УЗКН: Нема надлежност за интервенции врз објектот на „Димитар Влахов“, куќата немала статус на заштитено наследство

Охрид

Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) соопшти дека нема законски ингеренции за постапување, односно за издавање согласности, забрани или други управни акти поврзани со интервенции врз објектот на улицата „Димитар Влахов“ во Охрид.

Од институцијата појаснуваат дека нивните надлежности се однесуваат исклучиво на културни добра кои имаат утврден статус на заштита или се во постапка за заштита, согласно важечката законска регулатива.

Во соопштението се наведува дека до УЗКН не е покрената постапка за воспоставување заштита на конкретниот објект од страна на надлежната институција, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид.

Управата дополнително истакнува дека невладината организација „Охрид SOS“ не е надлежна институција за формално доставување предлози за воспоставување заштита на објекти кои би се третирале како културно наследство.

Иако објектот се наоѓа во контактната зона на Споменичната целина „Старо градско јадро на Охрид“, за која постои утврден режим на заштита, од УЗКН посочуваат дека следењето на состојбата на терен е во надлежност на НУ Заводот и музеј – Охрид.

Од Управата апелираат јавноста да прави разлика меѓу официјално потврдени информации и непоткрепени објави на социјалните мрежи, предупредувајќи дека дезинформациите можат да доведат до погрешна перцепција и непотребно вознемирување.

Случајот со објектот на улицата „Димитар Влахов“, како што стои во соопштението, повторно ја отвора потребата од одговорно информирање и проверка на фактите пред изнесување на обвинувања во јавноста.

Please follow and like us: