Колумна на Слободан ТОМИЌ – „Кога партијата се јаде сама, државата ја плаќа цената“

Македонија Општо

Од внатрешни чистки до историска одговорност

Пишува: Слободан ТОМИЌ

Слободан ТОМИЌ

„Оној што жртвува суштинско за привремена сигурност, на крајот ги губи и двете.“

Бенџамин Френклин
Бенџамин Френклин

МЕЃУСЕБНАТА ЧИСТКА , СИМБОЛ НА СТРАВ

Партијата што започнува да се пресметува со сопствените членови не е партија што се зајакнува.
Таа е партија што се распаѓа одвнатре.
Денес во Социјалдемократски сојуз на Македонија се гледа класичен пример на паника и канибализам: внатрешни пресметки, црвени картони и дисциплинарни мерки против оние кои се обидуваат да го држат патот чист и транспарентен.
Имињата на Јован Деспотовски и Петре Шилегов не се случајни. Тие се симболи на култура што го јаде сопствениот потенцијал, каде критиката се казнува, а лојалноста се наградува над компетентноста.
Ова не е само политичка стратегија. Ова е внатрешен сигнал дека партијата не знае каде оди, и дека стравот од сопствените редови ја парализира пред секоја реална критика.

СЕНКАТА НА МИНАТОТО, ПРЕСЕДАНИТЕ НА ЦРВЕНКОВСКИ

Историјата на Социјалдемократски сојуз на Македонија е полна со компромиси што оставија долгорочни последици. Во времето на Бранко Црвенковски беа направени први крупни компромиси со националната симболика и економската логика на државата.Промената на шеснаесеткракото сонце од Кутлеш во 1995 година не беше само симболичен чин. Тоа беше сигнал дека надворешни притисоци и лични интереси можат да го менуваат темелот на македонската државност. Истовремено, приватизациите што следеа отворија пат за создавање на нова економска елита, додека граѓаните остануваа без сигурност, со фабрики што згаснуваа и со институции што полека стануваа ранливи.
Дополнително, влијанието на меѓународните донатори, како Џорџ Сорос со милиони долари поддршка во 1994/95 година, имаше длабок ефект: од една страна, финансиска помош, од друга , поттикнување на политика насочена кон странски агенди, а не кон граѓаните.
Денес, последиците од овие одлуки се видливи: институции ранливи, економија кревка, доверба во политиката загубена, а стравот и недовербата во сопствените редови стануваат нормални.

ОД АБОЛИЦИИ ДО ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР   НАСЛЕДСТВО НА КРИМИНАЛНА ЛОГИКА

Истата логика на компромиси продолжи и подоцна.Со аболициите, со приватизациите и со одлуките од страна на Зоран Заев, државата продолжи да биде заложник на внатрешни интереси и странски агенди.
Преспанскиот договор беше уште еден крупен преседан: одлуката за името на државата повторно покажа дека надворешните влијанија и лични интереси можат да го постават националниот интерес на маргините. Внатрешната логика на партијата останува иста: оние кои се обидуваат да постават ред и да го држат курсот чист, се казнуваат.
И токму тука се гледа континуитетот: црвени картони и дисциплинарни мерки против оние кои имаат храброст да се спротивстават на канибалската логика, со примери како Јован Деспотовски и Петре Шилегов.

ПАРТИЈА ШТО ЈА ЈАДЕ СОПСТВЕНАТА ИДНИНА

Партија што се плаши од сопствените редови, а не од власта создава страв, не визија. Кога критиката се казнува, а лојалноста се наградува повеќе од компетентноста, станува јасно дека слабоста не е во поединците, туку во целиот систем.
Ова е систем што ја јаде сопствената иднина и ги парализира институциите. Државата не смее да биде заложник на вакви внатрешни пресметки.

ЕКСПЛОЗИВНАТА ВИСТИНА

Ниту една партија не е вечна. Ниту една структура не е посилна од историскиот суд. Доколку чистките служат за спас на рејтингот , тие ќе бидат краткорочни. Доколку се признавање на системски грешки , тогаш следи вистинска одговорност. Македонија не смее да плаќа за експерименти, амбиции и внатрешни пресметки.Историјата гледа и запишува.

„КОГА ПАРТИЈАТА СЕ ЈАДЕ САМА, ДРЖАВАТА ЈА ПЛАЌА ЦЕНАТА“

(Историскиот момент бара совест, а не нови жртви)

Историјата пишува.Прашањето е кој ќе има храброст да ја прочита и да преземе одговорност.Довербата се враќа само со отчет, транспарентност и вистинска одговорност.Се друго е само продолжување на модел што ја јаде сопствената иднина.

Please follow and like us: