НОВО РАКОВОДСТВО, СТАРИ СОМНЕЖИ И ГОЛЕМИОТ ИСПИТ НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО: ВИСОКАТА КОРУПЦИЈА, ИНСТИТУЦИОНАЛНАТА ОДГОВОРНОСТ И ПРАШАЊЕТО НА ЕДЕН ТАТКО – КАДЕ ДА ЈА БАРАМ ПРАВДАТА ЗА МОЈОТ СИН?
Пишува: м-р Слободан ТОМИЌ, аналитичар и публицист

Постојат интервјуа што информираат, интервјуа што отвораат политички и институционални прашања, но постојат и интервјуа што, понекогаш и без да го имаат тоа за цел, ја отвораат најдлабоката рана на едно општество, недовербата во правдата.
Првото телевизиско интервју на новоизбраната шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Искра Хаџи Василева, не е само разговор за кадровски промени, тековни предмети и идни приоритети. Тоа е разговор за институција од која јавноста очекува да ја открива вистината, да го гони криминалот, да ги разобличува злоупотребите на моќта и, пред сè, да докаже дека правдата не е привилегија на влијателните, туку право на секој граѓанин.
Новата обвинителка доаѓа на чело на институција што ја наследува со сериозен товар: недоверба, недоволни кадровски и материјални капацитети, незавршени предмети, јавни сомнежи за селективност и прашања за одговорноста на оние што со години ја имале довербата да постапуваат во најчувствителните случаи.
Нејзината порака дека е подготвена за работа, за промени и за отпор кон притисоците е важна. Но, во правосудството пораките не се мерка за успех. Мерка се резултатите,а резултатите не се бројот на дадени интервјуа, ниту бројот на најавени реформи. Резултатите се законски и навремено завршени предмети, докажана одговорност, правосилни пресуди, одземен незаконски стекнат имот и еднакво постапување кон секого, без оглед на неговата функција, партиска припадност, богатство или политичка заштита.
НОВО РАКОВОДСТВО, НО ИСТА ИНСТИТУЦИЈА, ПРАВДАТА НЕ ПОЧНУВА ОД НУЛА

Изборот на Искра Хаџи Василева на 28 октомври 2026 година, со 64 гласа од 171 важечки гласачки ливче, и преземањето на функцијата на 16 ноември, отвораат ново поглавје во работата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Таа ја презема функцијата од Ислам Абази, кој беше на чело на ова обвинителство од октомври 2022 година.
Но, промената на раководителот сама по себе не значи и промена на институционалната култура.
Не значи автоматски дека ќе бидат отворени сите предмети што со години предизвикуваат јавни реакции, дека ќе се забрзаат постапките или дека граѓаните повторно ќе почнат да веруваат во системот.
Во јавноста со години постојат критики, сомнежи и прашања за начинот на кој се постапувало во одредени предмети, за нивното темпо, за селективноста и за можните влијанија врз институциите.
Тие сомнежи не смеат однапред да се прогласат за докажани факти.
Но, исто така, не смеат ниту да бидат отфрлени само затоа што се непријатни за институциите.
Особено е значајно што во јавната дебата се појави и ставот на државниот јавен обвинител Ненад Савески дека предметите се доделуваат на конкретни обвинители, дека раководителот не може едноставно да нареди предмет да се сокрие или запре и дека одговорноста за законитото постапување ја носи обвинителот задолжен за конкретниот случај.
Тоа е важно појаснување.
Но, истовремено, отвора и друго прашање: ако секој предмет има конкретен носител, кој ја проверува неговата работа, кој реагира кога постапката неоправдано стои и кој сноси одговорност ако поради пропусти настапи застарување?
Граѓаните не бараат институциите да се обвинат без докази. Бараат да се испитаат сомнежите, да се утврдат фактите и да се преземе одговорност таму каде што постои основа.
Новото раководство има можност да покаже дека институцијата не е ничија приватна сопственост, дека нема недопирливи предмети и дека ниту едно име не е поважно од законот.
ТРИЕСЕТ ПРОЦЕНТИ ПОМАЛКУ ОБВИНИТЕЛИ , НЕДОСТИГОТ Е ПРОБЛЕМ, НО НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ ОПРАВДУВАЊЕ

Еден од најсериозните проблеми што беше посочен во интервјуто е недостигот на кадар.
Според изнесеното, обвинителството располага со приближно 30 проценти помалку обвинители од потребниот број, а недостига и административен персонал.
Најавата за прием на тројца нови обвинители, како и инсистирањето на стручност, професионален интегритет и мерит-систем, се чекори што заслужуваат внимание.
Но, мора да се постави суштинското прашање: дали државата навистина сака ефикасна борба против организираниот криминал и високата корупција ако институцијата што треба да ги гони најмоќните структури работи со недоволни човечки и технички ресурси?
Не може да се бараат резултати од институција што нема соодветни услови за работа, но исто така не може недостигот на кадар со години да биде универзално оправдување за неефикасноста.
Потребни се стручни обвинители, финансиски експерти, аналитичари, дигитални истражувачи, административна поддршка и современи механизми за следење на сложените финансиски текови.
Организираниот криминал не функционира со застарени методи.
Тој користи мрежи, посредници, фиктивни трансакции, сложени сопственички структури и меѓународни финансиски канали.
Затоа, и обвинителството мора да располага со знаење и капацитети што одговараат на времето во кое живееме.
ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА И НЕПРИЈАТНАТА ВИСТИНА ЗА ВИСОКАТА КОРУПЦИЈА

Извештајот на Европската комисија за 2026 година е сериозно предупредување за состојбата во борбата против корупцијата.
Особено загрижува оценката дека нема доволен напредок во спречувањето и сузбивањето на корупцијата, дека предметите за висока корупција се одолжуваат, дека дел од нив завршуваат со застарување и дека недостигаат правосилни пресуди и конкретни резултати во одземањето незаконски стекнат имот.
Ова не е само европска забелешка. Ова е домашен институционален проблем.
Кога предметите за висока корупција не добиваат правна разрешница, јавноста почнува да се прашува дали законот важи еднакво за сите.
Кога се водат долги постапки, а на крајот одговорноста изостанува, граѓаните добиваат впечаток дека времето работи во корист на обвинетите, особено кога станува збор за лица со политичка, економска или институционална моќ.
Кога се открива незаконски стекнат имот, а тој не се одзема со правосилна судска одлука, се поставува прашањето дали државата навистина го одзема плодот на криминалот или само го регистрира неговото постоење.
Затоа, вистинскиот успех на обвинителството не треба да се мери само со бројот на отворени истраги или поднесени обвиненија.
Успех е кога обвинението е квалитетно, доказите се цврсти, постапката е законита, судот може да донесе одлука, а незаконски стекнатиот имот, кога се исполнети законските услови, се одзема.
Европските извештаи можат да укажат на слабостите.
Но, одговорноста за нивното надминување е домашна.
ОБВИНИТЕЛСТВОТО И СУДСТВОТО, КОЈ ОДГОВАРА КОГА ПРАВДАТА ЗАСТАНУВА?

Едно од најважните прашања во интервјуто се однесуваше на односот меѓу обвинителството и судството.
Обвинителството ја води истрагата, ги собира доказите и го застапува обвинението.
Судот одлучува врз основа на доказите и законот.
Тоа се различни, но меѓусебно поврзани институционални улоги.
Проблемот настанува кога предметите се враќаат, кога постапките се одолжуваат, кога се губи време, кога се приближуваат роковите за застарување и кога граѓанинот на крајот останува без јасен одговор.
Ниту обвинителството може да ја префрла целата одговорност на судовите, ниту судството може секој неуспех да го објаснува со квалитетот на обвинителските предмети.
Секој мора да одговара за сопствениот дел од постапката.
Ако обвинителот не ги собрал доказите навреме, треба да се утврди зошто. Ако судот неоправдано ја одолжува постапката, треба да се испита причината. Ако предметот се враќа поради сериозни пропусти, мора да се утврди кој ги направил и дали тие пропусти се последица на нестручност, невнимание или нешто друго.
Застарувањето не смее да стане институционално засолниште за неодговорност.
Не може правдата да биде заложник на бирократски лавиринти, меѓусебни обвинувања и префрлање одговорност од една институција на друга.
НОВИОТ КРИВИЧЕН ЗАКОНИК, ПОСТРОГИ КАЗНИ НЕ СЕ ДОВОЛНИ БЕЗ ЕФИКАСНО СПРОВЕДУВАЊЕ

Во интервјуто беше отворено и прашањето за најавените измени на Кривичниот законик, со кои се предлагаат построги казни за злоупотреба на службената положба, незаконитости во јавните набавки и други облици на коруптивно однесување.
Во предлогот се споменуваат и казни до 15 години затвор за најтешките облици на злоупотреба.
Но, мора да се направи јасна разлика: станува збор за предлог, а не за веќе донесен и стапен во сила закон.
Построгите казни можат да бидат дел од решението, но тие сами по себе не ја гарантираат правдата.
Ако нема ефикасна истрага, ако нема квалитетни обвиненија, ако нема независно судење и ако предметите застаруваат, тогаш ниту најстрогата законска санкција нема да ја постигне својата цел.
Особено треба да се анализираат последиците од измените на Кривичниот законик од 2023 година, кои предизвикаа сериозна јавна и правна дебата за намалувањето на казните и последиците врз постапките за корупција и злоупотреба на службената положба.
Законодавецот мора да носи закони што ја штитат јавната доверба, а не да создава правна несигурност.
Правдата не се мери според висината на казната напишана во законот, туку според тоа дали законот навистина се применува.
СЛУЧАЈОТ „ЃОКО РИСТОВ“ – КОГА СОМНЕЖОТ ЗА ИМОТ ОТВОРА ПРАШАЊЕ ЗА ЦЕЛИОТ СИСТЕМ

Еден од најчувствителните случаи што беа споменати во разговорот е предметот поврзан со судијата Ѓоко Ристов.
Во јавноста беше објавено дека во ѕид во домот на неговите родители биле пронајдени 350.000 евра, а предметот се однесува на сомневања за незаконско стекнување и прикривање имот и пари.
Постапката стигна до судење, а обвинението и одбраната ги изнесуваат своите аргументи и докази.
Тука мора да се почитува пресумпцијата на невиност. Сомневањето не е пресуда, обвинението не е правосилно утврдена вина, а секој обвинет има право на одбрана.
Но, тоа не значи дека јавноста нема право да поставува прашања.
Ако се утврди дека постоел незаконски стекнат имот, потребно е да се утврди неговото потекло, начинот на прикривање и евентуалната поврзаност со други лица или активности.
Ако постојат докази за поширока мрежа, тие мора да бидат истражени. Ако не постојат, не смее да се создаваат заклучоци само врз основа на претпоставки.
Посебно е важно што новата обвинителка најави дека ќе продолжи да го следи предметот, кој е во напредна фаза.
Овој случај не е само прашање за потеклото на една сума пари. Тој ја отвора и пошироката тема за интегритетот на правосудството.
Граѓаните имаат право да очекуваат дека оние што ја толкуваат и применуваат правдата ќе бидат подеднакво одговорни пред законот како и сите други.
ПРЕДМЕТОТ „ПЕЦО ВЕЗИРОСКИ“ – ИСТРАГАТА МОРА ДА ОДИ ДО КРАЈОТ НА ДОКАЗИТЕ
Во интервјуто беше отворен и предметот поврзан со обвинителот од Битола, Пецо Везироски, кој е осомничен за противзаконито влијание врз обвинители и судии во најмалку четири предмети.
Според досега објавените информации, сомнежите се однесуваат на обиди за влијание врз постапувањето и исходот на конкретни предмети.
Ова е особено сериозно прашање затоа што не станува збор за обичен граѓанин, туку за лице што ја вршело обвинителската функција и од кое се очекува да го штити законот.
Но, и тука мора да се направи разлика меѓу сомневање, истрага и докажана одговорност.
Новата обвинителка соопшти дека предметот е во рана фаза и дека во овој момент не може да открива детали за неговиот опфат.
Тоа е разбирливо. Тајноста на истрагата мора да се почитува.
Но, јавноста има право да очекува истрагата да биде темелна, независна и ослободена од секое влијание.
Ако постојат докази дека некој се обидел да влијае врз обвинители или судии, тие докази мора да бидат испитани. Ако постојат докази за лица што го прифатиле таквото влијание, и нивната улога мора да биде предмет на законска проверка.
Не смее да се застане на првото име ако доказите водат понатаму.
Но, не смее ниту да се посочува нечие име без докази.
Токму тоа е разликата меѓу правна држава и јавен линч.
РОСИЦА, ИВАНА И КАТЈА – КОГА ИНСТИТУЦИОНАЛНОТО НЕПОСТАПУВАЊЕ МОЖЕ ДА ИМА ТРАГИЧНИ ПОСЛЕДИЦИ

Една од најтешките теми во интервјуто се однесуваше на одговорноста на полициските службеници во случаи на семејно насилство и трагични последици.
Во случајот со Росица Коцева беше објавено дека се поднесени обвиненија против девет полициски службеници, поради сомневања за пропусти во постапувањето по пријави за семејно насилство и непостапување во согласност со обврските што ги имале.
Ова е прашање што не смее да се третира како обична административна грешка.
Кога граѓанин пријавува насилство, институциите имаат обврска да реагираат. Кога постојат предупредувања за опасност, тие мора да бидат сфатени сериозно.
Кога постојат судски мерки за заштита, нивното спроведување не смее да зависи од личната процена на службеникот дали случајот е доволно сериозен.
Во разговорот беа споменати и трагичните случаи на Ивана и Катја. Новата обвинителка посочи дека сè уште нема целосен увид во деталите на тој предмет и дека е потребна соработка со Министерството за внатрешни работи и надлежните единици.
Токму тука е неопходна институционална координација.
Не е доволно по трагедија да се формира комисија, да се даде соопштение и да се најават промени.
Потребно е да се утврди кој знаел, кој бил должен да постапи, што презел и дали пропустите можеле да бидат спречени.
Семејното насилство не смее да се третира како приватна работа зад затворени врати. Тоа е прашање на безбедност, достоинство и одговорност на државата.
И секој службеник што не ја исполнил законската обврска мора да одговара, ако за тоа постојат докази.
СЛУЧАЈОТ „МАЗУТ“ – ВРАТЕН ПРЕДМЕТ, НОВИ ВЕШТАЧЕЊА И ПОТРЕБА ОД ОДГОВОРНОСТ

Во интервјуто беше отворен и предметот „Мазут“.
Според јавно објавените информации, во август 2026 година Вишото јавно обвинителство го вратило предметот на дополнително постапување, поради слабости во вештачењата и потреба од преземање дополнителни дејствија.
Новата обвинителка посочи дека сè уште нема целосно навлезено во сите детали и дека со предметот постапува надлежниот обвинител во рамките на дадените насоки.
Ова е важна разлика: враќањето на предметот не е доказ за вина, но е показател дека мора да се отстранат утврдените недостатоци.
Кога се работи за финансиски и економски предмети, квалитетот на вештачењата може да биде пресуден. Лошо подготвен доказен материјал може да ја ослаби целата постапка.
Затоа е неопходно да се утврди дали пропустите биле последица на стручна слабост, недоволна истражна работа или други околности.
Предметот мора да добие законска разрешница, а не да остане уште еден симбол на институционално одолжување.
„АЛТА БАНКА“ – КАДЕ ЗАВРШУВА РЕГУЛАТОРНАТА, А КАДЕ ПОЧНУВА КРИВИЧНАТА ОДГОВОРНОСТ?

Прашањето за „Алта банка“ отвора особено чувствителна тема: односот меѓу финансиското работење, регулаторниот надзор и евентуалната кривична одговорност.
Новата обвинителка објасни дека се вршат првични проверки на финансиските текови и дека мора да се направи разлика меѓу евентуални кривични елементи и прашањата што се во надлежност на регулаторните институции.
Посочено беше и дека, според информациите со кои располага во моментот, не е утврдена штетна последица што би претставувала доволна основа за одредени кривичноправни заклучоци.
Ова е важна правна нијанса.
Не секоја сомнителна финансиска трансакција автоматски претставува кривично дело.
Не секоја регулаторна одлука е предмет на кривична одговорност.
Но, исто така, отсуството на веќе утврдена штета не значи дека не треба да се испитаат евентуални незаконитости, ако постојат законски основи за тоа.
Потребно е да се проверат финансиските текови, сопственичките врски, потеклото на средствата и евентуалните поврзаности.
Регулаторните институции мора да ја вршат својата работа, а обвинителството мора да постапи кога ќе се појават индиции за кривично дело.
Особено е важно јавноста да не добие впечаток дека финансиските прашања се затвораат со административни објаснувања, но и да не се создава вина без докази.
Законитоста мора да биде поважна од секој финансиски и политички интерес.
ПОЛИТИЧКИТЕ ПРИТИСОЦИ И ГРАНИЦАТА МЕЃУ ЈАВНИОТ ИНТЕРЕС И МЕШАЊЕТО ВО ПРАВДАТА
Новата обвинителка зборуваше и за политичките притисоци и за потребата обвинителството да биде независно од партиските интереси.
Ова е една од најважните теми.
Политичките партии не смеат да го претвораат обвинителството во продолжена рака на сопствените пресметки. Не смеат да бараат селективна правда, да диктираат кого да гони институцијата или да ја користат кривичната постапка како средство за политичка одмазда.
Но, постои и друга страна на прашањето.
Јавноста има право да поставува прашања. Медиумите имаат право да истражуваат. Новинарите имаат право да бараат одговори.
Граѓаните имаат право да реагираат кога сметаат дека институциите не постапуваат навреме или не постапуваат еднакво кон сите.
Критиката не е автоматски притисок. Контролата на институциите не е мешање во нивната работа. Барањето одговорност не е напад врз независноста на обвинителството.
Независноста не значи недопирливост.
Напротив, независна институција мора да биде подготвена да ја објасни својата работа, да ги прифати оправданите критики и да покаже дека нејзините одлуки се засноваат врз закон и докази, а не врз политички калкулации.
МОЈОТ СЛУЧАЈ , ПРАШАЊЕТО НА ЕДЕН ТАТКО КОЈ НЕ СЕ ОТКАЖУВА ОД ПРАВДАТА ЗА СВОЕТО ДЕТЕ

