Успешна приказна на еТвининг проектот „Математика низ стрип и карикатура“ во ООУ „Кочо Рацин“ Охрид

Охрид

Невообичаениот спој на математиката, уметноста и литературата во ООУ „Кочо Рацин“ од Охрид започна да се имплементира во текот на второто полугодие во учебната 2022/2023 год. преку eTwinning проектот „Математика низ стрип и карикатура“.

Проектот нѐ поврза да соработуваме со партнерски училишта од 5 различни земји: Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Турција.

Тимот е составен од менторите Силвана Крстеска (Математика), Богоја Мојсоски (Ликовно образование) и Фила Вероска-Стојковска (Македонски јазик) и 14 исклучително талентирани  ученици од предметна настава.

Интеграцијата на математиката, уметноста и пишаниот збор надополнати со користење ИКТ алатки резултираше со креирање различни ученички изработки (лого, карикатура, стрип). Учениците во текот на целиот проект тимски работеа учејќи најпрво како да се заштитат себе и своите лични податоци на интернет при што креираа аватари, се запознаа со законот за авторски права и кои слободни ресурси можат да ги користат. Имаа интегрирани часови за стрип на кои се запознаа за структурата на стрипот и како можат да креираат стрип користејќи ИКТ алатки (Pixton, Canva и др.). Исто така имаа часови за цртање карикатури кои беа интегрирани во наставната програма по Ликовно образование, а во корелација со Математика и Македонски јазик. Креациите кои ги изработија учениците беа претставени на заедничка изложба на стрипови и карикатури во холот на училиштето која ја посетија сите ученици во училиштето. По гласањето, најдобрите стрипови и карикатури го претставуваа училиштето на завршната манифестација Регионовизија.(гласање по евровизиски принцип – вклучени беа училиштата, односно учениците кои доделуваа бодови и се гласаше за најдобри стрипови и карикатури во три категории: одделенска настава, предметна настава и средно образование).

На 6.6.2023 се одржа Регионовизија за стрип – кулминација на проектот беше освоеното ВТОРО МЕСТО за стрипот „Математичка цедевита“ (категорија предметна настава) од шестоодделенките Бојана Митоска, Јана Спироска и Магдалена Танаскоска под менторство на Фила Вероска-Стојковска, а и останатите два стрипа високо котираа во конкуренција од 60 стрипа од 25 училишта. На 7.6.2023 се одржа Регионовизија за најдобри карикатури на којашто карикатурите на нашите ученици имаа успешен пласман.

Особено радува фактот дека учениците преку спроведената евалуација, овој забавен и едукативен проект високо го оценија и покажаа желба идната година повторно да учествуваат на ваков или сличен проект.  

Математика + стрип + креативност + соработка во рамките на училишниот тим = успех!

Please follow and like us: