„Нема погрозна тиранија од онаа што се спроведува под закрила на законот и во името на правдата.“
— Шарл де Монтескје

Пишува: Слободан ТОМИЌ

Слободан ТОМИЌ
Во земјата каде што правосудството е претворено во приватна фирма за заштита на елитата, институционалниот бесрамник ги достигна сите дна.
По пет години срамно криење по фиоки, затворање очи и слугување на партиско-бизничарските кланови, Јавното обвинителство го потпиша сопствениот морален капитулантски лист. Со ладнокрвна индиферентност, Верица Бержецка Крстева и Ислам Абази излегоа пред јавноста да соопштат дека „немало злоупотреба“ и дека „буџетот не бил оштетен“.

За нив, 14 изгорени живи луѓе во лимените кутии во Тетово се само статистичка грешка, а милионските тендери — совршено законска операција.
Затоа, не треба да чуди што Ислам Абази, по сите одработени задачи за спасување на моќниците, сега најавува повлекување и нема да бара нов мандат.
Тој и неговите претходнички, како Вилма Русковска и Елизабета Јосифовска, со години ја играа истата валкана игра: чување предмети во длабоки фиоки, чекање да застарат обвиненијата или носење уредни решенија за амнестија на политичките моќници од СДСМ и ДУИ.
Тие беа и останаа штит за архитектите на ковид-профитерството, од тогашниот министер за здравство Венко Филипче, до сопствениците на привилегираните компании.
Во оваа гротескна претстава, системот намерно ги избриша контролните механизми за градење, ги прогласи болниците за „стока“ за да нема надзор, за на крајот вината да ја сведе на еден продолжен кабел. Кабелот куртрули, функционерите и бизнисмените си ги пребројаа милионите, а мртвите души беа прогласени за виновни затоа што се нашле на погрешното место.
Оваа петгодишна голгота покажа дека обвинителскиот апарат работи исклучиво како биро за правно перење на политичкиот криминал.
Додека новинарските истражувања и свиркачите вадеа документи за скриени анекс-договори и за свесно избегнување на минималните технички стандарди за заштита од пожар, обвинителите се правеа слепи.
Немало штета по буџетот, велат тие.
Но, која е цената на 14 човечки животи? Колку чини изгорената совест на еден систем што ги смени законите преку ноќ само за да го олесни профитот, а да ги елиминира инспекциите и безбедносните дозволи?
Го направија тоа без срам, претворајќи го здравствениот систем во масовна гробница, а потоа со години го држеа предметот под тепих за да дочекаат погоден момент за негово ликвидирање.
Но, оваа организирана машинерија за заштита на егзекуторите не застанува тука. Нејзиниот морбиден и подмолен ракопис најдобро се гледа на предметот за мојот син Ѓорѓи Томиќ, уште една прекршена млада судбина врз чиј случај некој моќник свесно стави рака за да не ја види светлината на правдата. Додека кривичните пријави и предметите за одговорните лица намерно се туркаат во најдлабоките обвинителски фиоки, вистинските злосторници продолжуваат да се шетаат на слобода, во нов поход на нови неодговорности и кривични дејанија кои оставаат трагични и смртни последици. Кога обвинителите и судиите кријат докази и ги чуваат во фиоки предметите за убиените и оштетените деца, тие директно стануваат соучесници во злосторството. Познавачите на овие здравствено-правосудни далавери и заткулисни криенки јасно укажуваат дека зад молкот се кријат истите тие „чувари на егзекуторите“.

Тие од својата сопствена мегаломанија и лакомост знаат дека се соучесници во ова вандалско одземање животи, оставајќи ги семејствата да страдаат без раце и нозе, искршени од болка, додека тие уживаат во плодовите на нивниот злосторнички сојуз.
Ова веќе не е само корупција , ова е институционален садизам и системско убиство на иднината. Кога тие што треба да го спроведуваат законот стануваат заштитници на џелатите, а судиите и обвинителите работат како адвокати на политичкото подземје, народот ги губи сите илузии.
Но, нека не заблудуваат нивните денешни одлуки и наводни повлекувања од функциите. Ниту една фиока не е доволно длабока за да ги сокрие солзите и крвта, ниту едно соопштение од ОЈО ГОКК нема да ја избрише вистината за изгорените во Тетово, ниту за скриените предмети како оној на Ѓорѓи Томиќ.
Времето на одговорност неизбежно доаѓа, а народниот гнев ги помни сите имиња што ја продадоа правдата.




