Пишува: Слободан ТОМИЌ
Систематско негирање на македонскиот идентитет
Бугарија со децении води политика на систематско негирање на македонскиот идентитет, јазик, историја и култура, особено кога станува збор за Македонците што живеат на нејзина територија. Оваа политика не започна денес. Таа е темелена уште од времето на Тодор Живков, кога Македонците во Бугарија беа насилно асимилирани, а секое споменување на македонското малцинство беше третирано како државно предавство.
Декларацијата од 1999 – темел на националното понижување
Темелите на денешниот бугарски диктат беа поставени со Декларацијата за добрососедство од 1999 година, потпишана од тогашниот македонски премиер Љубчо Георгиевски и неговиот бугарски колега Иван Костов. Со оваа декларација, Македонија направи првото големо национално предавство, прифаќајќи да се откаже од темелните права на Македонците во Бугарија.
Оваа декларација:
- Ја негираше македонската дијаспора во Бугарија.
- Го прифати бугарскиот наратив дека нема македонско малцинство.
- Го отвори патот за понатамошно уценување на Македонија.
Тогаш Георгиевски тврдеше дека ова е „прагматичен чекор“, но во суштина тоа беше почетокот на распродавањето на македонските национални интереси.
Заев – капитулацијата и создавањето на „диво месо“
Доколку Георгиевски и Костов ги поставија темелите, Зоран Заев ја направи капитулацијата со Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година. Со овој договор, Заев ги легализираше сите бугарски барања:
- Историјата стана предмет на „заеднички“ комисии каде што Бугарија диктира, а Македонија попушта.
- Бугарија доби отворена врата за блокади во евроинтеграциите.
- Македонскиот идентитет и јазик беа ставени на маса како преговарачка точка.
Но, вистинскиот врв на понижувањето дојде со т.н. Француски предлог, кој всушност беше бугарски диктат под европска маска. Овој предлог ја направи Македонија првата земја во историјата што мора да преговара за сопствената историја и идентитет за да влезе во ЕУ.
Бугарија ги игнорира пресудите на Европскиот суд за човекови права
И покрај тоа што Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) донесе дури 16 пресуди против Бугарија за прекршување на правата на Македонците, оваа земја упорно одбива да ги спроведе. Најочигледен пример е нерегистрацијата на ОМО „Илинден-Пирин“, македонска организација која со години се соочува со административни пречки и репресија.
Бугарија ја користи својата позиција во ЕУ за да врши притисок врз Македонија, инсистирајќи на измислени историски наративи и блокирајќи го македонскиот евроинтеграциски процес. Истовремено, кога станува збор за правата на македонското малцинство во Бугарија, Софија одбива каков било дијалог и го применува принципот на двојни стандарди.
Македонскиот парламент за првпат со единствен став
Во македонското Собрание, бугарскиот европратеник Ивајло Валчев се обиде да манипулира со наративите за наводна дискриминација на Бугарите во Македонија. Но, пратеници од сите македонски партии му порачаа јасно:
Ако Бугарија бара почитување на правата на Бугарите во Македонија, тогаш мора да ги почитува и правата на Македонците во Бугарија.
Овој редок момент на единство во македонскиот парламент покажува дека без разлика на партиските разлики, кога станува збор за националните интереси, сите пратеници стојат на иста страна.
Неколку европратеници од Европскиот парламент исто така ја изразија својата загриженост за неспроведените пресуди на ЕСЧП, што дополнително ја слаби позицијата на Бугарија во идните дипломатски преговори.
Мицкоски – лидер кој нема да попушти под притисок
За разлика од неговите претходници, кои ја уништија Македонија преку национални отстапки, клиентелизам и капитулантски договори, Христијан Мицкоски не е човек што ќе дозволи понижување. Тој е првиот премиер кој, наместо да попушта под притисокот на Бугарија, бара реципроцитет – ако Софија сака да зборува за правата на Бугарите во Македонија, прво мора да ги признае правата на Македонците во Бугарија.
Мицкоски разбира дека Македонија повеќе не смее да биде марионета на европските бирократи. Неговата стратегија не е молење, туку директно вклучување на вистински сојузници – силни македонски лобисти во САД.
Трамп и македонските лобисти – нова шанса за Македонија
Со враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, Македонија има уникатна можност конечно да стави крај на бугарските уцени.
Двајца влијателни американски бизнисмени со македонско потекло, Џорџ Атанасоски и Крис Павловски, имаат клучна улога во оваа битка.
- Џорџ Атанасоски, долгогодишен патриот и успешен бизнисмен, беше активен во кампањата на Трамп во Флорида и има директен пристап до Доналд Трамп Јуниор и највисоките кругови на републиканската администрација.
- Крис Павловски, основачот на Рамбл, е еден од најблиските деловни сојузници на Трамп и човек кој веќе има докажано влијание врз новата медиумска стратегија на САД.
Со нивниот ангажман, Македонија за првпат добива вистински сојузници во Белата куќа, луѓе кои можат да го убедат Трамп дека Бугарија мора да престане со блокадите и дека Македонија конечно мора да започне преговори со ЕУ.
Историска можност за Македонија
Доколку Трамп и неговиот тим ја сменат американската политика кон Балканот, тогаш Македонија има шанса да добие многу посилна позиција.
Мицкоски, со поддршка од македонските лобисти, конечно има можност да го сврти текот на историјата и да направи пресврт што генерации македонски лидери не успеаја да го постигнат.
Ова е моментот кога Македонија од жртва може да стане играч на големата сцена.
СТ/

