Колумна на Слободан ТОМИЌ – Тиват 2026: Ќе ја исправи ли Европа најголемата неправда кон Македонија или ќе го затвори последното прозорче на довербата?

Македонија Регион Свет

„КОГА НАРОДОТ ПРЕДОЛГО ЧЕКА ПРАВДА, ПОЧНУВА ДА СЕ СОМНЕВА ДАЛИ ВООПШТО ПОСТОИ.“



(Цицерон)
Цицерон

Пишува: Слободан ТОМИЌ

Слободан ТОМИЌ

Тиват никогаш не бил само туристички бисер на Јадранот.
Со векови претставувал точка каде што се вкрстувале интересите на империите, трговските патишта и големите политички стратегии на Медитеранот.
Во неговата непосредна близина се наоѓа прочуениот Остров на цвеќето, симбол на средби, духовност и историски премини меѓу различни цивилизации.
Затоа не е случајно што токму Тиват е избран за новата средба на европските челници и лидерите на Западен Балкан.

Но прашањето што денес одекнува од Скопје до Брисел е едноставно и суштинско:

Дали Европа конечно ќе покаже дека нејзиниот збор вреди, или повторно ќе произведе нова декларација што ќе заврши во архивите на неисполнетите ветувања?

Македонија повеќе од две децении чека.
Чека пофалби кои никогаш не се претвораат во резултати.
Чека ветувања што постојано се повторуваат, но ретко добиваат конкретен рок и јасна содржина.
Чека правда која упорно се одложува.
Во тие повеќе од дваесет години Македонија направи нешто што не го направила ниту една друга земја кандидат за членство во Европската Унија.
Смени знаме.
Смени име.
Прифати договори.
Отвори болни прашања од сопствената историја.
Направи компромиси што длабоко навлегоа во националното ткиво и оставија траги во колективната свест на народот.
Но секогаш кога ќе се приближеше до европската цел, се појавуваше нов услов.
Прво дојде грчкото вето.
Потоа бугарската блокада.
Потоа протоколите.
Потоа уставните измени.
И секогаш истото прашање останува без одговор:
Која е последната станица?
Кој може да гарантира дека утре нема да се појави ново барање?
Кој може да гарантира дека по уставните измени нема да следува нова блокада?
Кој може да гарантира дека билатералните спорови повторно нема да се претворат во европски услови?

Токму затоа Тиват е многу повеќе од обичен самит.
Тиват е тест за кредибилитетот на Европската Унија.
Во меѓувреме, Европа сè погласно зборува за забрзани механизми за интеграција на Украина и Молдавија. Се отвораат идеи за асоцијативно членство, постепена интеграција и нови модели на приближување кон Унијата.
Токму тука се поставува едно логично прашање:
Ако за новите кандидати се бараат креативни решенија и забрзани патеки, тогаш зошто Македонија веќе повеќе од две децении е заглавена во лавиринт од нови услови?

Зошто за едни се бара политичка флексибилност, а за други бесконечно трпение?
Македонските граѓани не бараат привилегии.
Не бараат подароци.
Не бараат скратен пат.
Бараат исти правила за сите.
Бараат принципи наместо двојни стандарди.
Бараат Европа да биде она што самата тврди дека е.
Во исто време, во Македонија продолжува жестоката политичка пресметка околу европскиот пат. Едните предупредуваат дека државата не смее повторно да влезе во отворен процес без јасни гаранции. Другите тврдат дека секое ново одложување значи дополнително оддалечување од Европската Унија.
Но суштинското прашање не е партиско.
Суштинското прашање е државно.
Дали Македонија треба да продолжи по пат на кој целта постојано се поместува?
Или Европа конечно треба да покаже дека проширувањето не е политички инструмент, туку реална и остварлива политика?

Во самиот Западен Балкан веќе се чувствува замор.
Во Босна и Херцеговина расте скепсата.
Во Србија ентузијазмот за европската идеја е значително намален.
Во Албанија и Црна Гора сè почесто се поставува прашањето дали реформите навистина водат кон членство.
Затоа Тиват е важен.
Не поради салите.
Не поради протоколот.
Не поради заедничките фотографии.
Туку поради довербата.
Зашто довербата е најважната валута во политиката , а довербата на Балканот кон европските ветувања денес е послаба од кога било.
Европа сега има историска можност.
Да покаже дека проширувањето е жива политика.
Да покаже дека зборот даден на Македонија има тежина.
Да покаже дека жртвите и компромисите не биле залудни.
Ако тоа не се случи, тогаш Тиват ќе остане запаметен како уште еден самит на убави зборови, дипломатски фрази и внимателно напишани соопштенија.
Но ако Европа конечно покаже храброст, визија и принципиелност, тогаш Тиват може да стане местото каде што започна враќањето на довербата меѓу Брисел и Балканот.
Зашто ниту една голема идеја не може бесконечно да живее од ветувања.
Во еден момент мора да дојде денот кога зборовите ќе се претворат во дела,а токму тој ден, повеќе од кога било, го чека Македонија.

Please follow and like us: