„Вистината е како сонцето. Можеш да ја затвориш на извесно време, но таа нема да исчезне.“
— Сенека

Пишува : Слободан ТОМИЌ

Еден изолиран инцидент и очајничкиот обид за политичка конструкција
Илинден отсекогаш бил денот кога македонскиот народ го потврдува својот државотворен код, ден кога се оддава почит на жртвата и се трасира патот кон иднината.
Но, годинашниве илинденски свечености уште еднаш ја покажаа длабоката провалија меѓу народната волја и дезориентираноста на опозициската Бихаќка.
Сцената во струшкото село Ташмаруништа , историско место со длабоки корени во македонската борба, требаше да биде уште еден достоинствен пример за директна средба меѓу народниот лидер и граѓаните.
Премиерот Христијан Мицкоски, за разлика од неговите политички опоненти кои Илинден го преспаа или го одбележаа со дежурни, однапред снимени видео-пораки, беше долу, меѓу народот.
И токму таа непосредност, тој отворен пристап без страв од сопствениот народ, стана мета на однапред подготвена провокација.
Обидот на поединец под дејство на алкохол да иницира инцидент во Ташмаруништа не е ништо друго освен маргинален настан каков што се случува на секој масовен народен собир. Но, брзината со која СДСМ ја зграпчи таа провокација, обидувајќи се од неа да конструира некаков „сенароден бунт“, ја откри целата нивна политичка немоќ.
Кога опозицијата мора да се потпре на еден изолиран инцидент за да изгради дневна политика, тоа е најјасниот знак дека нема што друго да му понуди на овој народ.
„Талогот“ што сам си го пронајде сопственото име

Вистинската бура во опозициските редови не ја предизвика самиот инцидент во Ташмаруништа, туку пораката што премиерот Мицкоски ја испрати од Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.
Говорејќи за потребата од национално единство, економски просперитет и одбрана на државните интереси, премиерот упати дециден повик за прекинување на пасивностa и нихилизмот, предупредувајќи на „талогот од цинизам, омраза и дефетизам“ кој години наназад ја труе Македонија.
Интересно е што премиерот во ниту еден момент не именуваше конкретна партија или поединец.
Тој зборуваше за феномен, за општествена состојба на духот што ја кочи државата. Но, опозицијата предводена од Венко Филипче Веднаш пронајде сопствен одраз во тој опис.
Со брзина на светлината, преку соопштенија и прес-конференции, СДСМ се самопрепозна како „талогот“.
Тоа е класичен психолошки феномен: кога ќе ја кажете вистината за состојбите во една земја, оние што ја довеле до таа состојба први се јавуваат да се навредат. Наместо да понудат визија како Македонија да излезе од геополитичкиот лавиринт, тие се навредија што некој конечно ги нарече работите со нивното вистинско име.
Тротоарна политика под Скопското сонце: Говорниците на Бихаќка

Додека граѓаните се борат со последиците од повеќегодишното лошо управување, а новата Влада се обидува да ја стабилизира економијата и да постави црвени линии во надворешната политика, дежурните презентерки и портпароли на СДСМ секојдневно дефилираат под врелото скопско сонце.
Од скопските жешки улици, по однапред напишани матрици составувани во партиските кулоари, секојдневно се диктираат истите извештачени пораки. Тоа е политика без содржина, сведена на повторување фрази кои ги составуваат ботови и стратези целосно одклештени од реалноста на обичниот човек.
Додека нивното раководство летните денови ги минува на луксузни јахти по медитеранските брегови, нивните гласници во Скопје имаат задача да шират дефетизам и да ја убедат јавноста дека Македонија нема иднина доколку не прифати нови национални понижувања.
Тоа е фундаменталната разлика во политичкиот концепт:
- Едниот концепт нуди достоинство, реформи, исполнување на критериуми и директен контакт со народот во Пелинце, Крушево и Ташмаруништа.
- Другиот концепт се заснова на секојдневен нихилизам, барање дежурна кривица за сопствените порази и подготвеност за нови отстапки само за да се добие уште еден ден политичка милостина.
Македонија пред избор: Помеѓу надежта и нихилизмот

Инцидентот во Ташмаруништа и целата прашина што се подигна околу илинденските говори не се ништо повеќе од обид да се замати вистинската дебата, а вистинската дебата е: каква Македонија сакаме да градиме?
Дали сакаме држава во која секој општествен успех ќе се релативизира, а секоја потешкотија ќе се слави од страна на опозицијата, или сакаме држава со вратено достоинство, каде што владеењето на правото и економскиот развој се поставуваат како темели на опстанокот?
Притисокот врз Владата и премиерот Мицкоски да отстапат од националните црвени линии нема да престане.
Но, настаните од овој Илинден покажаа дека народот препознава кој се бори за неговите интереси на терен, а кој од луксузни јахти и преку партии,послушници се обидува да ја врати земјата во состојба на свиткан рбет.
Талогот, колку и да се подига на површината за време на бура, на крајот секогаш паѓа на дното.
Вистината и достоинството остануваат.



