Кога „подарокот“ станува условена капитулација
Пишува: Слободан ТОМИЌ

Интервјуто на митрополитот Преспанско-пелагониски г.г. Петар, дадено за Велигденските празници, одекна како гром меѓу верниците, но и меѓу оние кои одамна ја следат судбината на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Нарекувајќи го Томосот од Цариград духовен Преспански договор, владиката Петар не само што крена глас, туку го отвори и прашањето што многумина со месеци се плашеа дури и да го помислат: Дали признанието кое дојде од Фанар е навистина признавање или само нова форма на духовно уценување?
ТОМОСОТ – БЛАГОСЛОВ ИЛИ МАСКИРАНА КАПИТУЛАЦИЈА?
Владиката Петар во интервјуто отворено говори за Томосот не како за врв на автокефалноста, туку како за правно-канонска конструкција што ја поставува МПЦ-ОА во положба на зависност од Фанар.
„Ни дадоа томос, но не и слобода,“ рече тој, алудирајќи на тоа дека документот, наместо да ја потврди духовната независност на нашата црква, всушност ја бетонира нејзината подредена позиција.
Фанар го задржува правото на апелација, јурисдикција над дијаспората и влијание врз внатрешните решенија ,три клучни елементи што, всушност, ја прават МПЦ автокефална по име, но не и по суштина.
ФАНАР КАКО НОВИОТ БРИСЕЛ: ДУХОВНА ДИПЛОМАТИЈА ПОД ПОЛИТИЧКА СЕНКА
Неговите зборови отвораат многу поширока тема: дали духовниот свет денес е ослободен од геополитичките матрици?
Цариградската патријаршија, со децении поддржувана и финансирана од Западот, особено од САД, е претворена во инструмент на глобална православна централизација ,по теркот на ЕУ.
Како што Брисел бараше да го смениме името, историјата, и да го впишеме бугарскиот народ во Уставот, така и Фанар бара од нас – прифаќање на своја екзархиска улога, покорување пред неговата канонска логика и симболично одрекување од нашата вековна црковна посебност.
ЗАЕДНИЧКИ ВЕЛИГДЕН – УНИФИКАЦИЈА НА ВЕРАТА ИЛИ ПОЧЕТОК НА НЕЈЗИНО РАЗНЕБИТУВАЊЕ?

Особено остро и тревожно владиката Петар се осврнува на идејата за заеднички Велигден со Католичката црква.
На прв поглед ,убаво, унифицирано празнување, симбол на заедништво. Но, подлабоко , тоа е почеток на доктринерно и литургиско приближување, што во суштина значи прифаќање на западниот теолошки примат.
Македонската православна традиција, Охридската литургиска школа и духовното наследство на Свети Климент и Наум се под ризик да бидат разбиени во полза на европска екуменска хармонија.
Не станува збор за календар , станува збор за идентитет.
ТОМОСОТ КАКО ПОЛИТИЧКИ ДОГОВОР: РЕЛИГИОЗЕН АНЕКС НА ПРЕСПА
Можеби најмоќниот дел од интервјуто е токму споредбата на Томосот со Преспанскиот договор.
И едниот и другиот дојдоа како наводно решениe, но со цена што директно удира во коренот на националната свест.
Како што Преспа нè принуди да се откажеме од делови од нашата историја, култура и име, така и Томосот нè тера да се откажеме од сопственото духовно достоинство.
Иронично, и едниот и другиот се проследени со аплаузи од истите центри – Брисел, Вашингтон, па дури и Ватикан.
ШТО ПОНАТАМУ? ДАЛИ ЌЕ ГО ПРОГОВОРИМЕ ОНА ШТО МОЛКУМ ГО ПРИФАТИВМЕ?
Колку и да се смета за „завршено прашање“, автокефалноста на МПЦ-ОА сè уште виси во воздух.
Православната солидарност со СПЦ изгледа привремена, Фанарската поддршка , условена.
Македонија стои пред нова духовна криза – тивка, но суштинска.
Ако го прифатиме Томосот без услови, без амандмани, тогаш прифаќаме и дека иднината на нашата Црква ќе зависи од волјата на странски патријарх, наместо од соборниот дух на нашите архиереи и верници.
А тоа е токму она против кое се бореле сите архиепископи на Охрид – од Јован до Доситеј.
ДАЛИ СМЕ ПОДГОТВЕНИ ДА КАЖЕМЕ „НЕ“ ВО ИМЕ НА „ДА“ ЗА ВИСТИНАТА?
Интервјуто на владиката Петар е повеќе од црковна полемика , тоа е повик за духовно будење.
Во време кога политиката нè научи да капитулираме со поклон, можеби Црквата ќе биде таа што ќе нè научи повторно да стоиме исправени.
Не како бунтовници, туку како сведоци на вистината.
И ако таа вистина значи да го одбиеме Томосот во неговата сегашна форма, тогаш тоа не е раскол – тоа е воскресение.
ТАЖНА ВЕСТ ОД СВЕТАТА СТОЛИЦА – ПАПАТА ФРАНЦИСКО ПОЧИНА ТОКМУ НА ВЕЛИГДЕН

Додека ја пишував оваа колумна, стигна тажната вест од Светата Столица.
Папата Франциско, долгогодишен поглавар на Римокатоличката црква, почина токму за време на Велигден.
Оваа вест го потресе не само христијанскиот свет, туку и нас како Македонци.
Папата имаше особено чувство за нашата земја и народ кога ја посети Македонија во 2019 година. Тој беше искрен во својот стремеж да се помириме и да изградиме мостови на доверба помеѓу различните верски и народни групи.
Сепак, во контекст на ова, се поставува важна паралела: додека Папата Франциско покажуваше чувство кон Македонците и нашата татковина, Патријархот Вартоломеј од Цариградскиот Фанар, со својата политика, не ни дозволува да се нарекуваме како што се чувствуваме – Македонци.
Не само тоа, туку и нашата црква, Македонската православна црква – Охридска архиепископија, се соочува со отфрлање од страна на Фанар, кој не ја признава нашата црковна автокефалност.

