Колумна на Слободан Томиќ – Не сме пиперки, ние сме историја: Македонија е Гоце, а не Пинџур!

Македонија Регион Свет

Пишува: Слободан Томиќ

Слободан Томиќ

КОГА ЕВРОПА ЗАБОРАВА ДА БИДЕ ЕВРОПА

Во срцето на Скопје, под светлата на Самитот на лидерите на Западен Балкан, на прес-конференцијата на 1 јули 2025 година, Европа ни покажа лице што не смееме да го заборавиме.

Комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, на директно прашање за амандманите во Европскиот парламент и за бугарскиот притисок врз македонскиот јазик, го изговори невозможното:

Вашиот идентитет се пинџурот, погачата и полнетите пиперки!

Ова не беше лапсус.
Ова беше политичка порака облечена во фолклор.

Ова беше деградација обвиена во цинизам.

Ова беше Европа што заборава дека достоинството е вредност, а не гарнир.

ОД ПИПЕРКА ДО ИДЕНТИТЕТ: КАКО СЕ БРИШЕ ЕДЕН НАРОД СО НАСМЕВКА

Кога идентитетот на еден народ се сведува на трпеза, тоа не е симпатија. 

Тоа е стратегија. 

Тивка. 

Смислена. 

Подмолна.

Во дипломатијата, ништо не е случајно.

Особено не кога комесар зборува пред целиот континент.

И особено не кога станува збор за Македонија, држава што со децении е понижувана од источниот сосед, и сега и од Западот.

Зборовите на Кос не беа гаф.
Тие беа нож завиткан во салфетка. 

Европа не дојде да не охрабри, дојде да не свари на тивок оган.

КУЛИНАРСКИ ИМПЕРИЈАЛИЗАМ НА МЕСТО НА ПОЛИТИЧКИ ДИЈАЛОГ

Во нејзините зборови се слушна гласот на неоимперијална Бугарија.
На Европа која се навикна да гледа на Балканот како на културен музеј со народни носии и кујнски фолклор, а не како на рамноправни нации со историско достоинство.

Ова е нова форма на уценување: ако сакаш ЕУ, заборави кој си.
Станувај “модерен”, проголтај амандмани, прифати фалсификати.
И насмевни се. Европа те гледа.

СРАМ ВО СРЦЕТО НА СКОПЈЕ: МАРТА КОС ЈА ПРЕСТАВИ ЕУ СО АНТИМАКЕДОНСКА РЕТОРИКА!

На 1 јули 2025 година, на Самитот за раст на Западен Балкан, пред регионалните лидери, новата еврокомесарка Марта Кос ја посрамоти Европската Унија ,не во Брисел, туку во срцето на Македонија, во Скопје.

Нејзината скандалозна изјава дека „македонскиот идентитет се пинџурот, погачата и полнетите пиперки“ не беше гаф, туку свесна провокација , понижување во живо, под светлата на Европа, со микрофон во рака и срам без граници.

Ова не е недоразбирање , ова е институционално навредување, антиевропско во суштина и неприфатливо за функцијата што ја носи.

Бараме: Марта Кос веднаш да се повлече од функцијата Комесар за проширување. 

Бараме извинување лично од неа и од Урсула фон дер Лајен.

 Ова е срам и за Европската комисија, ако молчи. 

Тоа веќе не е личен гаф ,туку срамен европски скандал.

Ги повикуваме пријателите на Македонија во Европскиот парламент да не молчат. 

Ова е моментот да се застане на страната на вистината , против една навредлива, недипломатска и политички опасна изјава што ги навреди Македонците по род и по државјанство.

Ако Европа не се извини, тогаш токму вакви ликови како Марта Кос го хранат евроскептицизмот , и тоа со право.

Македонија заслужува почит, а не подбив. 

И не прифаќаме фолклорен третман од „пријатели“ кои не деградираат на сопствен терен.

МИЦКОСКИ: ГЛАСОТ ШТО НЕ СЕ СВИТКУВА

И тогаш, во таа тишина полна со труење, прозвучи еден глас.

Тивок, но јасен.Решителен.

И исполнет со историја.
„Македонскиот идентитет не е пинџурот. Тоа е Илинден, тоа е Делчев, тоа е Сандански, тоа е Шатев”, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Ова не беше одговор.
Ова беше поука.
Потсетување.

Подигање на споменик од зборови во момент кога некои сакаа да не закопаат под фолијата на европските вредности.

Мицкоски не зборуваше само како премиер.

Тој зборуваше како чувар на еден идентитет, како глас на едно историско достоинство, како наследник на оние што не умреа за салата, туку за татковина.

СТАРИТЕ ЛИЦА НА НОВИОТ СРАМ: ФИЛИПЧЕ, ПОВТОРНО НА ПРАВАТА СТРАНА НА ПРЕДАВСТВОТО

Додека премиерот бранеше идентитет, други бранеа фотељи и интереси.

Венко Филипче, човек без визија но, со вечна амбиција, повторно се појави како ехо на капитулантската политика.

Според него, „патот е зацртан, мора да се следи“. Иако тој пат води во самопоништување.

Тој зборуваше како човек што никогаш не разбрал зошто народот се буни?

Зошто Илинден не е гастрономија? 

Зошто името Македонија не е бренд, туку крст!

МАКЕДОНИЈА НЕ СЕ ГОТВИ. ТАА СЕ БРАНИ!

Ние не сме салата на европската маса.

Ние не сме производ што може да се пререди со нова етикета.

Ние сме народ, со своја јазична вертикала, со свој историски темел, со свој пламен што не гасне.

Македонскиот јазик не е „модерен“, тој е создаден во крвави времиња и кодифициран со умот на Конески.

Ние не зборуваме како бугарски дијалект, ние зборуваме како народ што преживеал геноциди, окупации и федерации.

И се уште стои исправен!

ЕВРОПА, ИЛИ ЌЕ НЕ ПОЧИТУВАШ, ИЛИ НЕ НЕ ЗАСЛУЖУВАШ!

Ако оваа Европа мисли дека со омаловажување ќе не интегрира, тогаш не изгубила пред да не добие.

Македонија нема да влезе во Унијата преку кујнски врати.

Ќе влезе преку главната врата, со знамето високо, со јазикот непокорен, и со историјата цела.

МИЦКОСКИ: ЧОВЕКОТ ШТО ГО БИРА НАРОДОТ ПРЕД УДОБНОСТА

И во ваков миг, кога секој збор може да го чини функција, Христијан Мицкоски одбира да зборува.

Да не молчи.

Да не клима со глава.

Тоа не е храброст, тоа е државништво.
Ние денес имаме премиер кој не се мери со анкети, туку со подвиг.
И тоа Европа не може да го игнорира.

ЗА КРАЈ: НЕ ЈАДЕМЕ ИСТОРИЈА, ЈА БРАНИМЕ!

Нека запомнат: Македонија не е гастрономски додаток во извештаите на ЕУ.

Македонија е болка, борба и бесмртност.

Македонија е Делчев, е Ченто, е Илинден.

Македонија е отпор, не рецепт. 

Македонија ќе влезе во Европа само ако може да влезе исправена.

 Ако не, тогаш подобро сама, отколку наведната.

Please follow and like us: