Мицкоски: Состојбата во Европа е жестоко алармантна, наш приоритет е заштита на стандардот

Македонија

Состојбата во Европа е жестоко алармантна – изгасени нуклеарни централи, низок водостој, ниски нивоа на гас во складиштата, цените на берзите се историски највисоки,  посочи денес премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.

-Тоа се случува во континуитет некаде од втората половина на август месец, сега сме скоро на средината на ноември. И не само што не се смирува состојбата туку, напротив, се влошува, од ден на ден се зголемуваат цените. Што правиме ние? Ние сигурно како Влада, односно АД ЕСМ на јавниот повик на ЕВН Хоум ќе достави понуда која ќе биде со иста цена како минатата, значи нема да бара поскапување. Тоа што се однесува до државата, ние ќе се трудиме да останеме на нула, да нема поскапување. Но тоа не можам сега да го кажам за приватните субјекти кои учествуваат, тоа е нивна суверена политика и јас тука не можам да интервенирам, рече Мицкоски.

Премиерот посочи дека за тоа кое зависи од државата, направиле модел, бизнис план, со кој нема да се бара покачување на цената на струјата.

-И на крајот од 2027-ма година ќе целиме на профит кој што би го остварила компанијата, таков е овој бизнис модел кој го креиравме и да видиме дали ќе функционира. Што се однесува до Топлификација, тука се бара поскапување многу големо. Цената на гас е три пати поголема од минатогодишната. Но и тука ќе се бориме да нема алармантно зголемување на цените, односно да биде во рамките на нешто што минимум може да се издржи и со тоа ќе бидеме земја на убедливо најниски цени на дизел и безоловен бензин кај горивата и електричната енергија и затоплување во Европа, рече премиерот.

Мицкоски посочи дека приоритет на Владата е заштита на стандардот, но ситуацијата, повтори, е жестока.

Please follow and like us: