Пишува: Слободан ТОМИЌ

Слободан ТОМИЌ
Понекогаш политичката пропаганда не паѓа затоа што некој ќе возврати со поголем збор.
Паѓа кога зад политичката парола ќе се појават фактите.
Токму затоа и прашањето за средствата определени за одбележувањето на 35 години независност на Македонија мора да се разгледува сериозно, ладно и до крај.
Без партиско навивање.
Без политичка омраза.
Но и без политичко лицемерство.
ПРВО: ДА ГО РАЗДВОИМЕ ФАКТОТ ОД ПАРОЛАТА
Да, Владата во април 2026 година донела одлука со која на Државната лотарија ѝ било укажано да обезбеди 300 милиони денари од нераспределената добивка за 2024 година за спонзорирање на настаните поврзани со одбележувањето на 35 години независност.
Да, Државната лотарија е акционерско друштво во државна сопственост.
Да, станува збор за 300 милиони денари.
И да, јавноста има целосно право да праша:
Зошто токму толку?
Како е определена сумата?
Кој ја направил финансиската конструкција?
Кој ја избрал постапката?
Зошто јавниот повик траел само пет дена?
Зошто пристигнала само една понуда?
Кој ја оценувал понудата?
И најважно:
Дали секој денар е законски, оправдан, транспарентен и економски рационален?
Ова се легитимни прашања.
И никој не треба да бега од нив.
Но тука завршува едниот дел од приказната.
Затоа што постои и друг дел.
„ПЕТ МИЛИОНИ ЕВРА УКРАДЕНИ ОД НАРОДОТ“ НЕ Е ИСТО ШТО И „300 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ОД НЕРАСПРЕДЕЛЕНА ДОБИВКА“
Токму тука почнува проблемот со сензационалистичката политика.
Владата објасни дека средствата не претставуваат директен буџетски расход.
Директорот на Државната лотарија, Климовски, исто така објасни дека 300 милиони денари се обезбедени од нераспределена добивка на Државната лотарија и дека не станува збор за средства што директно се повлекуваат од државниот буџет.
Тоа е важна разлика.
Државната лотарија е државна компанија и токму затоа јавноста има право да знае како се управува со нејзините средства.
Но државната компанија и државниот буџет не се ист правен субјект.
Значи, ако некој сака да докаже дека се украдени или незаконски потрошени буџетски средства, тогаш мора да го докаже токму тоа.
Не е доволно политички да се изговори една голема бројка.
Не е доволно државна компанија автоматски да се изедначи со државниот буџет.
Правниот факт и политичкиот впечаток не се иста работа.
Но тоа не значи дека јавноста треба да престане да прашува.
Напротив.
ДРЖАВНАТА КОМПАНИЈА НЕ Е ПАРТИСКА КАСА

Иако средствата на Државната лотарија не се исто што и парите што во моментот се наоѓаат во државниот трезор, граѓаните имаат право да знаат како се управува со имотот на државните компании.
Кој одлучува?
По која постапка?
По кои критериуми?
Со каков јавен интерес?
Тоа е вистинското прашање.
И токму затоа:
Проверувајте го секој денар.
Проверувајте го секој договор.
Проверувајте ја секоја постапка.
Но истото правило мора да важи за сите.
А СЕГА — ДА ГО ПОСТАВИМЕ ОГЛЕДАЛОТО

Тука започнува моето прашање до Јон Фрчковски и до политичките структури кои денес оваа тема ја претставуваат како национален скандал:
Каде беше оваа чувствителност кон јавните пари во претходните години?
Каде беа истите овие драматични наслови?
Каде беше истата политичка жестина?
Каде беше истата грижа за секој денар?
Ако денес се бара секој денар од актуелната власт да биде ставен под лупа, тоа е сосема легитимно.
Но тогаш истата лупа мора да се стави и врз претходните власти.
Не селективно.
Не партиски.
Туку целосно.
ФРЧКОВСКИ И „МОРАЛНАТА“ ЛЕКЦИЈА

Јон Фрчковски има право да ја критикува Владата.
Тоа е демократија.
Но и јавноста има право да поставува прашања.
Во јавноста веќе беа објавувани информации и фотографии поврзани со употреба на кокаин, а Фрчковски во 2025 година се повлече од функцијата во Центарот за истражување и анализи на СДСМ, при што самиот напиша дека не се гордее со „грешките од минатото“ и „слабостите во младоста“.
Во 2026 година, одговарајќи на јавно прашање за кокаинот, тој изјави дека пробал еднаш и дека тогаш бил фотографиран.
Тоа не е причина некого да го прогласуваме за виновен.
Не е ниту причина за јавен линч.
Човек може да погреши.
Човек може да се промени.
Човек може да ја признае својата грешка.
Но кога истиот човек влегува во политиката и зазема позиција од која држи морални и политички лекции на другите, јавноста има право да го постави прашањето:
Дали критериумите што ги применуваме кон другите ги применуваме и кон себе?
Тоа е суштината.
Не двојниот морал.
Не јавниот линч.
Туку истиот аршин.
НЕ Е ПРОБЛЕМОТ ШТО НЕКОЈ ПРИЗНАЛ ГРЕШКА
Да бидам јасен.
Јас не сум за јавен линч.
Не сум за тоа човек доживотно да биде казнуван за грешка од младоста.
Но исто така не прифаќам некој да се поставува како безгрешен морален судија над другите, а сопственото минато да го става под заштитно стакло.
Токму тука е суштината.
Не го обвинувам Фрчковски затоа што признал грешка.
Го прашувам:
Дали истата строгост со која ја мериш власта ја применуваш и врз себе?
Тоа е демократско прашање.
И никој нема право да го забрани.
И СЕГА ДОАЃА НАЈВАЖНОТО

Ако Фрчковски денес бара од Мицкоски транспарентност,
нека ја бара.
Ако бара одговорност нека ја бара.
Ако бара отчет — нека го бара.
Но тогаш да не се плашиме од огледалото.
Нека се отворат сите книги.
За сите влади.
За сите партии.
За сите државни компании.
За сите јавни претпријатија.
За сите тендери.
За сите спонзорства.
За сите договори.
За сите советници.
За сите патувања.
За сите репрезентации.
За сите милиони.
И тогаш да видиме кој навистина сака правда, а кој сака само политички наратив.
АМЕРИКА ЈА СЛАВИ 250-ГОДИШНИНАТА, И НИКОЈ НЕ ЈА ОБВИНУВА АМЕРИКА ШТО ПОСТОИ

И тука доаѓаме до една споредба што тешко може да се заобиколи.
Во 2026 година Соединетите Американски Држави ја одбележуваат 250-годишнината од својата независност, еден од најголемите национални јубилеи во американската историја.
И да, во Америка има политички расправи.
Има критики за трошоците.
Има несогласувања околу програмите.
Има критики за начинот на кој администрацијата на Трамп ја поставува прославата.
Имаше и јавни и политички реакции за високите трошоци на дел од свеченостите, вклучително и армиската парада.
Но погледнете ја суштинската разлика.
Никој поради тоа не вели дека Америка не треба да ја слави својата независност.
Никој не ја прогласува американската 250-годишнина за национален срам.
Никој не вели:
„Не смеете да славите затоа што чини пари.“
Критиката е насочена кон власта, кон трошоците, кон организацијата и кон политизацијата — а не кон самото постоење на американската држава и нејзината историја.
Токму тука е мојата поента.
Ако Америка може да ја слави 250-годишнината од својата независност, Македонија може да ја слави 35-годишнината од својата.
Ако во Америка може да се прашува:
„Колку чини?“
„Кој плаќа?“
„Кој го организира?“
„Дали средствата се оправдани?“
— тогаш и во Македонија треба да ги поставуваме истите прашања.
Но разликата е во нешто друго:
Проверувањето на трошоците не смее да се претвори во негирање на правото на државата да ја слави сопствената независност.
Америка не се срами од својата 250-годишнина.
Ниту Македонија нема причина да се срами од својата 35-годишнина.
Проверувајте го секој денар.
Проверувајте го секој договор.
Проверувајте ја секоја постапка.
Но не ја ставајте Македонија на обвинителна клупа затоа што сака да го одбележи денот кога стана независна.
“Не е проблемот што Македонија слави.
Проблемот би бил ако некој не сака Македонија да се радува на сопствената државност.
И тука, за мене, завршува секоја политичка дилема.
На 8 Септември не слави една влада.
Не слави една партија.
Не слави еден премиер.
Слави Македонија.
Македонија е поголема од секоја власт, од секоја опозиција и од секоја дневнополитичка расправија.
А КАДЕ Е ЃОРЃИ?

И тука оваа колумна добива друга тежина.
Затоа што јас не пишувам само како новинар.
Пишувам и како татко.
Мојот син Ѓорѓи Томиќ беше прекрасен син, татко, сопруг, пријател и човек.
Човек кој живееше чесно, работеше професионално и со своето знаење и труд даде дел од себе за Македонија.
За него зборуваа луѓе од различни професии и различни средини.
Не затоа што беше мој син, туку затоа што зад себе остави име на чесен и вреден човек.
Ѓорѓи беше млад Македонец кој професионално ги следеше и обработуваше најтешките настани во современата македонска историја — од терористичките напади во Куманово и настаните од 27 април, до големите државни и политички случувања.
И затоа денес имам право да поставам едно болно прашање:
Каде беа сите оние кои денес толку гласно зборуваат за правда, правичност, чесност и морал, кога моето дете имаше потреба од нивниот глас?
Каде беше чувствителноста кон еден млад човек?
Каде беше професионалната солидарност?
Каде беше човечноста?
Кога еден човек е обвинуван, прогонуван или отстрануван од професионалниот живот, не треба да биде важно дали се вика Ѓорѓи Томиќ, дали е новинар, професионалец, син, татко или пријател.
Треба да биде важно дали му е сторена неправда,a уште поголема е мојата болка затоа што денес пред очите на јавноста остануваат прашања поврзани со последните денови од животот на мојот син и со здравствената грижа што ја добил.
Јас не барам ничија пресуда преку колумна.
Не барам никого да прогласам за виновен.
Барам вистината да не биде ставена под тепих.
Барам институциите да одговорат.
Барам фактите да се испитаат.
Барам, ако има одговорност, таа да биде утврдена по закон.
Зашто ако денес толку лесно зборуваме за морал, чесност и правда кога станува збор за политичките противници, тогаш мора да имаме храброст истите тие принципи да ги примениме и кога жртвата е човек без политичка моќ.
Ѓорѓи немаше партиска машинерија зад себе.
Немаше политичка функција.
Немаше моќ.
Имаше само својот труд, својата професија, своето семејство и своето достоинство.
И денес, кога Македонија одбележува 35 години независност, не можам да не помислам на него.
Да беше жив, Ѓорѓи денес ќе се радуваше на 35-годишнината од независноста на Македонија.
Ќе ја сакаше својата Македонија, како што ја сакаше и додека беше меѓу нас.
Но верувам и дека, како чесен и професионален човек, ќе се спротивставеше на секоја политичка искривеност, на секое понижување на вистината и на секој обид лажниот морал и лажната етика да се претстават како највисоки општествени вредности.
Зашто Ѓорѓи знаеше дека Македонија не се брани само со зборови.
Македонија се брани со вистина, со чест, со професионалност и со човечко достоинство.
И затоа ова не го пишувам само како татко.
Го пишувам како новинар кој целиот свој живот го посветил на Македонија.
Ако навистина веруваме во правда, тогаш правдата не смее да зависи од тоа кој е човекот, на која партија ѝ припаѓа или колку моќ има зад себе.
Правдата или е еднаква за сите, или не е правда
НЕМА ДВОЈНИ АРШИНИ
Јас не сум адвокат на ниту една власт.
Јас сум новинар.
И затоа мојата мерка е една:
доказот.
Ако Владата погрешила — нека одговара.
Ако постапката била неправилна — нека се исправи.
Ако има незаконитост — нека реагираат институциите.
Но ако нема незаконитост, тогаш оние што денес фрлаат најтешки обвиненија треба да имаат храброст да кажат:
„Погрешивме.“
Тоа е демократска зрелост.
Тоа е политичка одговорност.
Тоа е почит кон граѓаните.
И ЗАТОА — ФРЧКОВСКИ НЕ ГО „ПАТОСИРА“ МИЦКОСКИ

Не !
Тој отвори политичко прашање.
Владата одговори.
Државната лотарија даде свое објаснување,а сега останува јавноста да го постави најважното прашање:
Кој зборува за принцип, а кој зборува од политички интерес?
Зашто Македонија не смее повеќе да биде држава во која едните се мерат со еден аршин, а другите со друг.
Ако бараме транспарентност, бараме ја за сите.
Ако бараме одговорност,
бараме ја за сите.
Ако бараме докази бараме ги за сите.
За Мицкоски.
За Фрчковски.
За СДСМ.
За ВМРО-ДПМНЕ.
За ДУИ.
За Владата.
За опозицијата.
За сите.
Народните пари не се ни леви, ни десни.
Тие се народни.
Но исто така и обвинението не е доказ.
И политичката парола не е пресуда.
А НЕЗАВИСНОСТА?

Независноста е нешто многу поголемо од една фактура.
Поголемо од еден договор.
Поголемо од една влада.
Поголемо од една партија.
На 8 Септември не слави Мицкоски.
Не слави Филипче.
Не слави СДСМ.
Не слави ДУИ.
Слави Македонија.
И затоа:
Проверувајте ги парите.
Проверувајте ги договорите.
Проверувајте ги институциите.
Но не ја криминализирајте независноста.
Не ја претворајте 35-годишнината во партиски плен.
Не ја претворајте македонската државност во дневнополитичка сметка.
Зашто Македонија е поголема од сите нас.
И ќе остане по сите нас,а на оние што денес со големи зборови ја напаѓаат прославата, им го поставувам едноставното прашање:
Дали навистина им пречи цената на прославата — или им пречи што Македонија сè уште знае која е?
ПОСЛЕДНИОТ АРШИН
Обвинението не е доказ.
Фотографијата не е пресуда.
Политичката изјава не е судска одлука.
Но ниту моралната лекција не е монопол на оние што ја држат.
Кој сака да биде обвинител на власта, мора да биде подготвен јавноста да го праша за неговиот сопствен аршин.
Тоа не е одмазда.
Тоа е демократија.
Тоа не е политички прогон.
Тоа е јавна проверка на кредибилитетот.
И затоа, Фрчковски не го „патосира“ Мицкоски.
Можеби само ненамерно го отвори огледалото, во огледалото, секој треба прво да се погледне себеси.
МУДРА МИСЛА
„Кој сака да им суди на другите, прво мора да биде подготвен да живее според истиот закон што им го поставува ним.“
м-р Слободан ТОМИЌ