И сега доаѓам до прашањето што за мене не е само професионална анализа, ниту само јавна дебата.
Тоа е лично, семејно и човечко прашање.
Јас сум родител. Јас сум татко кој го загуби својот син Ѓорѓи. Јас сум човек кој, покрај болката од загубата, бара одговори и правна разрешница за прашањата што ги отвори неговиот случај.
Не барам привилегија. Не барам некој да биде осуден без докази. Не барам институциите да постапуваат по моја желба.
Барам да ја завршат својата работа. Барам секој документ да биде разгледан, секој аргумент да биде оценет, секое законско право на оштетениот да биде почитувано и секоја одлука да има јасно правно образложение.
Во мојот случај, жалбата беше одбиена за период пократок од еден месец.
По тој повод, стручно лице запознаено со предметот ми кажа нешто што длабоко ме вознемири:
„Слободан, почнав да верувам дека некој стои зад твојот предмет.
Ја одбија жалбата во совршено краток рок. Вообичаено е тоа да трае над три месеци, а кај тебе немаше ни месец дена.“
Ова се зборови на стручно лице и негова лична процена, а не доказ дека некој навистина влијаел врз постапката. Јас не можам и не сакам таквото сомневање да го претворам во обвинение без докази.
Но, имам право да прашам.
Зошто постапката се одвивала толку брзо? Дали биле разгледани сите аргументи?
Дали секој доказ бил оценет со потребното внимание?
Дали одлуката е целосно и убедливо образложена?
Дали моите права како родител и оштетен биле почитувани?
Ако сè е направено законито, тогаш институцијата треба да може тоа јасно да го покаже преку документите и образложението на одлуката.
Ако постои пропуст, тој мора да биде испитан.
Ако постои незаконито влијание, тоа мора да биде докажано и процесуирано.
Ако нема ниту едното ниту другото, тогаш и тоа мора да биде јасно објаснето, за да не остане семејството заробено во сомнежи и неизвесност.
Мојот син Ѓорѓи не е број во некоја статистика.
Неговото име не е административна ставка.
Неговото семејство не е обврзано да се помири со неодговорени прашања само затоа што постапката формално добила некаква завршница.
Јас сум народ. Јас сум родител. Јас сум оштетен.
Каде јас да ја барам правдата?
Кому да се обратам кога чувствувам дека институциите не ми ги дале одговорите што ги барам?
Кој ќе го заштити правото на моето семејство, на моите внуци и на секој граѓанин што се соочува со институционална тишина?
Ова не е барање за посебен третман.
Ова е барање за еднаков третман.
Не барам правда затоа што сум Слободан Томиќ.
Ја барам затоа што сум граѓанин и затоа што законот мора да важи и за мене, и за моето семејство, исто како што важи за секој друг.
Болката на еден родител не може да биде доказ во кривична постапка. Но, таа не смее да биде ниту причина неговите прашања да останат без одговор.
ШТО ТРЕБА ДА НАПРАВИ НОВАТА ОБВИНИТЕЛКА?

Искра Хаџи Василева има можност да покаже дека промената на раководството значи и промена на пристапот.
Не со политички пораки, не со ветувања и не со општи декларации, туку со конкретна институционална работа.
Потребни се:
– преглед на предметите за висока корупција и организиран криминал што неоправдано долго траат;
– утврдување на причините за застојот во секој предмет и одговорноста за евентуалните пропусти;
– засилен надзор врз квалитетот на обвинителските истраги и поднесените обвиненија;
– ефикасна соработка со полицијата, финансиските институции и другите надлежни органи;
– стручни и независни вештачења во сложените финансиски предмети;
– постапување без селективност, без политички привилегии и без недопирливи лица;
– почитување на правата на оштетените, нивно навремено информирање и овозможување да ги користат законските механизми за заштита;
– отворена комуникација со јавноста во рамките на законските ограничувања и тајноста на постапките.
Особено важно е да се воспостави јасен механизам за следење на предметите: колку долго траат, каде настанува застојот, кои дејствија се преземени и дали постојат објективни причини за одолжувањето.
Граѓанинот не смее да биде принуден да ја бара вистината низ бескрајни институционални ходници.
Тој мора да знае дека неговото барање е примено, дека некој постапува и дека неговите права не се заборавени.
ПРВИОТ ИСПИТ НА НОВОТО РАКОВОДСТВО НЕ Е ДОВЕРБАТА ШТО ЈА БАРА, ТУКУ ДОВЕРБАТА ШТО МОРА ДА ЈА ЗАСЛУЖИ
Новата обвинителка наследува институција со сериозни проблеми. Тоа е факт што не треба да се занемари.
Но, наследените проблеми не можат да бидат трајно оправдување за идните резултати.
Таа не е одговорна за секоја одлука донесена пред нејзиниот мандат, ниту може автоматски да одговара за секој предмет што го наследила.
Но, од моментот кога ја презема функцијата, има обврска да покаже дека институцијата ќе работи појасно, поефикасно и со поголема одговорност.
Нејзината достапност за медиумите и подготвеноста да одговара на прашања се позитивен почеток. Но, јавноста не смее да остане само на впечатокот од првото интервју.
Вистинскиот тест ќе бидат предметите што ќе добијат законска разрешница, случаите во кои ќе се открие евентуално незаконито влијание, постапките во кои ќе се утврди одговорност и начинот на кој ќе се однесува институцијата кон граѓаните што бараат правда.
Треба да се разбере и нешто друго: довербата не се бара со соопштение. Таа се гради со доследност, професионализам и храброст да се постапи и тогаш кога предметот води кон моќни луѓе.
Обвинителството мора да биде независно од политиката, но и од секој друг центар на моќ.
Ниту партиска функција, ниту бизнис-интерес, ниту институционална позиција не смее да биде штит од законска одговорност.
Ако новото раководство успее да го докаже тоа, ќе направи нешто многу поважно од кадровска промена. Ќе почне да ја враќа довербата во институцијата.
ПРАВДАТА НЕ Е СОПСТВЕНОСТ НА МОЌНИТЕ , ТАА МУ ПРИПАЃА НА СЕКОЈ ГРАЃАНИН

Од целото интервју се издвојува едно суштинско прашање: може ли обвинителството да ја врати довербата на граѓаните?
Одговорот нема да го дадат ниту новата функција, ниту најавените реформи, ниту бројот на дадени интервјуа.
Одговорот ќе го дадат конкретните резултати.
Ќе го даде постапката во која нема да има недопирливи. Ќе го даде предметот што нема да биде оставен да застари. Ќе го даде обвинителот што ќе одбие политички или друг притисок. Ќе го даде судот што ќе одлучи врз основа на докази и закон. Ќе го даде институцијата што ќе му одговори на граѓанинот, дури и кога неговото прашање е непријатно.
И токму тука се враќаме на моето лично прашање.
Ако обвинителството е чувар на законитоста, кој го штити граѓанинот кога тој смета дека институциите не му одговориле на неговите прашања?
Ако правдата е еднаква за сите, дали и родителот што го загубил своето дете има право на целосно, навремено и образложено институционално постапување?
Ако државата бара доверба од народот, дали е подготвена да покаже дека и таа заслужува доверба?
Ова се прашања на кои не може да се одговори со политички фрази. За нив се потребни документи, факти, одговорност и законска разрешница.
На новата обвинителка не ѝ посакувам лесен мандат.
Ѝ посакувам храбар, независен и професионален мандат.
Ѝ посакувам да покаже дека нема предмет што е поважен од законот, нема човек што е над законот и нема граѓанин чие право може да биде занемарено.
Зашто, кога правдата ќе задоцни, таа не остава зад себе само незавршен предмет. Остава разочарани семејства, изгубена доверба и чувство дека државата не го исполнила својот најважен долг кон граѓанинот,а држава без доверба во правдата не може да биде стабилна, без оглед на тоа колку институции има, колку закони донела и колку реформи најавила.
Мартин Лутер Кинг помладиот остави мисла што и денес има универзална тежина:
„Неправдата на едно место е закана за правдата насекаде.“
Таа мисла не е само морална порака.
Таа е предупредување до секоја институција што заборава дека нејзината моќ произлегува од довербата на граѓаните.
Затоа, на крајот, мојата порака е едноставна:
“ДРЖАВАТА НЕ Е СИЛНА КОГА НЕЈЗИНИТЕ ИНСТИТУЦИИ БАРААТ ПОЧИТ, ТУКУ КОГА СО СВОЈАТА РАБОТА ЈА ЗАСЛУЖУВААТ ДОВЕРБАТА.”
“А ПРАВДАТА НЕ Е ПРИВИЛЕГИЈА НА МОЌНИТЕ, ТУКУ НЕОТУЃИВО ПРАВО НА СЕКОЈ ЧОВЕК.”
Слободан Томиќ

