Бугарската стратегија, О’Ниловото предупредување, Протоколите и последната линија на уставната држава
Автор: Слободан ТОМИЌ

Постојат моменти кога една држава мора да престане само да реагира на настаните и мора да почне да ја пишува сопствената стратегија.
Македонија повторно се наоѓа токму во таков момент.
Софија ја проектира својата надворешна политика до 2030 година.
Брисел очекува исполнување на преземените обврски.
Бугарија останува на своите позиции, а Скопје повторно се наоѓа пред истото големо прашање што ја следи државата повеќе од три децении:
Дали Македонија ќе биде држава што сама ја определува својата европска иднина или држава чиј европски пат ќе биде условуван од историските и политичките позиции на соседите?
Но денес постои уште една институција која не смее да биде заобиколена во оваа приказна.
Тоа е Уставниот суд.
Затоа што кога политиката ќе стигне до границата на Уставот, последниот збор не смее да го има ниту Софија, ниту Брисел, ниту која било странска престолнина.
Последниот збор мора да го има македонскиот уставен поредок.
О’НИЛ ЈА ПРЕПОЗНАВА СТАРАТА БАЛКАНСКА МАТРИЦА

Во ексклузивното интервју што го направив за „Гласот на народот со Слободан Томиќ“ на Вистел Телевизија, британскиот дипломат Робин О’Нил кажа реченица која денес добива нова тежина:
„Жалам што на некој начин се повторува позицијата што Грција ја имаше пред 35 години.“
Тој зборува за Бугарија.
Но О’Нил не е политички коментатор кој денес ја открива македонско-бугарската тема од телевизиско студио.
Тој бил човекот кој во 1992 година бил директно вклучен во дипломатските напори околу спорот меѓу Македонија и Грција.
Тој бил таму.
Ја познавал дипломатската атмосфера.
Го познавал Киро Глигоров.
Ги познавал грчките позиции.
И токму тој човек денес препознава нешто што Македонија не смее да го игнорира:
опасноста историското прашање повторно да стане инструмент на политички притисок.
ОД ГРЧКОТО ИМЕ ДО БУГАРСКАТА ИСТОРИЈА
Пред триесетина години прашањето беше:
„Како ќе се вика Македонија?“
Денес прашањето е:
„Како ќе ја толкува Македонија сопствената историја?“
Но зад двете прашања стои една иста дилема:
Колку далеку може да оди соседната држава во определувањето на внатрешните прашања на македонската држава?
О’Нил во интервјуто не бега од одговорот.
За бугарската позиција тој вели:
„Мислам дека Бугарија е прилично погрешна во својот став.“
И додава:
„Потребен е поширок и почувствителен пристап од страна на Бугарија.“
Тоа е дипломатски јазик.
Но пораката е исклучително јасна.
ПРОТОКОЛИТЕ, ПРАВНОТО ПРАШАЊЕ ШТО НЕ СМЕЕ ДА СЕ ЗАТРУПА ПОД ПОЛИТИКА

И тука доаѓаме до најчувствителниот дел.
Вториот Протокол од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија, одржан во Софија на 17 јули 2022 година, денес е предмет на постапка пред Уставниот суд.
Уставниот суд официјално има оформено предмет У.бр.44/2025, во кој е оспорен токму Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија од 17 јули 2022 година.
Во февруари 2026 година Судот објави и информација поврзана со иницијативата во овој предмет.
Ова е суштински важно.
Зошто?
Затоа што сега прашањето не е само политичко.
Прашањето е:
Дали еден ваков акт може да произведува дејства што навлегуваат во сферата на уставниот поредок, надлежностите на државните институции и суштинските прашања на државата, а притоа неговата правна природа, форма и содржина да останат надвор од најстрога уставно-судска контрола?
Токму тоа треба да го испита Уставниот суд.
И токму затоа не треба никој однапред да му ја диктира одлуката.
Но не треба ниту да му се одземе историската одговорност.
УСТАВНИОТ СУД НЕ Е ДЕКОР НА ДРЖАВАТА
Уставниот суд има суштинска улога во контролата на уставноста и законитоста и во заштитата на уставниот поредок.
Тоа значи дека неговата улога во ова прашање не може да биде протоколарна.
Не може Судот да се претвори во институција која само ќе регистрира што договориле политичарите.
Уставниот суд постои токму за да ја постави границата:
до каде може политиката, а од каде почнува Уставот.
И затоа, ако по целосната правна анализа Судот утврди дека одредбите или дејствата што произлегуваат од Протоколите се спротивни на Уставот или на законите, тогаш мора да постапи согласно со своите уставни овластувања.
Тоа не би било политички акт.
Тоа би било владеење на правото.
ПРОТОКОЛОТ НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ „НАД УСТАВОТ“

Ова мора да биде црвената линија.
Ниту еден протокол.
Ниту еден договор.
Ниту една политичка декларација.
Ниту една европска препорака.
Ниту една дипломатска формула.
Ниту една странска влада.
Не може да биде над Уставот.
Ако нешто што е договорено меѓудржавно произведува последици во внатрешниот правен поредок, тогаш мора да постои јасна правна основа за тие последици.
Тука не помага политичката реченица:
„Тоа е преземена меѓународна обврска.“
Меѓународната политика и уставното право мора да се усогласат.
Не обратно.
НЕПРИСТОЈНОТО НЕ МОЖЕ ДА СТАНЕ УСТАВНО САМО ЗАТОА ШТО Е ОКТРОИРАНО

И тука би ја поставил најострата авторска теза.
Не може една држава да биде ставена пред готов акт, потоа тој акт политички да биде претставен како неизбежен, а потоа од самата држава да се очекува да го прифати како нова реалност.
Тоа не е европскиот дух.
Европа не е простор во кој посилниот диктира, а послабиот само потпишува.
Европа е простор на право.
На институции.
На процедура.
На демократска легитимност.
На уставност.
На почитување на граѓанинот.
Затоа сè што е неуставно, недемократски наметнато или правно неосновано, ако таквата спротивност биде утврдена од надлежниот орган, мора да биде отстрането од правниот поредок.
И тука зборот не е:
„непослушност“.
Зборот е:
УСТАВНОСТ.
А КАДЕ Е ВО СЕТО ОВА ГРАЃАНИНОТ?
Ова е прашањето што политичките елити често го забораваат.
Државата не постои сама за себе.
Уставот не е украсна книга.
Демократијата не е само гласање на секои четири години.
Граѓанинот е извор на демократскиот легитимитет.
Во 2018 година беше одржан референдум со прашање поврзано со членството во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот со Грција.
Според официјалните податоци, од 1.801.965 запишани гласачи гласале 664.210, односно околу 36,9 проценти.
Затоа правно прецизно треба да се каже:
референдумот не го постигна потребниот праг на излезност за да произведе одлука со предвидениот референдумски ефект.
Но политичката порака на тој настан не може едноставно да биде избришана од историската меморија.
Тој покажа дека постои длабока поделба во општеството околу прашањето.
И токму затоа секој политички процес што ги засега идентитетот, државноста и уставниот поредок мора да има особено силен демократски легитимитет.
НЕ МОЖЕ СЕГА ДА СЕ ПРАВИ КАКО НАРОДОТ НЕ ПОСТОИ
Демократскиот легитимитет не завршува со изборите.
Избраната власт има мандат.
Но нема мандат да биде над Уставот.
Нема мандат да биде над граѓанинот.
Нема мандат да ја суспендира институционалната контрола.
И тука доаѓа значењето на актуелната политика на Христијан Мицкоски.
Неговата најсилна политичка позиција не треба да биде:
„Јас сум против Бугарија.“
Тоа би било премногу мало.
Неговата позиција треба да биде:
„Јас сум за европска Македонија, но европска Македонија која влегува во Европа како уставна, демократска и рамноправна држава.“
Тоа е многу посилно.
И тоа е позиција која може да има легитимитет и пред македонската јавност и пред европските партнери.
МИЦКОСКИ И НОВАТА ДРЖАВНА ЛОГИКА

Мицкоски не треба да се претставува како политичар кој го блокира европскиот пат.
Напротив.
Тој треба да ја наметне тезата дека токму европската интеграција бара почитување на европските принципи, а тоа значит:
реформи — да;
владеење на правото — да;
борба против корупцијата — да;
добрососедство — да;
дијалог со Бугарија — да;
европска интеграција — да;
но политички притисок врз македонскиот уставен поредок — не.
Тоа е разликата меѓу изолационизам и државништво.
НЕКА ГОВОРИ УСТАВОТ, А НЕ УЛТИМАТУМОТ
Тука Македонија треба да биде храбра.
Ако некој смета дека Протоколите се уставни — нека го докаже тоа.
Ако некој смета дека се законити — нека го докаже тоа.
Ако некој смета дека произведуваат правни дејства — нека ја покаже правната основа.
Ако некој смета дека не навлегуваат во идентитетските прашања — нека го покаже тоа.
Но одговорот не треба да биде политичка караница.
Одговорот треба да биде:
УСТАВНИОТ СУД.
И токму затоа е важно што предметот веќе постои.
Во оваа ситуација најважно е Судот да одлучува без политичко калкулирање и без надворешен притисок.
Не калкулација.
Не политичко мерење.
Не страв од Софија.
Не страв од Брисел.
Не страв од Вашингтон.
Само Уставот.
О’НИЛ И ПРОТОКОЛИТЕ — ДВЕ ЛИНИИ ШТО СЕ СЕЧАТ
И тука повторно се враќаме кај Робин О’Нил.
Од една страна имаме човек кој од дипломатската историја ни кажува:
„Историјата повторно се користи како инструмент на политички притисок.“
Од друга страна имаме македонска институција која треба да утврди дали конкретни акти се во согласност со домашниот уставен и правен поредок.
Тоа се две различни рамнини.
Но се среќаваат во една точка:
државата мора да има правен механизам со кој ќе ја заштити својата уставна автономија.
Токму тоа е суштината на правната држава.
БУГАРИЈА НЕ МОРА ДА БИДЕ НЕПРИЈАТЕЛ
Ова исто така мора да биде кажано.
Бугарија не треба да биде непријател на Македонија.
Бугарија е сосед.
Членка на ЕУ.
Држава со која Македонија мора да има нормални, европски и добрососедски односи.
Но токму затоа односите треба да се ослободат од логиката:
„Јас сум член, ти си кандидат, затоа јас одлучувам колку брзо ќе се движиш.“
Таквата логика создава недоверба.
Европската логика треба да биде:
„Јас сум член, затоа имам уште поголема одговорност кандидатот да го внесам во системот.“
Тоа би било европско лидерство.
СОФИЈА ДО 2030, НО МАКЕДОНИЈА НЕ СМЕЕ ДА ЧЕКА ДО 2030

Бугарија може да си поставува свои стратешки цели.
Тоа е нејзино право.
Но Македонија мора да има сопствена стратегија.
И таа стратегија не треба да биде стратегија против Бугарија.
Треба да биде стратегија за Македонија.
Македонија мора да стане држава која:
не моли;
не уценува;
не се заканува;
не се откажува;
не се изолира;
туку преговара од позиција на јасно дефиниран национален интерес.
ЕВРОПА НЕ СМЕЕ ДА СТАНЕ СИСТЕМ НА БИЛАТЕРАЛНИ ВЕТА
Тука О’Нил е најблиску до суштината.
Тој предупредува дека ЕУ ризикува да ја изгуби кредибилноста во Западен Балкан ако следи политички интереси на одделни членки наместо пошироката европска цел.
Тоа е огромно предупредување.
Затоа што Македонија не е единствениот тест.
Ако денес една држава може да биде блокирана поради историја, утре друга може да биде блокирана поради граница.
Трета поради малцинство.
Четврта поради јазик.
Петта поради историски настан.
И тогаш европската интеграција ќе стане бесконечна низа од билатерални арбитражи.
Тоа не е Унијата кон која Балканот сака да влезе.
НАЈГОЛЕМИОТ ПАРАДОКС
Има нешто парадоксално во целата ситуација.
Бугарија сака Македонија да биде европска.
Македонија сака да биде европска.
Европската Унија сака Западен Балкан да биде европски.
Но сите три страни се заглавени во прашања што потекнуваат од минатото.
Тоа е балканскиот парадокс:
сите зборуваат за Европа, а сите се влечат назад кон историјата.
О’Нил токму тоа го препознава.
И затоа неговото:
„Сега живееме во XXI век“
не е само коментар за историјата.
Тоа е повик за политичка зрелост.
МАКЕДОНСКАТА ПОБЕДА НЕ Е БУГАРСКИОТ ПОРАЗ
Ова мора да стане основна македонска европска политика.
Ако Македонија стане членка на ЕУ, Бугарија не губи.
Ако Македонија го зачува својот идентитет, Бугарија не мора да го изгуби својот.
Ако Македонија ги почитува Бугарите како граѓани, Бугарија нема потреба да се плаши од Македонија.
Ако Бугарија ги почитува Македонците и нивното право на сопствено самоопределување, Македонија нема потреба да гледа во Бугарија како закана.
Тоа е единствениот европски излез.
А УСТАВНИОТ СУД?
Тој сега има историска одговорност.
Не да решава политика.
Не да решава историја.
Не да решава дипломатски односи.
Туку да решава право.
Да ја утврди правната природа на оспорените акти.
Да ги испита нивната уставност и законитост.
Да утврди дали се движат во рамките на овластувањата на институциите што ги донеле.
И ако утврди противуставност или незаконитост — да ја примени својата уставна надлежност.
Тоа не треба да биде сфатено како напад врз Бугарија.
Тоа е заштита на македонската уставна држава.
А ако Судот утврди дека актите се во согласност со Уставот и законите, и тоа мора да се почитува.
Токму затоа институциите постојат.
НЕКА НЕМА ПОВЕЌЕ ОКТРОИРАНИ РЕШЕНИЈА
Македонија не смее повеќе да се доведува во ситуација во која политичкиот притисок ќе биде претставуван како единствена реалност.
Ниту еден „предлог“.
Ниту еден „протокол“.
Ниту една „рамка“.
Ниту една „компромисна формула“.
Не смее да стане недопирлив објект само затоа што доаѓа однадвор.
Секој акт што произведува правни последици мора да има правна основа.
Секоја институција мора да остане во својата надлежност.
Секој демократски процес мора да има легитимитет.
И секој граѓанин мора да знае дека постои институција која ќе застане меѓу политичкиот интерес и Уставот.
Тоа е Уставниот суд.
МИЦКОСКИ И ШАНСАТА ЗА НОВА ДРЖАВНА ДОКТРИНА

Тука е и историската шанса за Христијан Мицкоски.
Не да биде само премиер кој кажува:
„Не.“
Туку премиер кој ќе каже:
„Да за Европа. Да за реформите. Да за добрососедството. Да за дијалогот. Но да и за уставната, демократска и суверена Македонија.“
Тоа е државничка позиција.
Таа позиција не е антибугарска.
Не е антиевропска.
Не е антизападна.
Напротив.
Таа е проевропска затоа што Европа значи владеење на правото.
И затоа Мицкоски има легитимно право да бара европскиот пат да не биде пат на бескрајни дополнителни услови, туку пат со јасни правила.
ИСТОРИЈАТА СЕ ВРАТИ — НО ОВОЈПАТ МАКЕДОНИЈА ИМА ИНСТИТУЦИИ
Во 1992 година Македонија немаше многу од денешните институционални механизми.
Беше нова држава.
Несигурна.
Економски ранлива.
Под силен меѓународен притисок.
Денес е членка на НАТО.
Има 35 години државност.
Има свои институции.
Има Уставен суд.
Има демократски избори.
Има сопствена надворешна политика.
Има искуство.
Има генерација што веќе ја научи најскапата лекција:
секој компромис мора да има граница.
И ЗАТОА ОВА НЕ Е САМО БИТКА ЗА ПРОТОКОЛИТЕ
Ова не е само спор за еден документ.
Не е само спор за два протоколи.
Не е само спор со Бугарија.
Ова е прашање:
ДАЛИ МАКЕДОНИЈА Е УСТАВНА ДРЖАВА?
Ако е — тогаш Уставот е последната линија.
Не Софија.
Не Брисел.
Не Вашингтон.
Не кој било политички лидер.
Уставот.
ФИНАЛЕ: КОГА ЕДНА ДРЖАВА ЌЕ КАЖЕ „ДОСТА“ — ТОГАШ ПОЧНУВА ДРЖАВНИШТВОТО

Македонија не треба да се плаши од Европа.
Не треба да се плаши од Бугарија.
Не треба да се плаши ниту од сопствената историја.
Но не смее да се плаши ниту од сопствениот Устав.
Затоа денес мора да кажеме нешто многу едноставно.
Ако Протоколите се уставни, нека се докаже.
Ако се законити, нека се докаже.
Ако се во рамките на надлежностите. нека се докаже.
Но ако Уставниот суд утврди спротивно, тогаш државата мора да има храброст да го почитува сопствениот Устав.
Не затоа што тоа му се допаѓа на Скопје.
Не затоа што тоа ќе му се допадне на Брисел.
Не затоа што тоа ќе ја налути Софија.
Туку затоа што една држава која не го почитува сопствениот Устав не може сериозно да бара другите да го почитуваат нејзиниот суверенитет.
Робин О’Нил ни ја даде историската лекција.
Тој ја видел Македонија во најтешките години.
Ја видел грчката блокада.
Ја видел дипломатската немоќ.
Ја видел пропуштената можност.
И денес гледа нешто што го потсетува на тоа минато.
Неговата порака е:
„Сега живееме во XXI век.“
Јас би ја продолжил неговата реченица:
Да, господине О’Нил. Но Македонија повеќе нема право да ги повторува грешките од XX век.
Ниту да дозволи историјата повторно да ѝ стане затвор.
Ниту да дозволи туѓите стратегии да ѝ станат домашен Устав.
Ниту да дозволи политичките протоколи да станат повисоки од институциите.
Ниту да дозволи Европа да стане бесконечна чекалница.
И затоа денес најважното прашање не е:
„Што ќе каже Софија?“
Не е ниту:
„Што ќе каже Брисел?“
Прашањето е:
„ШТО ЌЕ КАЖЕ УСТАВОТ?“
Ако одговорот на тоа прашање биде донесен независно, храбро и правно аргументирано, Македонија ќе добие нешто многу поважно од една политичка победа.
Ќе добие институционална зрелост.
Ќе покаже дека европската Македонија не е Македонија без став.
Туку Македонија со институции.
Со право.
Со демократија.
Со достоинство.
Со европска ориентација.
И со јасна граница до каде може компромисот.
Зашто компромисот е доблест само додека не ја уништува суштината,а кога една држава ќе престане да ја брани својата уставна граница, тогаш веќе не преговара.
Тогаш се откажува.
Македонија не смее да се откаже.
Треба да оди кон Европа.
Но како држава.
Не како предмет.
Како партнер.
Не како заложник.
Како рамноправен европски народ.
Не како историска фуснота.
И можеби токму затоа денес најголемата македонска победа не би била да го победи Бугарот.
Ниту Гркот.
Ниту Брисел.
Најголемата победа би била Македонија конечно да научи да не се победува самата себе.
Тоа е патот од протокол до Устав.
Од притисок до државништво.
Од минато до иднина.
Од балканска блокада до европска зрелост.
И од држава која чека до држава која одлучува.


