Пишува: Слободан ТОМИЌ

„Кога политиката ќе почне да тргува со коренот на еден народ, тогаш веќе не зборуваме за дипломатија,туку за бришење на колективното сеќавање.“
Александар Солжењицин

Ова не е повеќе политичка расправа. Ова е момент на разобличување. Момент кога паѓаат маските и станува јасно кој ја гледа Македонија како држава, а кој како договор што треба да се измени, потпише и предаде чекор по чекор.
Не е најстрашно кога надворешен фактор врши притисок. Историјата покажала дека Македонија преживувала и многу потешки времиња. Најстрашно е кога однатре ќе се појави политика што почнува да го оправдува тој притисок, да го преименува во „европска шанса“ и да го продава како неизбежност.

Венко Филипче денес настапува со став кој на прв поглед звучи разумно, но во суштина е опасен: дека Македонија преговара со Брисел, а не со Софија.
Тоа звучи удобно, но не е вистина.
Затоа што рампата не е во Брисел.
Рампата е таму каде што ветото станува средство за политичка уцена.

И додека Румен Радев со години јасно покажува дека ставовите на Софија не се менуваат, дека идентитетот и историјата се предмет на нивно толкување, од СДСМ повторно доаѓа истата формула: прифатете сега, ќе се решава подоцна.
Но Македонија тоа „подоцна“ го плаќа веќе една деценија.
Токму затоа во јавноста се појави онаа сурова, но симптоматична споредба инспирирана од Dumb and Dumber „предавник и поголем предавник“.

Не како евтина навреда, туку како реакција на народ што гледа дека секоја нова „реформа“ значи ново отстапување.
Зоран Заев ја отвори таа патека.
Политика во која секое „само уште ова“ требаше да биде последно.
Но никогаш не беше последно.
Секогаш следуваше ново барање.
И денес, наместо прекин на таа логика, се нуди нејзино продолжување.

Тежината на сомнежот дополнително ја засилува и изјавата на Ѓорге Иванов за наводна продажба на името за 150 милиони евра.
Без разлика како некој ја толкува, едно е неспорно, институциите молчеа. Ниту истрага, ниту одговор, ниту расчистување.
Тоа молчење денес создава недоверба кон секој нов процес што се претставува како „државнички“.
И затоа кога се зборува за уставни измени без јасни гаранции, без прецизни црвени линии, јавноста не слуша визија, туку слуша ехо од претходните отстапки.
Во таква атмосфера, позицијата на Христијан Мицкоски добива тежина: нема трговија со името, јазикот и идентитетот. Тоа не е само политички став, туку поставување граница,а државите опстојуваат токму по тоа, дали имаат граници што не ги поминуваат.

Обидот на Филипче да ја пренасочи дебатата кон корупцијата не е без основа, но е недоволен.
Да, Македонија мора да се справи со криминалот.
Но тоа не може да биде изговор да се отвори простор за идентитетски отстапки.
Затоа што без јасна свест за тоа кој си, ни најдобрите закони не те прават држава.
Историјата е сурова во своите пресуди. Народите не исчезнуваат преку ноќ.
Исчезнуваат постепено, кога ќе почнат да прифаќаат дека нивното име, нивниот јазик и нивната историја се предмет на договор.
Од времето на Аспарух до денес, притисокот врз македонскиот идентитет не престанал, само ја менувал формата. Денес не доаѓа со сила, туку со услови. Не со оружје, туку со протоколи.
И токму тука лежи најголемата опасност, кога тие услови почнуваат да се прифаќаат како нормалност.

Историјата на Николај Бухарин е опомена: компромисот без граница не води кон спас, туку кон распад. Кога ќе почнеш да попушташ без јасна линија, на крајот не останува ништо што можеш да го браниш.
Затоа денес не се работи само за тоа дали Македонија ќе оди кон Европа.
Се работи за тоа како ќе оди.
Дали со зачувано достоинство или со постепено откажување од себе.
Бидејќи кога државата ќе почне да го губи колективното сеќавање, тогаш веќе не губи само минато. Почнува да ја губи и иднината.

