Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, информира дека состојбата со пожарите на отворен простор во текот на денешниот ден повторно е алармантна и регистрирани се повеќе од 20 пожари. Поголем дел од нив се се уште активни, пожарникарите имаат полни раце со работа.
Во овој момент активен е пожарот којшто од косовска страна премина на македонска страна, некаде над селото Грачани. Како што инфомира Ангелов, тој пожар е сопрен и селото Никиштане е обезбедено.
Пожарот во овој момент се симнува кон магистралниот пат, поточно кон реката Лепенец, во насока на косовската граница. Поголем дел од пожарната линија се одвива од косовска страна, дел се одвива на македонска страна. За жал, доколку дувне северозападен ветер, граѓаните и вечерва повторно ќе го чувствуваат чадот од овој пожар, иако во однос на вчерашниот и завчерашниот ден, денес е значително намален. Очекувам до вечер да биде воспоставена целосна контрола врз овој комплексен пожар за гасење – изјави Анеглов.
Тој, исто така, информира дека на овој пожар денеска дејствувале Ер Тракторите, како и еден полициски хеликоптер.
На територијата на Скопје, има уште еден пожар на Скопска Црна Гора кај Рамно, пожар којшто, како што посочи Ангeлов, некој упорно го потпалува веќе неколку пати.
Намерно подметнат пожар повеќе од сигурно. Но генерално и над Скопска Црна Гора, но и овде зад мене, постојано имаме подметнување на пожари. На него работат скопските пожарникари со екипи на Национални шуми – изјави Ангелов.

