Пишува: Слободан ТОМИЌ

СКОПЈЕ, 1 август 2026
Прашањата за правниот статус на билатералните протоколи со Бугарија, улогата на Уставниот суд, евроинтегративниот процес и начините на кои македонската дијаспора ги остварува своите демократски права беа во фокусот на најновото издание на политичко-аналитичката емисија „Гласот на народот“ на телевизија Вистел, чиј автор и уредник е новинарот Слободан Томиќ.
Во деведесетминутната дебата гостуваа Лиљана Поповска, поранешна пратеничка и иницијаторка на предлогот пред Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на Вториот протокол, и Гоце Перовски, македонски активист од Германија, поранешен претседател на Интегративниот совет во Диселдорф и долгогодишен учесник во европските организации на дијаспората.
ПРАВНИ ИНИЦИЈАТИВИ ПРЕД УСТАВНИОТ СУД И ЕУ

За време на емисијата, Поповска истакна дека од Уставниот суд во Македонија се очекува правна завршница за протоколите, што би овозможило процесот да продолжи пред европските институции. Според неа, постојат јасни прекршувања на Уставот и законите, што треба да резултира со поништување на Вториот протокол за да се спречи неговата примена во домашниот правен систем.
Таа информираше дека веќе упатила отворено писмо до европратениците во врска со статусот на овие документи во однос на преговарачката рамка и дека поднела барање до Европската комисија за пристап до релевантните документи.
ПРЕКРШУВАЊЕ НА ОСНОВНИТЕ ПРИНЦИПИ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Гоце Перовски оцени дека преговарачката рамка за пристапување на Македонија, а особено Протоколот од вториот заеднички меѓувладини состанок со Бугарија од 17 јули 2022 година, е во директна спротивност со повеќе одредби од Договорот за Европската Унија (ДЕУ).
Тој посочи четири клучни члена од ДЕУ кои се доведени во прашање:
- Член 2 — Основни вредности и недискриминација;
- Член 4(2) — Обврска за почитување на националниот идентитет;
- Член 49 — Правила за пристапување и забрана за злоупотреба на правата;
- Член 21 — Кохерентност во надворешното делување на Унијата.
РЕВИЗИЈА НА ИСТОРИЈАТА И МЕЃУНАРОДНО ПРИЗНАВАЊЕ
Перовски предупреди дека мерките предвидени во третиот дел од Протоколот директно задираат во историскиот наратив преку ревизија на учебниците, спомениците и музејските материјали, како и преку следење на медиумите и приватните изјави на социјалните мрежи.
Тој потсети дека:
- Македонскиот јазик е меѓународно признат со сопствен ИСО-код.
- Германскиот Бундестаг во 2023 година експлицитно ги призна македонската култура, идентитет и јазик преку надпартиска резолуција.
УЛОГАТА НА ДИЈАСПОРАТА ВО ЕВРОПСКИТЕ ПРЕГОВОРИ

Според Перовски, правните експерти во Германија препорачуваат искористување на сите расположливи правни механизми што ги нуди правото на ЕУ, со цел преговарачката рамка да се усогласи со примарното право на Унијата.
Тој нагласи дека дијаспората е подготвена активно да се вклучи во лобирање и застапување во европските метапополи и држави, за Македонија да се врати на стандардниот процес на пристапување заснован врз принципите на европското право (acquis).

