Делегација на словачкиот град Нитра во посета на Општина Охрид

Општо Охрид

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, денеска оствари средба со делегација на словачкиот град Нитра, предводена од градоначалникот Марек Хатас и амбасадорката на Словачка во Република Македонија, Ивета Хрицова.

Средбата беше посветена на воспоставување и продлабочување на соработката меѓу двата града. Во фокусот на разговорите беа теми за потенцијални проекти и активности од заеднички интерес, како што се културна размена, развој на туризмот, образованието и локалниот економски развој.

На средбата беше констатирано дека постојат бројни заеднички точки за соработка меѓу Охрид и Нитра во повеќе области, со посебен акцент на културата и заедничкото чествување на делото на Светите браќа Кирил и Методиј.

Градоначалникот на Нитра, одржа презентација за потенцијалите на градот, при што детално го запозна градоначалникот Пецаков со тековните проекти, капацитети и можности за соработка.

Во текот на разговорите беа отворени повеќе значајни теми, меѓу кои начинот на функционирање и менаџирање на локалната самоуправа, комуналните услуги, уредувањето и одржувањето на јавните површини, развојот на спортот, како и унапредувањето на туристичкиот сектор. Посебен интерес беше изразен за  воспоставување на соработка со Касана Хаб во Охрид.

Градот Нитра е еден од најстарите градови во Словачка, сместен во југозападниот дел на земјата, во долината на реката Нитра. Тој е административен центар на Нитранскиот регион и е препознатлив по својата богата историска и културна традиција. Во Нитра има два универзитети и значајни историски споменици, што ја прави важен образовен и културен центар во Словачка.

Please follow and like us: