Колумна на Слободан ТОМИЌ: Таравари – Политички голуб во јатото на достоинството

Македонија

Пишува: Слободан ТОМИЌ

Слободан ТОМИЌ

По 1 мај, премиерот Христијан Мицкоски ќе се сретне со Арбен Таравари, министер за здравство и лидер на едното крило од Алијанса за Албанците.

 Според владината прес-служба, таа средба ќе биде пресудна за неговата иднина во Владата. 

Но прашањето веќе не е „дали ќе остане“, туку зошто сè уште е таму.

Владата што ја предводи Мицкоски е резултат на јасен мандат добиен од народот ,мандат против деструкцијата, клиентелизмот, етничката уцена и федералистичките инженерства на Заев и ДУИ.

 Таа Влада беше поставена на темелите на достоинство, унитарност и ред. 

Но токму во тие темели, некој подметнува политички динамит.

 Тој динамит се вика Арбен Таравари.

Човекот кој денес изјавува дека сака да остане во Владата, утре флертува со ДУИ, задутре зборува за „вредности“ на Али Ахмети, а потоа се враќа како ништо да не било.

 Ова не е политика ,ова е влечкање на државата во кал, ова е експлицитно предавство на начелата за кои мнозинството гласаше.

ПОЛИТИЧКИ КАМЕЛЕОН СО ЧЕТИРИ ВЛЕЗА И ИЗЛЕЗА ОД ВЛАДА

Да бидеме прецизни: Арбен Таравари во последните осум години четири пати влегуваше и излегуваше од Владата. 

Го предводеше расколот во сопствената партија, играше дупла игра со Заев, со Груевски, со Ахмети, и сега со Мицкоски. 

Тоа не е стратегија – тоа е паразитизам.

Тој е прелетач од учебник. Рекордер на нестабилноста. 

Денес со еден, утре со друг, задутре сам. 

И секогаш зборува за „инклузија“, за „европски вредности“, за „соработка“ , зборови што треба да го замаскираат суштинското: тој никогаш не припаѓа таму каде што се решава судбината на Македонија. 

Тој припаѓа таму каде што може да наплати функција, влијание и етничка уцена.

ОД ПОЛИТИКА НА ЗДРАВЈЕ ДО ПОЛИТИКА НА БОЛНИ СМЕТКИ

Како министер за здравство, Таравари не покажа ништо освен политички маркетинг. 

Болниците се исти, здравствениот систем во хаос, а Албанците и Македонците еднакво незадоволни. 

Наместо стратегија за лекување на пациентите, добивме стратегија за лекување на лични политички амбиции.

Таравари е министер на симулација. Нема ниту еден сериозен реформски проект зад себе, но има серија интервјуа, настапи и контакти со странски амбасади. 

Здравството не му е приоритет ,му е изговор за да биде присутен таму каде што се крои иднината на државата. 

И ако може, да ја редизајнира по менталниот модел на „двојна држава“.

СОРАБОТКА СО ДУИ? ТОА Е ЦРВЕНА ЛИНИЈА!

Кога лидер на партија кој е дел од Влада составена да стави крај на ерозивното влијание на ДУИ, јавно признава дека телефонирал со Али Ахмети и дека не ја исклучува соработката во втор круг, тоа веќе не е „политика“. 

Тоа е намерно уривање на коалицијата одвнатре.

Таквите игри не се наивни. 

Тие носат порака: дека во случај да не добие доволно општини, Таравари повторно е подготвен да се врати на старата шема , со Ахмети, со „вредностите“ на зелено-етничкиот картел, со јазична федерализација и институционално етничко зонирање.

Дали тоа го заслужуваат гласачите? Дали тоа го заслужува Владата што сака да ги врати правдата и мерит системот? Апсолутно не.

МИЦКОСКИ ИМА ИЗБОР – ТАРАВАРИ НЕМА ВЕЌЕ ЛЕГИТИМИТЕТ

Вицепремиерот Меџити веќе јавно го побара заминувањето на Таравари. 

Алијансата за Албанците (крилото на Таравари) и „Вреди“ веќе го демантираат, ја повлекуваат поддршката, му порачуваат дека „надвор од коалицијата нема легитимитет“. 

И тие се во право. 

Бидејќи коалицијата не е автобуска постојка.

Во едно сериозно јато ,а Владата мора да биде токму тоа ,не може да има место за „гости“ кои летаат од гранка на гранка, не затоа што не знаат каде припаѓаат, туку затоа што сакаат да бидат насекаде. 

Такви луѓе ја разградуваат суштината на секоја власт: довербата.

Христијан Мицкоски има избор: или ќе покаже лидерство и ќе го отстрани политичкиот вирус наречен Таравари, или ќе дозволи тој вирус да ја компромитира стабилноста, автентичноста и иднината на Владата.

ВЛАДА НА ДОСТОИНСТВО, А НЕ НА ФЕДЕРАЛИЗАЦИЈА

Македонија денес не се бори само со корупција, економија и миграција. 

Македонија се бори со идентитетска разјаденост. 

Со обиди таа да биде редизајнирана како би-национална творба, со две јадра, два јазици, две елити, два државни курса.

Таравари е дел од таа стратегија ,и тоа одамна. 

Без разлика на облеката што ја носи, функцијата што ја врши и насмевката што ја шири. 

Неговата политика е ситно градење на етничка парадржава.

 И тоа не може и не смее да има место во Владата на достоинството.

ЗАТОА: ТАРАВАРИ МОРА ДА ЗАМИНЕ.

Во оваа држава конечно се расчистува со сивилото. 

Со диловите. 

Со дволичноста. 

И ако сакаме да остане така, време е да кажеме јасно: во јатото што лета напред, нема место за политички голуби кои слетуваат таму каде што ќе им дадат поголема трошка моќ.

Please follow and like us: