Пишува: Слободан ТОМИЌ

Најголемиот празник на надежта, Воскресението Христово, во сенка на туристички брошури и резервации во туѓа земја
Секоја година, истата сцена: долги колони кон „Богородица“, туристички автобуси паркирани кај Домот на АРМ, реклами за Велигденски аранжмани од Крф до Будимпешта, а дома… празнини.
Празни куќи, празни цркви, празни души.
И сето тоа, во име на одмор?
Во име на „три дена бегство“ од животот или од верата?
ВЕЛИГДЕН НЕ Е АРАНЖМАН, ТОЈ Е ЗАВЕТ
Кога Велигден е државен празник, тоа е затоа што тој е темел на духовниот идентитет.
Тоа е време за соединување, не за раселување.
Време кога тишината на домот треба да биде исполнета со детски смеа, семејна трпеза и светлина од свеќа ,а не од неонски реклами.
Велигден не е туристички датум , тој е духовен врв.
Кога државата го прогласува Велигден за државен празник, тоа не е за да се полнат куферите и да се празнат срцата, туку за да се наполни тишината со ѕвоната на надежта.
Да се собереме дома, со фамилијата, со децата, со свеќа во рака и љубов во срце.
А не со селфи пред акропола.
Нашите православни вредности, оние исти вредности што ги преживеале и империја, и комунизам, и транзиција – денес се напуштаат доброволно.
Не под тиранија, туку под попуст.
ГРЦИТЕ СЕ ВО ЦРКВА – НИЕ НА БУЗУКИ
Со љубов го кажувам ова: соседите се таму каде што треба да се ,во храмовите.
Иако и тие се туристичка нација, за Велигден се семејство, заедница, вера.
А ние?
Ние сме нивни гости , и тоа не е проблем.
Проблем е што нашиот Велигден го носиме во туѓ двор, но не и во сопственото срце.
Немам ништо против соседите, дури и ги почитувам.
Грците се православни како и ние, но тие се во црква за Велигден.
Ние, нивни гости.
Тие, подготвени со сите генерации да дочекаат Христос во полноќната служба.
Ние, со бокал вино во рака, го дочекуваме зори во таверна.
Тие им ги пренесуваат традициите на внуците – ние им ги препраќаме фотките од хотелот.
ХРИСТОС НЕ ВОСКРЕСНУВА НА БАЛКОН ВО ПАРИЗ
Во време кога светот се соочува со отуѓување, некои мислат дека повторното обединување на Христијанството е можна надеж.
Но, како ќе се обединиме со другите, ако ние самите се делиме од себе?
Христос се лути, не на неверници, туку на оние кои се викаат верници, а не веруваат.
Кои го слават Воскресението без вера, без пост, без смирение, без благодарност.
Кои Велигден го пренесуваат на локација, наместо на поколение.
ЕДЕН Е ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС, ЕДНО Е ВОСКРЕСЕНИЕТО
Оваа година го славиме Велигден заедно со нашите католички браќа.
И тоа е благослов ,сведоштво за заедништвото во верата.
Христос е еден, Воскресението е едно. Верата не познава нации, туку љубов.
Но, да не ја изгубиме смислата во симболиката , Велигден не е ден за пат, туку пат за дома.
ВО ОРТОДОКСНИОТ КОМУНИЗАМ ИМАЛО ВЕРА – ДЕНЕС ИМА БАНКОМАТ
Да, и во време на тешки системи, на прогон, на цензура, народот одеше во црква.
Тајно или јавно, со ризик или без, но со љубов.
Денес, слобода има, но желба нема.
Овие аранжмани не чинат малку.
Тоа е избор. Свесен избор да не се биде дома. Да не се биде со Бога.
ЛОШИ ПОРАКИ ЗА ДЕЦАТА?
Кога децата ќе прашаат: Што е Велигден, тато?– што ќе кажеш? Туристички пакет со три ноќевања и појадок?
Ако ние не ги учиме за Христос, ќе учат на Google.
Ако не ги водиме во црква, ќе ги води TikTok.
Ако не ги втемелиме во верата, тие ќе лебдат без корен, без пат, без иднина.
СЕКУЛАРИЗАЦИЈА НЕ ЗНАЧИ БЕЗБОЖНОСТ
СЕКУЛАРНОСТА НЕ Е ПОВИК ЗА ЗАБОРАВ…
Македонија е секуларна држава, но тоа не значи дека треба да сме народ без духовна содржина.
Кога државата го почитува Велигден, тоа е затоа што знае колку длабоко е всадена верата во нашата историја.
Нашето е да го продолжиме тоа наследство , не со осуда, туку со жив пример.
Да, државата е секуларна.
Но, тоа не значи дека народот треба да е безбожен.
Прогласувањето на Велигден и Божик за државни празници беше симболично признание на длабоката поврзаност на овој народ со Христијанството.
Тоа не е обврска, туку чест.
И само оние без чувство ќе го сменат сјајот на свеќата со рефлектори од дискотека.
НА ДЕЦАТА ИМ ОСТАВАМЕ ОГЛЕДАЛО – ШТО ЌЕ ВИДАТ ВО НЕГО?
Ако нашите деца гледаат дека Велигден значи хотел, појадок и WiFi, а не љубов, смирение и молитва , тие ќе го изгубат компасот.
Нема да знаат што се корени, што е жртва, што е воскресение.
Ќе бараат смисла во светот, а таа е токму во нивниот дом.
ХРИСТОС ВОСКРЕСНУВА КАДЕ ШТО СЕ СЛАВИ СО ЉУБОВ
Некаде човек е сам, но има вера. Некој друг е во полна сала, но празен во душата.
Христос не гледа локација , гледа срце.
И таму каде што срцето е чисто, полно со љубов и благодарност , таму е и Воскресението!
ДА НЕ СТАНЕМЕ ПАТНИЦИ НА СОПСТВЕНАТА СОВЕСТ !
Има нешто тажно во тоа да се излезе од сопствениот дом токму кога доаѓа Светлината.
Да се бара светлост надвор, кога Христос доаѓа токму кај тебе, во твоето срце, на твојата трпеза.
Браќа и сестри, не е срам да патувате. Но е срам да заборавите што славите! Да бегате од вистината, од заедништвото, од традицијата, од Бога.
КАЈ И ДА СИ, ЗА ВЕЛИГДЕН ДОМА ДА СИ!
Овој Велигден, без разлика дали си во својот град, село, или и надвор од државата ,не заборавај каде е твојот духовен дом.
Врати се дома , во своето срце.
Врати се кон семејството. Врати се кон Бога.
Браќа и сестри, Христос не ни бара перфекција , бара искреност. Не ни бара луксуз, туку љубов.
Велигден е таму каде што се собрани двајца или тројца во Негово име , во семеен дом, со скромна трпеза, но со длабока вера.
Нека светлината на Воскресението го осветли вашиот дом, срцета и душата. За многу години!
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ – НАВИСТИНА ВОСКРЕСЕ!

