Пишува: Слободан ТОМИЌ

„Географијата не може да се смени, но судбината може да се обликува.“
Zbigniew Brzezinski

ПОСЕТА ВО ВРЕМЕ НА ГЕОПОЛИТИЧКА ТУРБУЛЕНЦИЈА

Кога генералниот секретар на НАТО Марк Руте, пристигнува во Македонија три дена по драматична ескалација меѓу САД ИЗРАЕЛ И ИРАН , тоа не е туристичка прошетка.Во дипломатијата, календарот е порака а времето на посетата зборува повеќе од протоколот.Руте порача: „Во НАТО никој не е сам“.
Формула што звучи утешно, но во исто време отвора суштинско прашање: што значи гаранцијата кога Алијансата вели дека не е директно вклучена во конфликтот?
Тоа е јазик на одвраќање. Не на интервенција.
МАКЕДОНИЈА, ОД ЧУВАР „ШАТОРОТ,, НА НАТО, НАДВОР“ ДО ЧЛЕНКА

Да потсетиме: Македонија 18 години беше во Акциониот план за членство (MAP). Учествуваше во најтешките мисии. Имаше исклучително висок процент на ангажман по глава на жител.
Го отвори своето небо и инфраструктура. Денес издвојува над 2% од БДП за одбрана.И покрај тоа, долго време беше држена пред вратата.Тоа создаде колективно чувство дека сме „под шаторот“, но не и во него.
Членството во 2020 ја затвори таа историска фаза. Но меморијата остана.
СЕНКАТА НА 2018 ГОДИНА

Патот кон НАТО беше деблокиран по потпишувањето на ПРЕСПАНСКИОТ.Во тој период, Марк Руте беше премиер на Холандија. Не постојат докази за директно вмешување во внатрешни политички процеси во Македонија.
Но постои неспорна политичка поддршка од западните престолнини за реализација на договорот.
Во дел од јавноста тоа се доживеа како историска нужност.
Во друг дел како притисок.И токму затоа секоја негова посета денес се чита и низ таа призма.
ПОРАКАТА НА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА: НАТО ДА, НО ЕУ Е КЛУЧОТ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, испрати внимателна, но суштинска порака: Најголемата гаранција за трајна стабилност на Западен Балкан е целосната интеграција во Европска Унија.
Тоа е дипломатски начин да се каже: Воениот штит е важен. Но политичката интеграција е суштинска.Без ЕУ, Балканот останува геополитички чуван, но институционално незавршен.
ХИПОКРИЗИЈА ИЛИ СТУДЕНА РЕАЛНОСТ?

Македонија ги исполни воените стандарди. Го модернизира буџетот за одбрана. Поддршка на Украина. Демонстрира лојалност. Но европската врата се отвора со дополнителни условувања , често од историски и идентитетски карактер.
Тука лежи тензијата. НАТО не третира како рамноправен сојузник во одбраната.
ЕУ не третира како кандидат со „домашна задача“.Оваа асиметрија создава перцепција на двоен аршин.
Дали е тоа хипокризија?Или едноставно сурова реалполитика во турбулентен свет?
БАЛКАНОТ ПОВТОРНО Е НА МАПАТА
Распоредувањето сили во Источниот Медитеран, вниманието кон југоисточниот фронт, засилената активност околу Кипар и Турција, сето тоа покажува дека Балканот повторно станува геостратешки релевантен.Во таков контекст, Македонија не е периферија.Таа е дел од безбедносната архитектура.
Посетата на Руте може да се чита и како порака дека нема да се дозволи вакуум во регионот.
ТИШИНАТА НА МОСКВА И ПЕКИНГ
Во целата оваа динамика постои уште една дилема што не смее да се игнорира.
Зошто Русија и Кина молчат?
Додека ескалацијата меѓу САД, Израел и Иран ја крева глобалната температура, од Москва и Пекинг не гледаме драматични потези, ниту отворена конфронтација со Западот.Русија е внимателна, реторички поддржува рамнотежа и меѓународно право, но избегнува директно вклучување.Кина повикува на воздржаност, стабилност и политичко решение.
Ова не е случајно.Москва е стратешки фокусирана на украинскиот фронт и нема интерес да отвори нов директен судир со НАТО во друг театар.
Втор паралелен конфликт би значел преголемо растегнување на ресурсите.Пекинг, пак, игра долга и трпелива игра.
Кина е економска суперсила што зависи од стабилни енергетски текови и трговски коридори.
Голема регионална војна на Блискиот Исток би ја погодила глобалната економија, а со тоа и кинеската експанзија.И Русија и Кина имаат партнерства со Иран. Но тие партнерства не значат автоматска воена интервенција.
Поддршката е политичка, дипломатска и стратешка, не егзистенцијална.
Тишината, всушност, е калкулација.Контролирана нестабилност може да му создава притисок на Западот. Неконтролирана ескалација би го вовлекла целиот свет во непредвидлива спирала.
Во таква поставеност, Балканот повторно станува дел од поголемата шаховска табла. Не како фронт, туку како простор што мора да остане стабилен додека големите сили ги мерат своите чекори.И токму затоа секоја посета на висок претставник на НАТО во Скопје не е случајна.
Таа е дел од пошироката стратегија за консолидација на јужното крило и спречување на вакуум во регионот.
ШТО ТРЕБА ДА ИЗВЛЕЧЕМЕ КАКО ДРЖАВА?
Нашата стратешка вредност е реална. Членството во НАТО не е симболично, туку функционално.Европската интеграција останува незавршена задача.Геополитиката не признава сентимент само интерес.Затоа и националната политика мора да биде студена, трпелива и доследна.
МАКЕДОНИЈА МЕЃУ БУРАТА И СТРАТЕГИЈАТА

Посетата на Марк Руте не е ниту историски пресврт, ниту драматичен настан.Таа е сигнал.
Сигнал дека Македонија е дел од безбедносниот круг.Но и потсетник дека вистинската политичка стабилност ќе дојде само со полноправна европска интеграција, без дополнителни идентитетски условувања.
Во свет што се тресе од нови конфликти, малите држави преживуваат ако:Го знаат своето место. Го разбираат интересот на сојузниците. И никогаш не ја губат сопствената стратегиска свест.
Затоа денес, наместо емоција , ни треба прецизност.
Наместо огорченост, трпение.Наместо илузии , стратегија.


