Дизелот поскапува, бензините поевтинуваат

Македонија

Од ноќеска на полноќ нови цени на горивата. Најголема промена има кај дизелот, чија цена се зголемува за 5,50 денари за литар. Од полноќ највисоката малопродажна цена на Еуродизел БС ќе изнесува 104,50 денари за литар. Од друга страна, бензините поевтинуваат. Цената на Еуросупер БС-95 се намалува за 1,50 денар и ќе изнесува 99 денари за литар, додека Еуросупер БС-98 ќе се продава по 101 денар за литар. Намалување има и кај екстралесното масло за домаќинство. ЕЛ-1 поевтинува за 7 денари, па новата највисока цена ќе биде 102,50 денари за литар.

Кај мазутот, пак, следува поскапување. Мазут М-1 НС ќе чини 50,078 денари за килограм, што е зголемување од 1,835 денари за килограм.

Според образложението на Регулаторната комисија, промените се должат на движењето на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар и промената на курсот на денарот во однос на доларот. Во однос на претходната пресметка, референтните цени на бензините пораснале во просек за 0,960 отсто, додека кај дизелот е регистрирано зголемување од 6,772 отсто. Кај екстралесното масло зголемувањето е 5,960 отсто, а кај мазутот околу 4,084 отсто.

Во новата пресметка е применет и намален износ на акцизата од 4 денари за литар кај бензините, дизелот и екстралесното масло, согласно важечките прописи. За дизелот и екстралесното масло е применета и повластена стапка на ДДВ од 10 отсто, со што, според образложението, се обезбедува поволен даночен третман за овие горива. Новите цени претставуваат највисоки дозволени малопродажни цени. Трговците можат да ги формираат цените и под овие износи.

Please follow and like us: