Колумна на Слободан Томиќ: Молкот на Кос и гласот на Дабиќ – Дипломатска шлаканица за европското лицемерие

Регион

Пишува: Слободан Томиќ
Магазин „Вечер со Слободан Томиќ“, ТВ ВИСТЕЛ

Слободан Томиќ

Додека Европската Унија се самофалеше со вредностите на Копенхашките критериуми и гласно говореше за владеење на правото, слободата на медиумите и институционална стабилност, Македонија беше сведок на еден тивок, но жесток удар по своето достоинство – удар кој дојде не од надворешен непријател, туку од внатрешна предавничка рака, облечена во сино-жолтиот мантил на Бриселската „пријателска“ хипокризија.

Токму во тој контекст…

Токму во тој контекст, храбрата и прецизна изјава на амбасадорот Зоран Дабиќ, дадена ексклузивно за политичкиот магазин „Вечер со Слободан Томиќ“, претставува не само дипломатска шлаканица кон европското лицемерие, туку и национален аларм кој бара будење на целата држава.

Изјава на амбасадорот Зоран Дабиќ:

„Не е точно дека бараме Европската Унија да не ослободи од сите блокади, туку само од оние билатералните, кои немаат врска со Копенхашките критериуми, од земји што го злоупотребуваат членството во ЕУ. Ние сакаме чесно да си ги исполниме обрвските, еднакво како и сите други кандидати за членство во ЕУ. Еврокомесарката Кос во својот одговор одбегнува прецизно да одговори и вели дека не гарантираат дека нема да има нови пречки.

Тоа го знаеме.

Тоа што ние гласно го бараме од ЕУ е да нема нови билатерални пречки. А таа (Кос, н.з.) не се изјаснува прецизно, за да не ја покаже слабоста на позициите на ЕУ во однос на прокламираните вредности.“

Оваа изјава не е само став – ова е дијагноза на една ЕУ-политика, која држи едни народи под постојана уцена, а други ги охрабрува на агресија и историски ревизионизам.

Кој е амбасадорот Зоран Дабиќ?

Зоран Дабиќ не е класичен дипломат кој чека инструкции. Тој е последниот дипломатски воин на македонската државност, човек со биографија која што треба во иднина да се изучува по факултети.

Исто така, професионалец кој жртвуваше дел од кариерата поради своите бескомпромисни ставови и љубовта кон Македонија.

Во 2022 година, во момент кога сите институции молчеа претворени во продолжена рака на странски интереси, а Собранието беше обезличено како сцена за наметнување на Францускиот предлог, амбасадорот Зоран Дабиќ, кој тогаш беше на чело на Македонскиот дипломатски синдикат, јавно побара оставка од тогашниот министер за надворешни работи Бујар Османи.

Тоа го направи јавно, пред зградата на Собранието, илјадници протестанти, пред нацијата и пред историјата.

Но пред се, пред себе, без страв пд евентуални консеквенци.

Ниту еден дипломат во Европа, а ниту еден јавен функционер во Македонија, немал храброст да застане и да каже на својот претпоставен: Доста е, не го злоупотребувај МНР, оди си!

Тој тоа го стори на 5 јуни 2022 година. Со тоа, остави печат во македонската историја – како симбол на патриотизам, достоинство и отпор против злоупотребата на функцијата и на велепредавството и тој ден треба да се запомни.

Молкот на Кос е глас на одобрение за нови понижувања.

Наместо да даде јасен и недвосмислен одговор дека нема да има нови билатерални пречки – како што Македонија со право го бара, поставувајќи се конструктивно – еврокомесарката Кос се сокри зад бирократски јазик и стандардна воопштена флоскула: „Не можеме да гарантираме дека нема да има нови блокади“.

Зошто не можете да гарантирате, госпоѓо Кос?

Затоа што дозволувате една земја – Бугарија – со негирање на македонскиот јазик, идентитет и историја, да држи цела една нација како заложник.

Замислете како ќе се чувствувате да бевте уценети како Словенци да прифатите национални уцени од некој од соседите во чии рамки некогаш егзистиравте?

Дали во тој случај би биле пoдгoтвени на “храбри” отстапки?

На пример онакви какви што предлагаше Заев?

Се учи додека си жив.

Во суштина, не постои европска солидарност – туку европска подреденост на националните интереси на посилните членки.

Затоа што Македонија нема поддршка како држава која 20 години чекори во место поради билатерални уцени (кои патем ни “ги признаваат”), ЕУ ја третира како експериментален глушец за „рехабилитација на поранешни империјални комплекси“.

Вистината која сите ја знаат, но само Дабиќ ја изговара

Зоран Дабиќ го дигна својот глас, како ехо на народниот глас.Додека собраниски пратеници тајно гласаа и тргуваа со националниот идентитет, тој јавно го бранеше.

Додека медиуми го игнорираа велепредавството, тој го разоткриваше и зборуваше за него во секоја прилика.

Македонија нема друг ваков дипломат.

И сега, токму кога Кос и сличните на неа го најавуваат крајот на европскиот пат како „бесконечен тунел со нови бариери“, Дабиќ потсетува дека патот не треба да води кон нови понижувања, туку кон исполнување на целта, со целосно запазување на државно и националното достоинство на Македонците.

Порака : Европа нека одлучи – ќе нè има или ќе нè изгуби

Македонија не може веќе да чека.
Македонија не смее веќе да молчи.
Македонија нема обврска да се самоукине за да им удоволи на туѓите историски фрустрации.

Кога Кос молчи – Дабиќ зборува.
Кога ЕУ се двоуми – Македонија мора да избере страна.

И таа страна не е веќе страната на лажната интеграција, туку страната на вистинската еманципација.

ЕУ има две опции:
– Или ќе ја прифати Македонија како рамноправна членка, без нови понижувања,
– Или ќе не изгуби засекогаш – не само како кандидат, туку како доверлив партнер.

Историјата ќе запомни: кога Европа молчеше, Дабиќ зборуваше.
И тој глас сега стана Гласот на народот.

Please follow and like us: