Колумна на Слободан ТОМИЌ – „Кога империите ги менуваат границите, народите опстојуваат само ако не го продадат сопственото име“

Македонија

(Тукидид)

Тукидид

Пишува: Слободан ТОМИЌ


Слободан ТОМИЌ

Постојат мигови во историјата кога една држава повеќе не преговара само за членство, за фондови или за политички процеси.
Постојат мигови кога државата преговара за сопствената душа. Македонија денес повторно е токму во таков миг.
Не на фронт со тенкови. Не со ровови и барути. Туку на фронт каде што се судираат идентитетот и условувањето, достоинството и понижувањето, реформата и рекетот, Европа како вредност и Европа како бирократски механизам на уцени.
Од Охрид до Брисел, оваа недела се испрати порака што долго време македонскиот народ чекаше да ја слушне без калкулации, без сервилност и без страв: реформи – ДА, идентитетски отстапки – НЕ!
Тоа не е само политичка порака. Тоа е линија на историско разграничување.

Христијан Мицкоски, стоејќи покрај хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, не зборуваше како човек што моли за милост. Зборуваше како премиер на држава што предолго била жртва на европска дволичност.
И токму затоа оваа средба во Охрид беше многу повеќе од протоколарна фотографија и дипломатска куртоазија.
Таа беше судир меѓу два концепта за Европа: Европа на вредности и Европа на уцени.
Македонија денес е можеби единствената држава во Европа што мора да докажува дека постои за да почне преговори.
Да докажува дека има јазик. Да докажува дека има историја. Да докажува дека има право на национално достоинство.
И сето тоа по три децении понижувања, менувања, договори, отстапки и ветувања дека „само уште ова“ е последната жртва.
Но народ што постојано се тера да клекнува, во еден момент или ќе исчезне, или ќе стане карпа.
Македонија очигледно избира да стане карпа.
Охридската порака не беше анти-европска. Напротив.
Таа беше најевропската можна порака. Зашто Европа без принципи не е Европа, туку пазар на политички влијанија,а ако за Украина може да се бараат забрзани модели, ако за едни има геополитичка итност, тогаш не може за Македонија три децении да има само бескрајни понижувања.

Тука зборовите на Андреј Пленковиќ одекнаа како политички шамар за сите оние што со години ја убедуваа македонската јавност дека проблемот е во нас.
Хрватскиот премиер јавно призна дека неправдата врз Македонија нема оправдување.
Тоа е историски важна реченица.
Не затоа што доаѓа од пријателска Хрватска. Туку затоа што за првпат еден европски лидер толку директно ја именуваше суштината: Македонија е жртва на непринципиелна билатерализација.
И токму тука започнува паниката кај СДСМ и целата мрежа на соросоидни инсталации што со години живееја од приказната дека Македонија мора бескрајно да попушта. Зашто нивната цел никогаш не беше интеграција.
Нивната цел беше психолошка капитулација на македонскиот народ.
Да се создаде чувство дека Македонија е виновна што постои.
Да се убеди народот дека е „модерно“ да се откажуваш од себе.
Да се претвори патриотизмот во навреда, а сервилноста во „европска вредност“.
Токму затоа денес СДСМ делува како партија во политичко исчезнување. Не затоа што изгубиле избори.
Туку затоа што ја изгубија врската со народот.
Народот може да прости сиромаштија. Може да прости и политички грешки.
Но народот никогаш не простува понижување, а токму тоа го направија Заев, Бујар Османи, Никола Димитров и целата нивна политичка матрица, создадоа чувство дека Македонија мора постојано да се извинува што е Македонија.

Денес Венко Филипче се обидува да ја продава истата приказна во ново пакување. Но народот веќе ја препознава измамата. Не можеш седум години да ја виткаш државата, а потоа да се претставуваш како спасител на европската перспектива.
Каква европска перспектива? Онаа во која Македонија мора да се самонегира за да биде „добар ученик“?
Токму затоа паниката кај тие структури е огромна.
Зашто првпат по долго време Македонија има власт што не бега од Европа, но одбива да оди кон Брисел лазејќи на колена.
Во целата оваа приказна особено важен е геополитичкиот контекст.
Додека дел од домашната опозиција шири дефетизам, Вашингтон испраќа сосема поинаква порака.

Извештајот на Стејт департментот до американскиот Конгрес практично ја позиционира Македонија како важен партнер во новата американска архитектура на Балканот.
Тоа не е мала работа. Во време кога светот се прекројува, Македонија повеќе не е гледана како проблематична периферија, туку како стабилен НАТО-сојузник и стратегиски партнер.
Тоа значи дека светот почнува да ја гледа Македонија многу посериозно отколку што нејзината домашна опозиција сака да признае,а уште поважно, почнува да се распаѓа старата матрица според која Македонија мораше да биде политички експеримент на туѓи агенди.

Не случајно токму сега се слушаат гласови од Германија, од Дорис Пак, од Михаел Рот, од европски политичари што јавно велат дека бугарската блокада е неодговорна и штетна.
Тоа не е случајна промена на тон.
Тоа е знак дека Европа почнува да сфаќа колкава штета ѝ е направена на сопствената кредибилност преку македонското прашање.

Но да бидеме искрени до крај.
Никој нема да ја спаси Македонија ако самата не се избори за себе.
Ниту Брисел.
Ниту Вашингтон.
Ниту Будимпешта. Ниту Загреб.
Историјата е сурова кон народите што чекаат други да им ја завршат битката.
Затоа денешната борба не е само дипломатска.
Таа е внатрешна. Борба против поразениот менталитет.
Против инсталациите што две децении ја цицаа државата. Против елитите што создадоа систем во кој чесниот човек преживува, а паразитот владее.

Македонија денес нема луксуз за нови предавства.
Ова е време кога државата мора да расчисти и со политичките манипулатори, и со коруптивните мрежи, и со медиумските трујачи што со години го убедуваа народот дека нема право на достоинство.
Зашто нема поскапа работа од народ што ќе почне да се срами од сопствениот корен.
Токму затоа денес Македонија не смее да отстапи.
Не од инает.
Не од тврдоглавост. Туку затоа што народ без самопочит станува само географија,а Македонија никогаш не била само географија.
Таа е гроб на револуционери, молитва на мајки, тивка солза на иселеници, клетва на предците и аманет на идните поколенија.
И затоа денес, кога повторно се отвора прашањето дали ќе бидеме народ или проект, Македонија мора да одговори со мирна, но железна решителност.
Реформи – да.
Европа – да.
Понижување, никогаш повеќе.
Зашто како што запишал античкиот мудрец Хераклит:
„Народот мора да се бори за својот закон како за своите ѕидини,а Македонија денес токму тоа го прави, ги брани своите ѕидини.

Please follow and like us: