Во Јавното претпријатие “Водовод” Охрид во изминатите години владеел вистински хаос во сите области, или народски кажано било “каша-попара”.
Најголем бил проблемот со бодовите за плата, бидејќи не биле давани законски, туку како што доаѓала секоја политичка гарнитура, директорот си давал бодови од ракав, без разлика на работното место или позиција, без разлика на образованието, па така имало случаи вработени со средно образование да земаат поголема плата од советник или раководител со високо образование.
Дополнително во систематизацијата не биле предвидени работни места на преку 70 вработени.
Исто така унапредувањето било извршувано вон законот за административни службеници.
Сето ова го обелодени директорот на претпријатието, Марјан Ристески, на последната седница на Советот на Општина Охрид.
Тој посочи дека со неговото доаѓање на директорската позиција во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација донесена е нова систематизација, а бодовите за плата се ставени во законска рамка.
Во видеото подолу погледнете го целото излагање на Ристески за хаосот кој го затекнал во “Водовод”.

