Пишува: Слободан ТОМИЌ

„Народ што не знае да се обедини кога е најтешко, ризикува историјата повторно да му ја пишуваат други.“
Гоце Делчев

Македонија не е само во политичка криза. Македонија е во криза на свест. Држава која низ историјата опстанувала благодарение на заедништво, денес се соочува со најопасната болест, внатрешна разединетост во клучен момент.
Ова не е обична политичка пресметка, туку судир помеѓу два концепта: држава како вредност и држава како алатка.
Кога Христијан Мицкоски од Разловци, симболот на отпорот и почетокот на револуционерната мисла, повика на обединување околу фундаменталните национални прашања, тој не зборуваше како партиски лидер, туку како човек што ја разбира тежината на моментот.
Тој повик не беше за власт, туку за држава. Но наместо зрел одговор, следуваше одбивање; наместо дијалог, конфронтација.

Венко Филипче не само што го одби повикот, туку ја отфрли и самата идеја дека Македонија мора да има минимум национален консензус.
Тоа не е политичка позиција, туку опасен сигнал, затоа што држава која не може да се обедини околу основните прашања, станува лесен плен.

Додека дома се одбива дијалог, надвор се води тивка, но суштинска дипломатска битка. Гордана Сиљановска-Давкова во Љубљана отвори прашања што со години намерно се дискредитираше: дали Македонија води европски процес или процес на бесконечно условување. Нејзиниот став не беше антиевропски, туку правно аргументиран и државнички поставен, реформи да, но не и уставен инженеринг под диктат.
Токму затоа следуваа напади наместо аргументи.
Наместо дебата, повторно видовме дискредитација.
Да се тврди дека уставните измени се „единствен пат“ без јасни гаранции и без прецизни механизми, не е визија, туку ризичен експеримент со државата. Историјата веќе покажа како изгледа тој модел: една отстапка раѓа ново барање, а секое ново барање значи ново понижување. Граѓаните не се против Европа, тие се против понижување.

И токму тука Венко Филипче ја губи врската со реалноста. Наместо да го слушне стравот кај народот, тој го игнорира; наместо да гради доверба, ја троши. довербата е темел,а без кој ниедна држава не опстанува.
Денес пред Македонија стојат две јасни визии: едната е стабилна, економски силна и институционално изградена држава со достоинствен однос кон Европа; другата е држава заробена во бескрајни условувања, со разнишани институции и хронична недоверба. Првата бара обединување, втората живее од поделби. Затоа обединувањето е опасно за оние што профитираат од кризи, за оние што ја претворија државата во механизам за личен и партиски интерес, за оние што не сакаат независно судство и вистинска правна држава.
Македонија не се руши преку ноќ.
Таа се разградува тивко, кога компромисот станува правило, кога интересот станува политика и кога тишината станува согласност.
И затоа моментот денес не е обичен политички момент, туку историска точка на избор.
Не поради една одлука, туку поради насоката што ќе ја избереме.
Ова повеќе не е судир меѓу власт и опозиција.
Ова е судир меѓу Македонија што сака да опстане и Македонија што некој сака да ја држи зависна.
Повикот од Разловци не е повик на еден човек, туку повик на идеја дека Македонија мора да се обедини кога е најтешко, не околу партии, туку околу принципи: суверенитет, идентитет и правна држава.
Сè друго е политика, ова е опстанок.
Историјата нема да памети кој бил погласен.
Ќе памети кој имал храброст да се обедини кога било најтешко.
Затоа изборот е јасен: или ќе се обединиме околу фундаменталните национални интереси, или ќе продолжиме да ја губиме државата чекор по чекор.

