Колумна на Слободан ТОМИЌ – Една минута во Брисел ја откри вистината што со години се криеше: Идентитетот не се преговара, се брани

Македонија Регион Свет

Пишува: Слободан ТОМИЌ

Слободан ТОМИЌ

„Народ што ќе дозволи други да го именуваат, на крај ќе дозволи и да го избришат.“


Константин Миладинов
Константин Миладинов

Во дипломатијата, секој збор тежи.
Но понекогаш, една минута вреди повеќе од цели години политика.
Токму таа една минута, на маргините на европските состаноци во Брисел, меѓу Тимчо Муцунски и Весислава Петрова-Чамова, ја разголе до коска вистинската состојба: не станува збор за недоразбирање, туку за системска стратегија, и однадвор и одвнатре.
Кога бугарската министерка зборува за „одлична средба“ што во реалноста траела една минута, тоа не е грешка, тоа е обид да се создаде привид на нормалност.
Кога во ист здив користи термин „северномакедонски“, тоа не е лапсус, тоа е политичка порака. Порака дека идентитетот може да се редефинира, да се растегне, да се прилагоди според туѓи наративи.
Но токму тука се случи пресврт.
Муцунски не премолчи.
Не избра дипломатска магла. Ја кажа вистината, кратко, јасно и достоинствено: нема средба, нема придавки што го менуваат народот, нема компромис со идентитетот. „Македонците се Македонци“, ова не е политичка изјава, туку цивилизациска линија.

И токму затоа оваа реакција има тежина што оди подалеку од дневната политика. Таа означува крај на една ера на молк и почеток на политика што поставува граници.
Но проблемот не е само во Софија. Проблемот е што додека надвор се гради наратив за редефинирање на Македонија, дома се создава амбиент за негово прифаќање.

Кога Венко Филипче вели дека „не чул“ за негирање на македонскиот идентитет, тоа не е само политичка грешка, тоа е опасна порака.
Во време кога официјални претставници на Бугарија отворено користат терминологија што го менува идентитетскиот контекст, да се тврди дека „нема проблем“ значи или свесно манипулирање со јавноста или целосно оттурнување од реалноста, а уште поопасно е инсистирањето дека уставните измени се единствениот пат, без јасна и недвосмислена волја на народот.
И не само тоа, тој отворено ја прифати тезата дека внесувањето на Бугарите во Уставот не е бугарско, туку „европско прашање“, со што практично го легитимира истиот наратив што се наметнува однадвор.

Да бидеме прецизни: Устав не се менува под притисок.
Устав не се менува како услов.
Устав е темел на државата.
Ако тој темел се менува без народот, тогаш државата се претвора во проект, а не во суверена заедница.
Тука лежи суштината на кризата.

Години наназад, Македонија беше водена по принципот: „прифати се, само продолжи напред“. Таа политика, поврзана со периодот на Зоран Заев и со договорите што следеа, отвори врата што денес тешко се затвора.
Нема одговорност за Преспански договор. Нема одговорност за протоколите потпишани од Бујар Османи.
Нема ни политичка, ни морална сметка за чекорите што ја донесоа државата во позиција да мора да се брани од самата себе.
И кога нема одговорност, има континуитет.
Континуитет што денес се манифестира преку реториката на Филипче, кој го претставува прифаќањето на условите како „европска зрелост“. Но зрелост не е кога молчиш пред неправда.
Зрелост е кога ја именуваш.

Во политиката понекогаш најопасни не се злонамерните потези, туку апсурдните логики што се претставуваат како рационални. Како во филмот Dumb and Dumber („Глуп и поглуп“), каде двајца ликови со целосна самоувереност носат одлуки без да ја разберат реалноста околу себе, убедени дека прават нешто големо, а всушност продлабочуваат сопствената заблуда.
Разликата е што во филмот последиците се комични. Во политиката, тие се историски.

Од другата страна, позициите на Христијан Мицкоски и поддршката од ВМРО-ДПМНЕ покажуваат нешто што одамна недостасуваше, јасна линија.
Не против Европа, туку против политиката на условувања што ја разјадува суштината на државата.
Зашто Европа не смее да биде алиби за самопоништување.
Она што се случи во Брисел е повеќе од дипломатски момент. Тоа е симбол.
Симбол на судир меѓу две визии: едната што гледа на Македонија како на променлива категорија, и другата што ја брани како континуитет.
И токму затоа оваа борба не е за датуми, не е за преговори, не е за формални чекори.

Ова е борба за идентитет.
Дали Македонија ќе остане тоа што е, или ќе стане тоа што другите сакаат да биде.
Зашто народ што ќе дозволи да му го сменат името, јазикот, историјата, на крај нема да има што да брани, а Македонија, колку и да ја притискаат, има едно нешто што не смее да го изгуби: самата себе.

Please follow and like us: