Колумна на Слободан Томиќ: “Кога молчат институциите, децата умираат, вратете ја Др. Аспасија Софијанова Цули”

Македонија Општо

Пишува: Слободан Томиќ

Ова не е молба!

Ова е вресок на совеста!

Апел на животот!

Ова е најсилниот крик на народот, вратете ја докторката која ги враќаше децата од смртта!

Која е Д-р Аспасија Софијанова Цули?

Професорка. Педијатар. Неонатолог. Сега и специјалист по детска неврологија. Човек со речиси четири децении во битка со смртта, ама не во кабинет, туку во интензивна нега. Во NICU (неонатална интензивна нега). Во PICU (педијатриска интензивна нега).

Во простории каде што се слуша или детски плач, или пискот на машината што го означува крајот.

Жена што не одеше во Виена или Њујорк за да побегне, туку да научи, да се врати и да донесе знаење.

За нашите деца.

За нашите бебиња.

За нашата иднина.

За Македонија.

Зошто молчи државата кога зборуваат бројките?

Во последниве години, сме сведоци на растечка смртност кај новороденчињата и малите деца во Универзитетската Клиника за детски болести при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Оваа клиника не е обична медицинска установа.

Таа е последна станица.

Таму се води борба со секунда, со грам, со здив, со живот.

Дали нечиј партиски договор е поважен од нечиј детски здив?

Дали комбинациите во сенка се посвети од стручноста стекната со крв и солзи?

Кој тоа одлучува кој ќе лекува, а кој ќе молчи, кога децата умираат?

Постои ли поголем грев од тоа да ја тргнеш Аспасија од децата?

Кога Д-р Софијанова беше таму, интензивната нега личеше на фронт, но со победници.

Преживеани бебиња. Продолжени животи.

Детски радости по инкубатори.

Колку мајки ѝ се поклонија?

Колку татковци молеа, и таа не одбиваше?

Нејзините зборови не беа декларации.

Тие беа клетви и ветувања: „Секоја изгубена акција ја претворам во нова победа за децата, за моите пациенти, за иднината.“

Па зарем ваков борец се трга на страна?

Партиски клучеви во децата не влегуваат, влегуваат знаење, срце и совест!

Системот изграден врз пријателства, „комбинации“, тивки договори во ходник, е систем на тивок геноцид.

Во држава каде што умираат бебиња, луѓето кои можат да ги спасат не смеат да бидат маргинализирани.

Ако здравството се мери со тендери, тогаш моралот се мери со ковчези.

Детската клиника мора да биде светилиште, не партиски штаб

Клиниката за детски болести не смее да биде тивка и мрачна болница со исплашени доктори.

Таа треба да биде команден центар на знаење, љубов и борба.

Да ја има на чело таа што не молчи, туку вреска со вистина. 

Таа што не ја бараше функцијата, туку ја заслужи со години и ноќи без сон.

Да не се лажеме, ова е зона на живот и смрт

Партиски поставените кадри кои никогаш не заплакале покрај инкубатор, немаат што да бараат во Интензивна нега.

Или ќе ја вратиме Аспасија, или ќе ги изгубиме уште многу Анастазии, Сашковци, Јовани, Леони…

Овде нема политика. Има живот.

Затоа…

Вратете ја Д-р Аспасија Софијанова на децата!

Ставете го знаењето над партијата!

Спасете го животот на најмалите!

Не дозволувајте комбинациите да станат оружје на тивка детска смрт!

Државо, ако имаш совест, делувај!

Апел и до премиерот Христијан Мицкоски!

Го сметам за чесен, свесен и искрен родител, човек и политичар.

Очекувам токму тој, кој се залага за вредности, да го слушне овој повик.

Да ве потсетам и на изјавата на вицепремиерот и министер за екологија од ВЛЕН, г. Изет Меџити, дадена веднаш по коалицирањето со ВМРО, ДПМНЕ:

„Не е важно и не треба да биде обврска во фотеља или министер да биде кадар на политичка партија, важно е да биде професионалец и способен, односно да го бива.“

Ако и тие зборови се важни, тогаш овој апел е вистинскиот тест на таа заложба!

Зашто кога ќе ги затвориме очите, ќе го слушаме само едно:

Плачот што можеше да биде спасен, ако некој имаше храброст да ја врати Аспасија.

Please follow and like us: