Македонија не е само земја-кандидат – таа е тестот на Европа: дали ќе биде заедница на вредности или империја на уцени.
Пишува: Слободан Томиќ

Извештајот на европратеникот Томас Вајц не е документ за напредок.
Тој е еден нов дипломатски шамар, замотан во бирократска амбалажа.
Европа повторно ни нуди декларативна поддршка, додека зад кулисите поддржува брутален притисок од Атина и Софија ,двете држави кои со години ги газат европските принципи, но не добиваат ниту збор критика.
Со 313 амандмани , повеќето радикално антимакедонски , се демонстрира суштинската вистина: Европа не е жртва на руската дезинформација, туку на сопствената шизофренија.
Бараат од нас лојалност, додека негираат сè што сме , име, јазик, историја, па дури и правото на достоинствено постоење.
Двојни аршини: Европа за елитите, казна за народите
Во извештајот нема ниту еден збор за Преспанскиот договор , најбруталниот дипломатски експеримент врз една суверена држава во Европа.
Нема критика за тоа што Грција и Бугарија се закануваат со вето за јазични, историски и идентитетски прашања , нешто што е недозволиво во духот на Копенхашките критериуми.
Наместо тоа, добиваме амандмани кои бараат заменување на името „Северна Македонија“ со „Скопје“, и инсистирање на ништовни протоколи кои немаат поддршка од македонскиот народ.
Тоа не е европска солидарност – тоа е геополитичка уцена.

Христијан Мицкоски – човекот со историска карта во рака
Во ваква геополитичка пустина, Македонија има една шанса – стабилното мнозинство зад премиерот Христијан Мицкоски.
Тоа мнозинство не смее да се потроши на козметички реформи. Време е за вистински пресврт:
- Нова кривична политика што ќе удри по корупцијата, а не ќе ги штити криминалците од транзицијата.
- Ресет на судскиот систем, независен Совет за етика, и ревизија на сите штетни договори.
- Формирање на суверенистички тим кој нема да преговара со наведната глава, туку со поглед кон Европа – но не Европа на привилегиите, туку на правдата.
Ако не сега ,кога?
Историјата нема да прости ново потфрлање. Ова е наш час.
Скриената закана зад амандманите – тивко бришење на нацијата
Амандманите на грчките и бугарските европратеници не се корекции , тие се обид за бришење.
Секој збор е политичко минирање на идентитетот.
Наместо Македонци ,граѓани. Наместо признавање на напредок , обвинување за недоволна политичка волја.
Тоа не е демократска комуникација , тоа е фашистичка стигматизација.
Вајц, иако формално објективен, молчи за тоа.
Тој е дел од една генерација политичари која сака Македонија во ЕУ само ако се соголи до коска , без име, без народ, без јазик. Но Македонија не е бездомна душа.
Таа е историја, крв, дух.
Македонија – последниот европски идеал
Македонија беше прва што веруваше во Европа. Прва што ја потпиша Спогодбата за стабилизација.
Прва што испраќаше војници во мировни мисии.
Единствена што го смени името за „перспектива“.
А сега ни велат: не сте доволно послушни?
Не сте ја спровеле целосно капитулацијата?
Па, не! Македонија нема да биде ничија колонија.
Европа мора да разбере: ако нè изгуби, нема да изгуби гласови , туку вербата дека оваа Унија е нешто повеќе од бирократска машинерија.
Резиме : време е Европа да положи испит по демократија
Не Македонија , туку Европа е на тест. Дали ќе биде заедница на народи и достоинства, или конгломерат од геополитички калкуланти?
Мицкоски го има клучот , но не за покорност, туку за пресврт. Ако ја искористи историската шанса, ќе стане не само премиер, туку основач на нова, горда Македонија.
А Европа, ако има уште нешто од духот на Шуман, Моне и Аденауер, ќе нè прифати такви какви што сме , или ќе нè изгуби засекогаш.

