Пишува: Слободан Томиќ

Како долгогодишен македонски новинар, сведок на сите европски и балкански превирања, човек кој уште во 2000 година воспостави директни врски со тогашниот еврокомесар за проширување Крис Патен, со високиот претставник Хавиер Солана, со кои разговарав отворено за иднината на Балканот и Европа, денес не можам да молчам.
Во сите тие години безрезервно ја поддржував идејата за европска Македонија. Не како бирократски процес туку како визија за праведна, слободна и достоинствена држава. Европа во која Македонците нема да бидат натерани да се самоукинат за да влезат.
Европа во која националниот идентитет ќе биде заштитен, а не понижен.
Затоа денес, кога гледам како госпоѓа Марта Кос, еврокомесар за проширување, се однесува со јавна ароганција, политичка пристрасност и навредлива реторика кон мојот народ и држава, чувствувам обврска да го кажам следново. Јавно.
Без страв. Без молк.
Јавно протестно писмо до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен
Почитувана претседателке и господин Михалис,
Од своја лична совест, но и од името на сите Македонци кои се чувствуваат навредени и понижени, Ви се обраќам со длабока загриженост и барање за итна реакција.
Изјавите на Вашата комесарка Марта Кос не се само дипломатски инцидент. Тие се напад врз достоинството на еден цел народ. Изјави кои го омаловажуваат македонскиот идентитет, ја потценуваат волјата на граѓаните и покажуваат непочит кон основните европски вредности.
Дали ова е духот на Робер Шуман? Дали ова се заложбите на Жан Моне? Да се создава Европа во која се навредуваат цели народи, се уриваат достоинства и се гази врз оние кои сакаат да бидат дел од европското семејство?
Од првиот ден кога стапи на функцијата, госпоѓа Кос упати ултиматуми. Уставни измени без критика, без консултација, без волја на народот. Тоа не е европски дух. Тоа е политичка агресија.
Македонија не е предмет. Таа е субјект на меѓународното право. Има свој јазик, свој народ, своја историја. Ниеден еврокомесар досега, ниту Хан, ниту Филе, ниту Вархеји, не се дрзнал да зборува со толку омраза и пристрасност.
Поради тоа барам
- Итно изземање на Марта Кос од функцијата еврокомесар за проширување, поради недолично, непрофесионално и штетно однесување.
- Јавно извинување до македонскиот народ, заради изразената навреда, омаловажување и понижување.
- Јасна потврда од Европската комисија дека достоинството, јазикот, идентитетот и изборот на Македонците ќе се почитуваат како и на секој друг европски народ.
Ако Европската Унија навистина сака Балканот да биде стабилен, тогаш најпрво треба да покаже почит. Без почит нема доверба. Без доверба нема иднина.
Македонија нема да молчи пред навредите. Затоа го крева гласот достоинствено, европски и храбро.
Македонија има свој глас. И тој нема да замолчи.
Го пишувам ова писмо со свест дека Европа треба да нè слушне. Ако Марта Кос на истиот начин ја навредеше Франција или Германија, одговорот ќе беше жесток и недвосмислен.
Зошто тогаш молчи ЕУ кога станува збор за Македонија?
Дали ние сме народ од понизок ранг? Дали немаме право на национален идентитет, јазик, име, чест?
Ова е прашање на национален интегритет, на иднината на младите, на тоа дали сакаме Европа на рамноправни народи или Европа на покорни тивки држави.
Повик до сите
Ги повикувам сите македонски новинари, медиуми, интелектуалци, професори, уметници, студенти, политичари, активисти и Македонци ширум светот да се придружат на овој крик за правда и достоинство.
Ова не е мое писмо. Ова е наша заедничка битка за Македонија – европска, но и македонска.
м-р Слободан Томиќ
Новинар
Скопје, 2 јули 2025

