Колумна на Слободан ТОМИЌ – Од ‘Вистината’ до ‘Фронтот’: Кога долгот се дуплира, а народот ја враќа државата

Македонија

Пишува: Слободан ТОМИЌ

„Најопасни не се оние што грешат, туку оние што по грешката се претставуваат како спасители.“



(Конфучие)
Конфучие

Ќе бидам директен, не затоа што е лесно, туку затоа што е неопходно.
Ова не е време за реторика, туку за вистина.
Не за навреди, туку за факти. Не за магла, туку за одговорност. Она што денес го продава Венко Филипче како „Фронт за вистина и правда“ не е нова идеја, туку рециклиран политички производ, истата матрица што ја пласираше Зоран Заев со „Вистината за Македонија“. Разликата е суштинска: тогаш ветуваа пред власт денес зборуваат по власт, по скандали, по изгубена доверба и по економска цена што ја плаќаат граѓаните.
Ако зборуваме за вистина, тогаш да ја кажеме целосно.
Од независноста на Македонија, 8 септември 1991 година, па сè до 2017, државата, со сите кризи, конфликти и транзиции, го одржуваше јавниот долг околу 4,5 милијарди евра.

Тоа беше граница на одговорност.
Потоа следува периодот 2017–2024, и бројките стануваат обвинение: околу 9,6 милијарди евра. Дупло.

Во само неколку години.
Тоа не е развој, тоа е зависност.
Не е стратегија, туку преживување на кредит.
И тука доаѓа прашањето што никој од „фронтот“ не сака да го отвори: каде се тие пари?
Каде се капиталните инвестиции што ја оправдуваат најголемата финансиска експанзија?
Каде е инфраструктурата, каде е индустријата, каде е економијата што требаше да го носи тој товар?
Нема одговор, затоа што одговорот руши наратив.
Но ова не е само економија.
Ова е и политичка вистина што не смее да се игнорира.
Во 2017 година, власта не беше само променета, беше насилно тргната од рацете на народната волја, затоа што ВМРО-ДПМНЕ имаше цврст став: нема промена на името. Токму затоа беше „насадена“ коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ, со јасна агенда што подоцна се реализираше.

Тоа не беше само политика, тоа беше проект.
И народот одговори. На изборите во 2024 година, јасно и гласно.
Казната беше демократска, но силна.
Враќање на балансот. Враќање на државата.
И токму тука се крши целиот концепт на новиот „фронт“.
Затоа што денес, истите тие структури, со ново лице, се обидуваат да создадат нов наратив.
Наместо „бомбите“ на Заев, добиваме „фронт“ на Филипче. Наместо одговорност, добиваме пакување. Наместо реформи, добиваме рециклирање.

Во меѓувреме, политичката сцена се расчистува.
Настапот на Максим Димитриевски и движењето ЗНАМ внесува нова димензија, директност, јасни позиции и национална линија. Не како некритичко возвишување, туку како реална политичка тежина во момент кога довербата е разурната.
И тука доаѓа клучната точка: коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН не е случајна, таа е функционален одговор на ќорсокакот создаден од СДСМ и ДУИ.
Тоа е политичка конструкција со потенцијал да ја стабилизира државата, да ја врати економската логика и да го обнови институционалниот систем.

Во центарот на тој процес стои Христијан Мицкоски. Не како симбол, туку како обврска.
Да го затвори кругот на неказнивост.
Да ги отвори случаите што со години стоеја заклучени.
Да покаже дека правдата не е декларација, туку дејствие.
Да ги врати украдените пари, не како слоган, туку како системска операција.
Затоа што ако долгот е дуплиран без резултат, некој мора да одговара.
Ако институциите биле злоупотребени, некој мора да ги врати. Ако државата била водена како проект, некој мора да ја врати како систем.

И затоа, најтешкото прашање останува: со кое лице денес Венко Филипче зборува за правда?
Со лице на реформатор, или со товарот на системот што го претставувал?
Затоа што фронтови се градат против неправда.

Но кога фронтот го водат луѓе од системот што ја создаде неправдата, тогаш тоа не е борба. Тоа е обид за бришење на меморијата,а Македонија веќе нема право да заборава.
И ако постои втор чин од истото сценарио, било под бугарски диктат, било под француски предлог, тогаш тој нема да биде стратегија, туку колатерална штета на една веќе прочитана политика.
Ова не е битка за власт.
Ова е судир меѓу одговорност и заборав.
И овој пат, народот веќе пресуди.

Please follow and like us: