Пишува: Слободан ТОМИЌ

Тешко ми падна веста за Душко Чифлиганец.
Потонав во тишина.
Не затоа што го познавав како јавна личност, туку затоа што во него видов нешто свето, нешто човечко, нешто што ме потсети на мојот син Ѓорѓи.
Тој ме поистовети со него.
И тоа никогаш нема да го заборавам.
Го познавав семејството на Душко.
Знам од какво традиционално духовно воспитување потекнуваше , со љубов, со почит, со вера.
Тоа не се учи од книги, тоа се всадува од дома.
Затоа , и не изненади каков човек израсна.
Човек што тивко помагаше, без да го разгласува.
Човек што љубеше без услов.

Кога ќе замине млад човек кој љубел, помагал, се борел, тагата не е само семејна.
Таа е народна.
Универзална.
Божја.
Затоа што Бог најчесто ги зема прво најдобрите, најчистите, најмилите.
И Душко и Ѓорѓи беа луѓе што помагаа.

Не бараа ништо за возврат.
Ги болеше туѓата болка.
Знаеја да слушнат кога никој не сакаше.
Знаеја да пружат кога сите се повлекуваа.
Во нив имаше нешто светло, нешто невидливо за око, но присутно за душата.
Душко беше тивок верник.
Не од тие што се сликаат со икони, туку од тие што со секое дело му се обраќаат на Господ.
Во секоја негова фотографија, погледот му беше некако внатре, кон небото.
Како и на Ѓорѓи.
Тој го љубеше Бога без зборови, а живееше како сведоштво за таа љубов.
И сега, кога Душко замина, а јас со месеци живеам со болката за
Ѓорѓи, знам што значи кога небото ти го земе детето.
Тоа не е болка , тоа е празнина.
Тоа е вриштење без глас.
Тоа е будење во ноќ без соништа.
Тешко е да загубиш син.
Единствен син.
Син со чисто срце, со душа што не знаеше да мрази, со љубов кон Бога што ретко се гледа денес.
Кога Господ ти е сѐ, а светот те заборава, тоа е најтежок пат , но и најсветол.
Секој млад живот што згаснува предвреме, отвора рана не само кај мајката, таткото, сестрата , синовите имсопругата, туку и кај сите нас кои чувствуваме.
И затоа боли.
Боли кога ќе слушнеш збор лош за починат млад човек.
Боли кога ќе прочиташ злобен коментар за некој што веќе не може да се одбрани.
Боли, затоа што тоа не е македонскиот дух.
Тоа не е вера.
Тоа не е човечност.
Ниту еден починат не заслужува омраза.
Кој и да е.
Каков и да е.
Камоли млад човек, кој славел Бога, кој носел светлина во очите, и кој, како и мојот Ѓорѓи , не знаел да се крие зад маски.
Ова не е само болка за Душко.
Ова е болка за секој млад што заминува.
Ова е крикот на сите родители кои ги изгубиле децата предвреме.
Ова е молитва , да си останеме луѓе.
И барем пред смртта , да застанеме и да молчиме со почит.
Вечна слава и мир на душата на Душко Чифлиганец.
Нека се сретне со синот мој Ѓорѓи, таму каде што нема злоба, нема омраза ,
само вечна светлина!

