Колумна на Слободан ТОМИЌ – „Кога консензусот се презира, а капитулацијата се продава како визија — Тогаш државата се претвора во поле за туѓи експерименти, а народот во статистика“

Македонија Регион Свет

(интерпретација на мислата на Винстон Черчил)

Пишува: Слободан ТОМИЌ

Слободан ТОМИЌ

Во сериозните држави, политиката е алатка за заштита на националниот интерес.
Во нестабилните држави, политиката станува арена за лични амбиции и туѓи агенди.
Македонија денес опасно се движи од првото кон второто, не поради недостаток на шанси, туку поради недостаток на државничка свест кај дел од политичката елита.
Кога министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски повика на национален консензус околу реформите поврзани со европската агенда, тоа не беше обична политичка порака. Тоа беше тест. Тест за зрелоста на опозицијата. Тест за способноста да се разграничи партискиот интерес од државниот. Тест за тоа дали конечно ќе се научи лекцијата дека Македонија не може да оди напред ако секоја стратешка тема се претвора во политичка пресметка.

Повикот беше јасен: да се остави дневната политика настрана и да се работи заедно на реформите што ја градат државата, правосудството, изборниот систем, институционалната стабилност.
Тоа не беше повик за покорност, туку за партнерство. Не беше повик за тишина, туку за одговорност.
Но одговорот што следеше беше спротивен на се што значи државничко однесување.

Венко Филипче не само што го одби повикот, туку го исмеа. Со реторика што повеќе наликува на политички памфлет отколку на сериозна анализа, тој го претвори консензусот во предмет на потсмев, а државничката иницијатива во повод за напад. Наместо аргументи, дисквалификации. Наместо визија, закани.

Наместо обид за обединување, продлабочување на поделбите.
Тоа не е политичка борба.
Тоа е политичка неодговорност.
Филипче денес се позиционира како единствен чувар на европската иднина, како да Европа има само една адреса и едно толкување.
Но вистината е поинаква.

Европа не е идеологија што се наметнува со сила. Европа е систем на вредности што се гради преку институции, доверба и консензус. И токму затоа е парадоксално што човек кој зборува за Европа, во исто време ја руши основата врз која Европа почива, дијалогот.
Неговата инсистенција на уставни измени, без јасни гаранции и без национален договор, не е визија.
Тоа е притисок. Политика на „или-или“, која не остава простор за разумна дебата,а кога политиката се сведува на ултиматуми, тогаш демократијата станува формалност.

Особено загрижува фактот што оваа реторика доаѓа во момент кога дури и Никола Димитров, човек кој беше во срцето на претходните процеси, јавно предупредува дека францускиот предлог е „дебакл“ и дека вториот протокол со Бугарија отвора простор за нови уцени. Тоа не е маргинално мислење. Тоа е аларм од внатре.

Но наместо да се отвори сериозна дебата, Филипче избира да ја игнорира реалноста.
Да продолжи по инерција. Да ја засили реториката. Како да брза да стигне до цел што никој не ја дефинирал јасно, но сите ќе ја платат.
И додека внатрешно се води оваа политичка конфронтација, надворешно пристигнуваат сигнали што не смеат да се игнорираат.

Бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова Чамова повторно ја употреби навредливата терминологија „северномакедонци“. Тоа не е грешка. Тоа е политика. Тоа е јасна порака дека Бугарија не ја менува својата позиција, туку ја зацврстува. И дека секоја отстапка од македонска страна се чита како сигнал за ново барање.

Но најголемата вистина лежи во поширокиот контекст.
Овој спор одамна не е билатерален.
Со активна улога на меѓународните фактори, тој беше трансформиран во мултилатерален механизам на притисок.
Бугарија беше искористена како инструмент.
Грција како преседан,а Македонија како пример, како една мала држава може да биде ставена под системски притисок да преговара за сопствениот идентитет.
Тоа што се случи со Македонија нема преседан во современото меѓународно право.
Од промена на уставното име, до отворање на прашања за јазикот, историјата и образованието, ова е процес што ќе се изучува во иднина.
Но не како успех.
Туку како предупредување. Како студија на случај за тоа како не треба да се однесува меѓународната заедница кон една суверена, демократска држава.

Зашто Македонија не е административна единица.
Таа е држава создадена со јасна волја на народот. На 8 септември 1991 година, граѓаните се изјаснија за самостојна и суверена држава, под уставното име Република Македонија, и како таква беше признаена од над 140 држави во рамките на Обединетите нации. Тоа е темел што не може да се релативизира.
И токму тој темел денес се доведува во прашање, не само однадвор, туку и одвнатре.
Прашањето што стои пред Македонија не е геополитичко.
Тоа е суштинско. Дали државата ќе продолжи да се движи како субјект со став, или ќе се претвори во објект на туѓи стратегии?
Дали ќе гради институции врз консензус, или ќе се распаѓа под тежината на политичкиот инат?

Филипче денес може да зборува за Европа, за реформи, за иднина.
Но без почит кон народот, без чувство за граница и без подготвеност за дијалог, тие зборови остануваат празни. Европа не се освојува со зборови.
Се гради со доверба, а довербата не се добива со ароганција.
Историјата не е неутрален сведок.
Таа суди. И кога ќе суди, не прашува кој бил на власт, а кој во опозиција.
Прашува кој ја бранел државата, а кој тргувал со неа!
Македонија денес има шанса да покаже дека научила нешто од сопствените грешки.
Но за тоа е потребно нешто што очигледно недостига, храброст да се каже „доста“.
Тоа го прави Христијан Мицкоски и неговата влада
Зашто држава што не поставува граници, на крајот ги губи !

Please follow and like us: