​Колумна на Слободан ТОМИЌ – Кога политичарот ќе се судри со сопствените зборови

Македонија Свет

Од потписите на Бујар Османи до прашањата на Тимчо Муцунски, кој ја носи политичката одговорност за најтешкиот товар на Македонија на европскиот пат?

„Вистината е ќерка на времето.“

Аулус Гелиј
Аулус Гелиј

Пишува: Слободан ТОМИЌ

Слободан ТОМИЌ

Постојат моменти во историјата на една држава кога политичките расправии престануваат да бидат обична дневна политика и стануваат прашање на историска одговорност. Македонија денес се наоѓа токму во таков момент.

​Денес, кога министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски јавно порача дека Бујар Османи „многу добро знае што преговараше, што прифаќаше и во каква позиција ја остави државата“, јавноста повторно се враќа неколку години наназад таму каде што беа донесени одлуките чии последици Македонија ги чувствува и денес.

​Прашањето не е кој денес има подобар настап пред камерите, туку кој ги носеше одлуките кога се одлучуваше за иднината на државата. Политичката меморија не смее да биде кратка.

Таа мора да ги памети договорите, протоколите, изјавите и, најмногу од сè, последиците.

Токму затоа денешната полемика меѓу Тимчо Муцунски и Бујар Османи не е обична расправија меѓу актуелен и поранешен министер, туку судир меѓу две различни визии за тоа што значи заштита на државните интереси.

Политичката меморија не смее да избледи​

Бујар Османи беше министер за надворешни работи во периодот кога беа водени најчувствителните разговори со Република Бугарија. Во неговиот мандат беше потпишан Вториот билатерален протокол на 17 јули 2022 година, документ што и денес е предмет на различни правни и политички толкувања. Во истиот период беше прифатена Преговарачката рамка со Европската Унија, по што прашањето за уставните измени стана услов за продолжување на европскиот процес.

​Денес Османи тврди дека протоколите не се правен дел од Преговарачката рамка.
Но се поставува едно сосема легитимно прашање: Ако сè било толку јасно, тогаш зошто токму денес Македонија повторно се соочува со истите дилеми, исти условувања и исти политички спорови?

​На 24 јануари 2022 година, во интервју за бугарската телевизија БТВ, Бујар Османи изјави дека не гледа проблем Бугарите да бидат внесени во Уставот на Република Македонија како дел од заедниците наведени во него.

За едни тоа беше дипломатски обид за надминување на спорот, додека за други тоа беше отворање на прашање што дотогаш не било дел од македонскиот политички консензус.

​Без разлика на толкувањата, останува неспорен фактот дека токму во тој период започна процесот што подоцна доведе до барањето за уставни измени како дел од европскиот процес. Јавноста има право да поставува прашања , не од омраза или реваншизам, туку од чувство на одговорност кон иднината на Македонија.

Потписот е момент, последиците се историја​

Во политиката, секој потпис има своја тежина.
Некои документи се забораваат по неколку месеци, но други остануваат да ја следат државата со децении.

Токму затоа денес не се води расправа само за една изјава или за една прес-конференција, туку за политичката цена што Македонија ја плаќа поради одлуките донесени во изминатите години.

​Тимчо Муцунски јавно тврди дека протоколите не се составен правен дел од Преговарачката рамка и дека Владата нема да прифати нови билатерални условувања кои би го довеле во прашање македонскиот идентитет, јазик и историски континуитет.

Во исто време, тој директно го повика својот претходник да не ги извртува фактите, потсетувајќи дека токму Бујар Османи бил еден од клучните носители на политиката што ја доведе државата во сегашната ситуација.

​Тоа не е само политичка реплика, тоа е повик за политичка одговорност.

​Историјата покажува дека политичарите често ги менуваат своите толкувања, но документите не ги менуваат своите зборови.

Записниците не се менуваат, потписите и изјавите остануваат.

​„Исправната постапка е поважна од убавите зборови.“


Конфучиј

Конфучиј

​Кога се разговара за иднината на Македонија, најсилниот аргумент не се политичките обвинувања, туку фактите, документите и јавните изјави што остануваат трајно запишани.
Историјата секогаш го има последниот збор.

Македонија заслужува одговори, а не меѓусебни обвинувања​

Во секоја сериозна демократија, носителите на највисоките државни функции знаат дека со функцијата не доаѓа само правото да се одлучува, туку и обврската да се даде отчет.

Денес не е доволно да се каже дека „сè било правилно“, ниту пак да се повторува дека „другите погрешно толкуваат“.

​Јавноста очекува јасни одговори на суштинските прашања:

​Зошто Република Бугарија и понатаму се повикува токму на тие протоколи како основа за своите барања во европскиот процес?
​Зошто секој извештај за напредокот на Македонија повторно ги отвора истите прашања?
​Зошто македонската дипломатија со години мора да објаснува дека билатералните спорови не смеат да станат европски критериуми?
​Тоа не се партиски, туку државни прашања.

Политиката не се мери со прес-конференции, со објави на социјалните мрежи или со тоа кој ќе биде погласен во телевизиско студио. таа се мери според тоа што државата добила, а што изгубила.

Секој договор и потпис мора да се оценуваат според нивните последици.

​„Одговорноста е цената на власта.“


Марк Тулиј Цицерон
Марк Тулиј Цицерон

Функциите се минливи, но одлуките што ги носат државниците остануваат.

Кога ќе се смират дневнополитичките препукувања, ќе остане само едно прашање: Дали донесените одлуки ја направија Македонија посилна, посигурна и поблиску до своите национални интереси?

На тоа прашање одговорот ќе го даде времето.

Од 2017 година до денес, хронологија што не смее да се заборави​

Историјата не се случува во еден ден; таа се создава чекор по чекор, одлука по одлука, потпис по потпис.

​Во август 2017 година беше потпишан Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Во тоа време, македонската јавност беше уверувана дека договорот ќе биде основа за нова доверба и отворање на европската перспектива.

Наместо тоа, следуваа нови барања, нови условувања и нови политички кризи.

​Кога Бујар Османи ја презеде функцијата министер за надворешни работи, односите со Софија веќе влегуваа во најчувствителната фаза.

Тоа веќе не беше спор само за историјата, туку спор што директно влијаеше врз европската иднина на државата. По потпишувањето на Вториот билатерален протокол на 17 јули 2022 година, прашањата само се мултиплицираа.

​Ниту една дипломатија не функционира без компромиси, но секој компромис има граница, а таа граница се нарекува национален интерес. Секој што седнува на масата за преговори преговара во име на милиони граѓани, во име на историјата и идинте генерации. Македонскиот народ низ историјата платил висока цена за своето име, јазик и идентитет, па оттука секоја одлука што ги допира овие прашања природно предизвикува силен јавен интерес.

​„Одговорноста е душата на секоја власт.“



Аристотел
Аристотел

Македонија денес, повеќе од кога било, има потреба од државници кои ќе бидат подготвени не само да зборуваат за своите одлуки, туку и да одговараат за нив.

Кога политичката дебата станува прашање на доверба​

Политиката не е само натпревар на идеи, таа е и доверба,а довербата не се гради преку изјави дадени денес за да се објасни вчерашната политика, туку со доследност и подготвеност секоја одлука да се брани со аргументи.

​Полемиката меѓу Тимчо Муцунски и Бујар Османи ја отвора суштинската дилема: Дали Македонија навреме ги согледала сите политички и правни последици од договорите што ги прифати, или денес живее со последиците од одлуки што биле претставени како единствен можен пат?

​Во демократијата нема поранешна одговорност, има само поранешни функции.

Секој документ потпишан во име на Република Македонија останува дел од институционалната меморија, а секој јавен настап е дел од политичката меморија на граѓаните.

Затоа, кога повторно се отвора дебатата за Преговарачката рамка и билатералните протоколи, сите аргументи мора да бидат ставени на маса, без селективно паметење или заборавање.

​Во последните години македонските граѓани слушнаа многу ветувања дека одредено условување ќе биде „последно“. Денес довербата може да се обнови само со целосна транспарентност и со јасно поставени државни позиции.

​„Вистинскиот авторитет не се добива со зборови, туку со одговорност.“



Шарл де Гол
Шарл де Гол

​Историјата не бара совршени политичари.

Таа бара чесни одговори, државничка мудрост и храброст секој што преговарал и потпишувал во името на Македонија да биде подготвен да застане пред граѓаните и да каже:

​„Ова го направив.
Ова беа моите причини.

И ја прифаќам одговорноста за последиците.“

​Само така се гради доверба, само така се гради држава и само така историјата станува учител, а не судија.

Please follow and like us: