Претседателката Гордана Сиљановска Давкова го врачи мандатот на Христијан Мицкоски за состав на Влада

Македонија

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, врз основа на член 84 алинеjа прва, а во согласност со член 90 став 1 од Уставот, денеска му го врачи мандатот за состав на Влада на Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Во својата изјава, претседателката Сиљановска Давкова посочи на уставниот рок, според кој, Претседателот е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.

Претседателката Сиљановска Давкова потсетувајќи дека при конституирањето на Собранието, претседателот на Собранието беше избран со 76 гласа „за“, изјави дека овој резултат и преговорите што се во тек ѝ даваат за право основано да смета дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, господинот Христијан Мицкоски има сериозна можност да формира влада односно да освои 61 глас за својата програма и за составот на владата што, се разбира, ќе го предложи во следните 20 дена.

„Затоа, чест ми е денеска и задоволство, со сигурност да верувам дека чекорот што го преземам, доверувањето на мандат за состав на влада на господинот, проф. д-р Христијан Мицкоски е вистински правен и политички чекор“, изјави претседателката Сиљановска Давкова.

Please follow and like us:
Tagged