука доаѓаме до најважниот дел.
Македонија не бара Брисел да заземе страна против Бугарија.
Но Македонија има право да бара Брисел да биде присутен таму каде што европскиот процес е засегнат.
Тоа е огромна разлика.
Не:
Брисел против Софија.
Туку:
Европската Унија како гарант на европската процедура.
Ако спорот е билатерален, тогаш нека се разговара билатерално.
Но ако последицата од тој спор е блокирање на пристапниот процес кон Европската Унија, тогаш последицата повеќе не е само билатерална.
Таа станува европска.
И затоа Македонија има право да бара јасен став од Брисел:
Што точно е европски услов?
Што е билатерална позиција?
Што е преземена обврска?
Што е политичка декларација?
И што не смее да се претвори во нов услов што утре ќе ја продолжи блокадата?
Тоа се прашањата.

МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК НЕ Е ФУДБАЛСКА ТОПКА ЗА ДИПЛОМАТСКИ ПРЕГОВОРИ

Има уште една тема која мора да биде кажана гласно.
Македонскиот јазик.
Кога претседателката на Европската комисија вели дека Европската Унија ја гледа Македонија со нејзиниот идентитет и јазик и дека македонската култура и јазик можат да ја збогатат Унијата, тоа е важна политичка порака.
Но истовремено не треба да се создава илузија дека една изјава автоматски ги решава сите политички и историски несогласувања меѓу Скопје и Софија.
Не ги решава.
Тие остануваат.
И токму затоа е потребна европска предвидливост.
Јазикот не смее да биде секогаш ново бојно поле.
Идентитетот не смее да биде бесконечна преговарачка ставка,а историјата не смее да биде механизам со кој секоја нова политичка генерација ќе може да произведува нови услови за европската иднина на Македонија.
Историјата не се менува со протокол.
Јазикот не се создава со политичка декларација,а идентитетот не се добива како европска концесија.

ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧИ НА 8 ОКТОМВРИ?

Тоа е единственото прашање што вреди.
Не дали ќе има ракување.
Не дали ќе има фотографија.
Не дали ќе има реченица дека разговорот бил „отворен и конструктивен“.
Туку:
Што ќе има после разговорот?
Ќе има ли нова средба?
Ќе има ли формализиран процес?
Ќе има ли конкретна агенда?
Ќе има ли јасна европска рамка?
Ќе има ли механизам за проверка на исполнувањето на преземеното?
Ќе има ли гаранција дека не се отвора бесконечен круг на нови услови?
Ако одговорот е да — тогаш средбата на „маргините“ може да добие суштина.
Ако одговорот е не — тогаш зборот „маргини“ ќе остане најточната политичка метафора за она што се случува.

НЕ НИ ТРЕБААТ ФОТОГРАФИИ. НИ ТРЕБААТ ДОКУМЕНТИ.

Ова е суштината на целата приказна.
Македонија не смее повеќе да ја мери својата европска иднина според бројот на средби.
Туку според резултатите.
Средба без резултат е средба.
Средба со резултат е политика.
Средба со потпишан, јасен и проверлив резултат е државна политика.
А документ што создава предвидливост е европска политика.
Затоа повторно се враќаме на реченицата:
„Политичарите доаѓаат и си одат. Документите остануваат.“
Тоа е лекцијата.
И за Скопје.
И за Софија.
И за Брисел.

МАКЕДОНИЈА НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ НА МАРГИНИТЕ НА СОПСТВЕНАТА ЕВРОПСКА ИДНИНА

Македонија може да има несогласувања со Бугарија.
Може да има различни толкувања.
Може да има политички кризи.
Може да има избори.
Може да има различни влади.
Но една работа мора да биде постојана:
државниот интерес,а државниот интерес во овој момент бара три работи:
јасни правила, јасни обврски и јасен европски пат.
Не бараме привилегија.
Не бараме прескокнување на критериумите.
Не бараме никој да ни подари членство.
Но не прифаќаме ниту европскиот процес да биде бесконечна врата пред која Македонија секогаш ќе стои и ќе чека некој друг да одлучи кога ќе ја отвори.
Ако Европа навистина сака нова ера на проширување, како што деновиве повторно порача Марта Кос, тогаш Македонија мора да биде дел од таа европска предвидливост, а не само публика што гледа како другите добиваат патокази.
Ако Брисел навистина сака Македонија во Европската Унија, тогаш тоа мора да се види не само во убавите реченици, туку и во институционалната архитектура на процесот.
Ако Софија навистина сака европска стабилност и добрососедски односи, тогаш дијалогот не смее да биде само дипломатска формула.а ако Скопје бара европска перспектива, тогаш мора да инсистира на европски правила.

„КОЊОПОЈ“ ИЛИ ПРЕСВРТ?

Можеби Мицкоски е во право што нема големи очекувања.
Можеби е тоа само реална проценка по досегашното искуство.
Но токму затоа средбата на 8 октомври има уште поголема тежина.
Зашто ако започне како „коњопој“, не смее да заврши како „коњопој“.

Ако почне како разговор на маргините, не смее да остане на маргините.
Ако започне како кратка дипломатска размена, мора да отвори врата кон сериозен политички процес.
Во спротивно, повторно ќе ја имаме старата балканска матрица:
средба — изјава — фотографија — соопштение — молк,а Македонија нема повеќе време за тоа.

ЗА МАКЕДОНИЈА НЕ СЕ ПРЕГОВАРА НА КОЈЗНАЕ КОЛКУ МАРГИНИ

Мојата позиција како новинар и аналитичар е едноставна:
Македонија мора да разговара.
Со Бугарија — да.
Со Брисел — да.
Со сите соседи — да.
Со сите европски партнери — да.
Но разговорот мора да биде рамноправен, јасен и заснован врз документи.
Без ракавици кога се брани државниот интерес.
Без навреди кога се брани националното достоинство.
Без митологија кога се анализира политиката.
И без страв кога треба да се каже вистината.
Зашто македонскиот европски пат не смее да биде ниту бугарска заложба, ниту бриселска милост, ниту домашна партиска алатка.
Тој мора да биде европски процес на една суверена држава.
И затоа на 8 октомври не е најважно дали Муцунски и Петрова ќе седнат пет минути или педесет минути.
Најважно е дали по тие минути ќе има нешто што ќе остане.
Документ.
Обврска.
Рок.
Гаранција.
Следен чекор.
Сè друго е политика за дневна употреба.

ЗАВРШЕН ЗБОР

Денес Македонија стои меѓу две слики.
Од едната страна е Брисел кој вели дека Македонија припаѓа во Европа, дека има место на европската маса и дека нејзиниот јазик и култура се дел од европската различност.
Од другата страна е Софија, со разговор што се најавува „на маргините“,а меѓу нив е Македонија.
Држава што чека.
Народ што чека.
Генерации што чекаат.
И затоа прашањето веќе не е:
Ќе има ли средба?
Прашањето е:

ЌЕ ИМА ЛИ ПОСЛЕ СРЕДБАТА НОВА МАКЕДОНСКА ЕВРОПСКА ПАТЕКА?

Зашто ако Европа навистина ја сака Македонија во своето семејство, тогаш Македонија не смее да стои на маргините на тој процес.
Ако Брисел бара предвидливост, нека ја обезбеди.
Ако Софија бара исполнување на обврските, нека бидат прецизно наведени.
Ако Скопје презема обврски, нека знае што добива кога ќе ги исполни.
И ако сите зборуваат за дијалог, тогаш дијалогот мора да произведе нешто повеќе од „коњопој“.
Македонија не бара ничива милост.
Македонија бара правила.
Македонија бара еднаква европска процедура.
Македонија бара да знае што е следно.
И пред сè:

МАКЕДОНИЈА НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ НА МАРГИНИТЕ НА СОПСТВЕНАТА ЕВРОПСКА ИДНИНА.

Пишува:
м-р Слободан Томиќ
аналитичар и публицист

Please follow and like us: