Колумна на Слободан ТОМИЌ – Последен повик за летот „Македонија – ЕУ“: Има ли пилот во авионот?

Македонија Свет

„Одговорноста е цената што ја плаќаме за слободата.“


Винстон Черчил
Винстон Черчил

Пишува: Слободан ТОМИЌ

Слободан ТОМИЌ

Понекогаш животот испраќа пораки посилни од сите политички говори.
Пред само неколку дена, Европа повторно беше сведок на драматичен авионски инцидент. Авион на компанијата „Рајанер“, кој летал од Солун кон Германија, беше принуден да се врати по сериозен проблем за време на летот.
Според објавените информации, 61-годишен српски патник кој патувал со својата сопруга бил повреден, а трагедијата беше избегната благодарение на присебноста на екипажот, помошта од патниците и Божјата милост.
Тоа повторно го отвора едно суштинско прашање: постои ли денес апсолутна гаранција за безбедност?
Ако ниту најразвиените европски системи не можат да понудат стопроцентна сигурност, тогаш кој може да ѝ даде гаранција на Македонија дека по сите направени реформи, можни уставни измени и политички компромиси, конечно ќе стане полноправна членка на Европската Унија?
Кој ќе гарантира дека нема повторно да се појават нови услови, нови барања и нови политички пречки?
Господ ги сочува патниците во авионот.
Но кој ќе ја сочува Македонија ако не ја сочуваме самите ние?

Од Македонија се бараат реформи.
И јас се согласувам со тоа.
Но тие реформи не треба да се прават затоа што тоа го бара Брисел, туку затоа што ѝ се потребни на Македонија.
Тие се потребни за нашите деца, за нашите внуци, за генерациите што доаѓаат по нас.

Силни институции, независно судство, борба против корупцијата, подобро образование, поквалитетно здравство и економија што создава можности за младите не се европски подарок. Тоа е наша обврска кон самите себе.
Затоа, ако утре Македонија исполни десет од десет реформи, тоа нема да биде победа на Европската Унија.
Тоа ќе биде победа на Македонија.

Но токму тука се отвора и најголемата дилема.
Македонија повеќе од две децении чекори по европскиот пат. Секоја влада испорачуваше нешто. Секоја генерација носеше свој товар. Секојпат кога ќе се доближевме до целта, се појавуваше нов услов, нова пречка, ново барање.
Затоа денес многу граѓани сосема оправдано прашуваат:
Каде е крајот на овој пат?
Кој може да гарантира дека по евентуалните уставни измени нема да следува ново барање?
Кој може да гарантира дека целта конечно нема повторно да биде поместена?
Токму затоа довербата не се гради само со барања. Довербата се гради и со предвидливост, искреност и меѓусебно почитување.
Истото важи и за Изборниот законик.

Прашањето за гласањето на дијаспората не смее да биде предмет на дневнополитички калкулации.
Македонците по род и државјанство кои живеат ширум светот се дел од македонската држава.
Тие работат, создаваат, инвестираат, испраќаат помош на своите семејства и ја претставуваат Македонија на сите континенти.
Нивното право на глас не треба да биде партиско прашање.
Тоа е демократско право.
Во многу европски држави и демократии низ светот дијаспората гласа. Затоа вистинското прашање не е дали треба да гласа, туку како тоа право да биде организирано така што ќе биде фер, транспарентно и доверливо.

Изборните правила не се сопственост ниту на власта ниту на опозицијата.
Тие се темелот на демократијата.
Но зад сите овие дебати стои уште едно многу поголемо прашање.

Дали конечно научивме дека државата не смее да биде предмет на дневнополитички пазарења?
Македонија не е фонтана на желби од која секој што ќе дојде на власт ќе земе што му одговара.
Не е гранка од која може да се кинат делови.
Не е плен што победникот го носи дома по изборите.
Не е партиска сопственост.
Државата му припаѓа на народот.
Политичарите се само привремени чувари на довербата што ја добиле од граѓаните.
Нивната задача не е да ја трошат државата, туку да ја остават посилна отколку што ја затекнале.

Во изминатите три и пол децении граѓаните премногу често гледаа како партиските интереси се ставаат пред државните.
Се менуваа влади.
Се менуваа политичари.
Се менуваа стратегии.
Но едно прашање остануваше исто:
Каде е одговорноста?
Кој одговара кога државата губи?
Кој одговара кога се носат погрешни одлуки?
Кој одговара кога националниот интерес е оштетен?

Во секоја сериозна држава законот мора да важи подеднакво за сите.
Не може обичниот граѓанин да ја чувствува целата тежина на системот, а оние што носат најголема одговорност да остануваат недопирливи.

Токму затоа народот е уморен.
Не само од ветувањата.
Туку од чувството дека правилата не важат еднакво за сите.
Европскиот пат не смее да биде бескрајна писта по која авионот постојано забрзува, а никогаш не полетува.
Власта има обврска да ги спроведува реформите.

Опозицијата има обврска да понуди решенија.
Институциите имаат обврска да функционираат,а граѓаните имаат право да бараат одговорност од сите.
Зашто Македонија е поголема од секоја влада.
Поголема од секоја партија.
Поголема од секој политичар.

На крајот, летот „Македонија, Европска Унија“ не е лет на една влада.
Не е лет на една опозиција.
Не е лет на една политичка генерација.
Тоа е лет на една држава.
Патниците одамна се качени.
Народот чека.
Историјата набљудува.
И затоа последниот повик гласи:

Патници за летот „Македонија – ЕУ“, ве молиме заземете ги своите места.
Но пред авионот конечно да полета, останува најважното прашање:

Има ли пилот во авионот?

Зашто Македонија нема потреба од совршени политичари.
Има потреба од државници.
Од луѓе што ќе разберат дека државата не е плен, туку аманет.
Дека власта е минлива, а државата трајна.
И дека авионот не е нивен.
Авионот е на народот.

Please follow and like us: