Колумна на Слободан ТОМИЌ: РАСПНАТИОТ ХРИСТОС – РАСПНАТА МАКЕДОНИЈА

Општо

Пишува: Слободан ТОМИЌ

Слободан ТОМИЌ

Велики Петок – денот кога Бог беше осуден, а злото аплаудираше

Денес е тишина.
Денес не се зборува лесно.
Денес не се смее.
Денес Крстот стои исправен над човештвото и нè прашува:
„Што направивте од љубовта?“

На Велики Петок, Исус Христос беше распнат. Без вина. Без доказ. Само затоа што ја зборуваше вистината. Само затоа што го сакаше народот. Само затоа што го разобличи лицемерието на фарисеите, свештениците и корумпираните власти.
Звучи ли ова познато?
Звучи ли како нешто што и денес ни се случува?

Македонија – земја што Христос ја допре, но луѓето ја распнуваат

Македонија не е случајна земја. Во Светото Писмо е спомната 32 пати. Апостол Павле и Апостол Лука овде чекореле.

Првите црковни зборови НА ЕВРОПСКО ТЛО се изговорени на оваа, МАКЕДОНСКА почва.

Токму тука, во градот Филипи, беше крстена и првата жена-христијанка – Лидија Македонка – продавачка на пурпур, жена со отворено срце за Божјото Слово.

Ниту една друга земја нема таква духовна чест. 

И токму затоа страда.
Како што Христос страдаше затоа што беше Божји, така и Македонија страда затоа што е избрана.
Но, кој ја распнува?
Не странците.
Туку нашите Јуди.
Нашите Понтиј Пилати.
Нашите свештеници и книжници во одела – со лаги на јазикот и сребреници во џебовите.
Политичари што го продадоа името. Судии што ја газат правдата.
Интелектуалци што молчат кога треба да викнат.

Крстот на Исус – Крстот на еден народ

Како што Исус го понесе Својот Крст на Голгота, така денес и ние ја носиме тешката татковинска мака. Македонија е распната од сите страни:
од надворешни притисоци,
од внатрешни предавства,
од корупција, беда и морален распад.

Јуда  го издаде Исус – за неколку сребреници.

Македонија ја предадоа Заев, Бранко,Љубчо и останати од нивен сој и ков,и од едматани од другата страна на политичката ларта на Македонија, со некои исклучоци и нивните ученици,  за неколку милијарди евра и функции и аплауз од странски амбасади!

Исус го осудија без вина!

И нас нè обвинуваат кога сме патриоти.

Нè нарекуваат заостанати,или забегани  кога ја браниме вистината.

Нè распнуваат кога ја сакаме Македонија!

Има ли крај на оваа мака?

Да, има.

Но не е лесен.

Како што Христос не се симна од Крстот, така и ние не смееме да се откажеме.

Зашто после Крстот доаѓа Воскресение.

Христос молчеше пред обвинителите, но зборуваше со Воскресението.

Така и ние мора да молчиме пред лажливците, но да зборуваме со делата.

Со верата!

Со правдата!

Македонија не е мртва.
Таа само лежи во својот гроб на 

Велики Петок.

Но ќе дојде денот… кога ќе се стресе каменот, кога ќе се отвори гробот… кога ќе викнеме:

„ГО НЕМА ВО ГРОБОТ – ВОСКРЕСНА!“

Please follow and like us: