(Николо Макијавели)

Пишува: Слободан ТОМИЌ

Македонија денес не се наоѓа само пред дипломатски предизвик.
Таа се наоѓа во историски судир меѓу две концепции: дали ќе биде држава што достоинствено ќе се избори за место во Европа, или територија што ќе биде држена во бескраен чекалник сè додека не се откаже од сопственото име, идентитет, јазик и историска свест. Токму затоа изјавите на германскиот новинар Михаел Мартенс не се обична медиумска провокација, туку силен сигнал дека во Европа сè повеќе се препознава вистината која Македонија ја живее со години: дека дел од бугарската политика не бара компромис, туку постепено редефинирање на македонската нација.
Кога Мартенс зборува за „политика на уништување на Македонија одвнатре“, тој не зборува за класична воена или територијална агресија.
Тој зборува за нешто многу пософистицирано, процес во кој една држава е туркана сама да се преиспитува, сама да се негира и сама да се откажува од своите темели.
Тоа е најопасната форма на притисок: кога не ти бараат само политички уступки, туку промена на свеста.

Тука доаѓаме до суштинското прашање: зошто во ваков историски момент Македонија сè уште нема вистинско национално обединување?
Зошто, кога премиерот Христијан Мицкоски подава рака за заедничка национална стратегија, дел од опозицијата продолжува со клиентелистичкиот рефрен дека „уставните измени мора да се случат по секоја цена“? Политиката не е само математика на гласови. Политиката е чувство за историски момент,а денес моментот бара државничка зрелост, а не партиска калкулација.
Токму тука се отвора најголемата дилема околу однесувањето на Венко Филипче и СДСМ.

Кога една партија инсистира на внесување на Бугарите во Уставот без претходно да обезбеди јасни гаранции за македонскиот јазик, идентитет и крај на историските условувања, тогаш сосема легитимно се поставува прашањето: дали тоа е визија за Европа или страв од губење на поддршката кај надворешните центри на моќ? Затоа дел од јавноста сè почесто го доживува таквиот пристап како клиентелистички, политика во која поважно е да се задоволат туѓите очекувања отколку да се изгради внатрешен национален консензус.
Македонија не ја блокира Европа. Македонија е блокирана од Европа која со години испраќа контрадикторни пораки.
Денес дури и во самата Европска Унија расте отпорот кон двојните стандарди.

Изјавите на Петер Маѓар и Роберт Фицо се јасен знак дека дел од европските лидери веќе сфаќаат дека Балканот не може бескрајно да биде држен во чекалница додека паралелно се отвораат нови геополитички приоритети.
Кога тие велат дека земјите од Западен Балкан не смеат да бидат прескокнати, тие всушност признаваат дека Европската Унија ризикува да ја загуби сопствената кредибилност.
Иницијативата на Фридрих Мерц за нова динамика во проширувањето открива нешто многу важно: Европа знае дека сегашниот модел е неодржлив. Но истовремено, отпорот кон таа иницијатива покажува дека Унијата влегува во период на внатрешна фрагментација.
Во таква ситуација Македонија мора да игра многу внимателно.
Ако брза без гаранции, ризикува трајни национални последици.
Ако се повлече целосно, ризикува геополитичка изолација.
Затоа стратегијата на Мицкоски во моментов се темели на нешто што долго време недостасуваше во македонската политика: обид за баланс меѓу европската перспектива и зачувувањето на достоинството.
Токму затоа неговите пораки за „достоинствен пат кон ЕУ“ имаат тежина кај голем дел од народот.

Македонија првпат по долго време не настапува со наведната глава, туку со став дека европската интеграција не смее да биде синоним за национално самоодрекување.
Тоа не значи антиевропска политика.
Напротив.
Тоа значи барање Европа да ги почитува сопствените принципи.
Во исто време, огромно значење има и новата американска стратегија за Балканот.
Вашингтон јасно порачува дека завршува ерата на „градење држави“ и започнува ера на партнерства.
Тоа е драматична промена. Соединетите Американски Држави повеќе не сакаат да бидат тутор на Балканот, туку партнер на стабилни и функционални држави,а тоа директно ја става Македонија пред историски тест: дали ќе успее да се претвори во сериозен, предвидлив и стратешки партнер.
Во таа нова геополитичка архитектура, Македонија добива многу важна улога.
Не случајно САД зборуваат за енергетски коридори, инфраструктура, борба против организиран криминал и стабилност. Македонија е раскрсница.
Но раскрсница може да биде или мост, или бојно поле. Токму затоа Вашингтон инсистира на локална одговорност. Американците повеќе нема да трошат политички капитал за спасување на елити што не можат сами да создадат функционална држава.
Тука се гледа и зошто Мицкоски се обидува да ја зацврсти Македонија како кредибилен партнер и за ЕУ и за САД. Неговата политика се движи во неколку насоки: стабилизирање на институциите, економска предвидливост, јасна про-НАТО ориентација и обид за враќање на чувството дека државата има црвени линии.
Во меѓународната политика никој не почитува држава што нема сопствен став.

Но најголемата опасност за Македонија не доаѓа само однадвор.
Таа доаѓа од внатрешната поделеност. Од елити што со години го претвораа националното прашање во средство за дневнополитичко преживување.
Од партии што не можат да се издигнат над тесниот интерес. Од навиката секој што зборува за достоинство веднаш да биде прогласен за „радикал“,а вистината е спротивна: радикално е да бараш една нација бескрајно да се докажува дека постои.
Македонија денес се наоѓа меѓу три силни струи: европската неизвесност, американското геополитичко пренасочување и бугарскиот притисок за историско редефинирање.
Во такви времиња преживуваат само држави што имаат јасна национална свест и политичка зрелост.
Сè друго е рецепт за долгорочна нестабилност.
Затоа прашањето повеќе не е само дали Македонија ќе влезе во Европската Унија. Прашањето е каква Македонија ќе влезе, исправена или скршена, достоинствена или обезличена, како партнер или како предупредување за тоа што се случува кога една држава ќе почне да се откажува од самата себе.



